ЕКСПЕРТИТЕ ПРОГНОЗИРААТ ОСЕТЕН СКОК НА ЦЕНАТА НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА В ГОДИНА
Спас во природниот гас
СВЕТСКАТА БАНКА ВО СВОЈАТА НАЈНОВА СТУДИЈА ПРЕДВИДУВА ВО НАРЕДНИОТ ПЕРИОД ДА ИМА ДВЕ ЗГОЛЕМУВАЊА НА ЦЕНАТА НА СТРУЈАТА, ПОСЕБНО ВО ЗЕМЈИТЕ ОД БАЛКАНОТ КОИ ИМААТ ХРОНИЧЕН НЕДОСТИГ КАКО ШТО Е И МАКЕДОНИЈА. ЗАТОА, БАНКАТА ПРЕПОРАЧУВА ДЕКА Е КРАЈНО ВРЕМЕ МАКЕДОНСКИТЕ ВЛАСТИ ДА ОБЕЗБЕДАТ УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ГАСОТ КАКО ЕНЕРГЕНС
На Македонија на кратки патеки и се заканува енергетска криза ако веднаш не почне да презема мерки за замена на се поскапата електрична енергија со природен гас, предупредуваат ескпертите. Нивните црни предвидувања се потврдија при отворањето на понудите на последниот тендер за купување на електрична енергија од увоз, кој покажа дека ниту една од деветте странски компании не може да ги задоволи се поголемите потреби на земјава од струја за наредните 12 месеци. Компаниите ни понудија дури 30 отсто помалку струја од вкупното количество што и е потребно на државата. Ова, според експертите, реално одговара на состојбите со електронергетскиот пазар на Балканот и пошироко и дека недостатокот на струја од година во година ќе биде се поизразен.
Како што и навестија од МЕПСО, земјава ќе има струја само до крајот на декември. На почетокот на идната година, не само што ќе се јави недостиг од овој енергенс, туку и нејзината цена осетно ќе скокне. Ако ланската просечна цена на увезена струја чинеше 36 евра за мегават-час, овој пат понудените цени се движат меѓу 44 и 69 евра за мегават-час за дневната и меѓу 23 и 43 евра за мегават-час за ноќната струја. Тоа зголемување скапо ќе го платат не само граѓаните, туку и индустриските потрошувачи.
Директорот на бугарската национална електрична компанија (НЕК), Мардик Папазјан, како што пренесува белградскиот електронски весник "Енерџиобсервер", предвидува дека електричната енергија што ќе ја испорачуваат од идната година да биде за 30 отсто поскапа. Папазјан прогнозира осебно висок скок на цената на струјата што се произведува од нуклеарката "Козлодуј", од каде се снабдува и Македонија.
"Со затворањето на третиот и четвртиот блок на "Козлодуј" кон крајот на годинава, НЕК ќе извезува само минимални количества струја. Главно во Македонија, во согласност со договорот за исплата на инвестицијата за изградба на далековод што ги поврзува двете земји. Во моментот, со приходите од извоз на електрична енергија, го компензираме недостатокот на средства од домашниот пазар, каде што струјата ја продаваме по пониски цени од реалните", објаснува Папазјан. Дури и Светската банка во својата најнова студија предвидува во наредниот период да има две зголемувања на цената на струјата. Посебно во земјите од Балканот кои имаат хроничен недостиг на струја од сопствени капацитети, како што е и Македонија. Затоа, Банката препочува дека е крајно време македонските власти да обезбедат услови за користење на гасот како енергенс и да ја реактивираат изградбата на гасоводот и гасната мрежа.
Процесот на гасификација во земјава застана уште пред десет години заради нерешениот имотен спор меѓу државното претпријатие "ГА-МА" и дистрибутерот на нафтени деривати "Макпетрол". Во тек е судски спор каде нема разврска за тоа кој е газда на гасоводот. Вангел Арнаудов, директор на секторот во "Макпетрол" тврди дека Македонија плаќа најскап гас во Европа.
"Транзитот на гасот влијае на малопродажната цена во другите земји, бидејќи таксата која "Гаспром" би требало да ја плаќа за транспорт на гасот низ териториите на тие земји ја "пребива" преку малопродажната цена", рече Арнаудов на неодамна одржаниот форум за енергетика во Скопје.
Цената на гасот во Македонија изнесува 300 долари за илјада кубни метри гас. Во Романија истата количина гас чини 230 евра, а во Полска се движи меѓу 200 и 250 евра. Арнаудов смета дека цената на гасот во Македонија може да биде и пониска ако се тргне во побрзо ширење на гасоводната мрежа.
Светлана БЛАЖЕВСКА Валентина МАРЈАНОВИЌ
http://vecer.com.mk/tekst.asp?tid=26720