За Сведенборг дознав преку некои писанија на Борхес, кој на извесен начин бил фасциниран од него, што не значи и дека го прифатил неговото учење. За мене (а тоа, верувам, важи и за претходно спомнатиот автор), читањето на Сведенборг беше повеќе како да читам дела од фантастичниот жанр со религиска тематика, во кои авторот се обидува да даде, неретко оригинални, видувања за христијанството и за некои поважни прашања поврзани со него.
Бил автор на педесетина томови, од кои половината се посветени на верата. Во другата половина се занимава со металургија, астрономија, анатомија, хемија или астрономија, каде што имал завидни резултати, за тоа време. Од многумина е сметан за Леонардо да Винчи на Северот (нацрти за летечки или подводни машини, изумител на своевиден копнен пренос на бродови, полиглот итн.).
Подоцна нешто во него се прекршува, и тој целосно се врти кон духовното, кон христијанското учење кое верува дека треба да го реформира. Достапните податоци за тоа како дошло до една ваква преобразба, наведуваат нешто што многу личи на нервен слом, на тешко психичко заболување (аудио-визуелни халуцинации и сл.). Сепак, успева доста конзистентно и прецизно да го изложи своето верско учење кое претставува надградба и надополнување на протестантските верзии на христијанството. Колку што се сеќавам (одамна имам прочитано 2-3 книги од Е. С.), тој не го отфрла христијанското тројство, но го редефинира и поинаку го разбира, но тоа редефинирање не ја разбива суштината на тројството, па затоа и не би поминал како еретик.
Сепак, кога станува збор за „животот“ по смртта, Сведенборг ептен се загрева и тврди дека патот на душата кон рајот или пеколот не завршува во моментот на физичката смрт, туку дека нејзиното право на избор е задржано и понатаму. Да, право на избор, бидејќи Е. С. смета дека Бог, кој е, нели, добар, не сака да казни или да осуди на бесконечно страдање, туку секому му го дава она што му доликува. Имено, секој си ги задржува своите навики и потреби и по смртта, кои тогаш се уште понагласени, па на зли и расипани духови секако не им е до постојано величање на Бога, филозофирање за него и дрндање на харфи, туку сакаат нешто пожестоко, како што мувата попрво би избрала некое гомно наместо дијамант. Секако, ова погоре е прилично слободно и поедноставено објаснување на верувањето на Сведенборг.
Кај него не постојат демони и ангели, односно постојат, но се работи за духови кои некогаш биле луѓе, па потоа еволуирале или застраниле.
Инаку, С. се разликува од другите секташки махери и култ-фирери по тоа што бил скромен, ненаметлив, не се рекламирал. Едноставно се посветил на пишување.
Сведенборгијанската црква, ако се' уште постои, има(ла) занемарлив број членови. Неколку десетици илјади приврзаници. Влијанието на Сведенборг повеќе се чувствува кај одреден, не толку мал број истакнати личности од литературата, уметноста и културата воопшто.
Не знам зошто во темава учењето на Сведенборг на кој било начин се поврзува со будизмот (мислам, ако веќе споредуваме, будизмот не е ни прва, ни втора опција).