Драга Кајги,
Денес заврши еден прекрасен проект кој ни донесе огромна среќа на сите! Можеби и затоа бев малку кенква цел ден, многу ми значеше овој проект, нешто што целосно ме исполни и ме врати во живот. Сакам да го продолжиме, ама имаме други проекти кои треба да се реализираат. Не велам дека овие проекти кои сега ќе ги правам ќе бидат помалку интересни или помалку корисни, баш напротив. Почнуваме нешто ново, нешто интересно. Имам позитивна трема, ама сигурна сум дека ќе биде супер. Важно состанокот помина одлично, очекувано беше. Деновиве треба да има нов за формирање на тимови, ама тоа е само формалност, веќе си знам со кого ќе работам. Дечкиве заслужено добиваат доверба за да ги реализираат проективе. Супер се! Фини, воспитани, стабилни, мили, премногу се мили, многу си ги сакам. Последниов проект ќе ми недостасува, бидејќи беше толку многу пати реализиран, но испадна уникатен. Ни кажаа дека сме успеале да го промениме од корен. Ааааах колку убави спомени!
Драга Кајги, можеби сум од ретките луѓе кои можат да се пофалат со прекрасен живот. Се` некако си е на место. Коцките сами си се склопуваат. Денес ми рекоа дека можеби е така дека целосно се вклучивме во проективе, но ние навистина сме среќлии. Ем го работиме она што го сакаме, ем супер се забавуваме, ем си добиваме супер пари за тоа. Да знаеш Кајги дека многу малку луѓе може да се пофалат со ваква убавина, ова е најголема награда од Бога. Толку многу работа требаше да се заврши за кратко време, требаше да биде напорно, арно ама се` беше лесно `ко песна. Требаше се` да се осмисли, да се организира, да се извести, да се документира, а ние имавме сила планина да поместиме. Најважно од се` е што целиот проект, исто како пролетниот, го реализиравме со насмевка, дури ни за момент не ја тргнувавме насмевката, па и убаво ни беше.
Драга, сега иде нешто потежок проект. Ќе имам многу поголема одговорност. Некои работи ќе морам подобро да ги организирам, за дечкиве да немаат маки, за да можеме вака да ги тераме и другите проекти. Се чувствувам како светот да го имам на дланка!
Сакам оваа среќа да ја споделам со некои луѓе кои никогаш нема да се вратат, ама можеби ме гледаат од небото и се радуваат на мојот успех, на мојата среќа. Премногу ми недостасуваат! Дедо и баба ми недостасуваат најмногу. Двајцата се радуваа на секој наш успех. Се радуваа многу повеќе од нас. Тие ми покажаа што значи искрено да сакаш и да се радуваш на успехот на луѓето кои ги сакаш, на луѓето за кои живееш. Ме научија да сакам искрено, со целото срце па макар и да бидам повредена. Дедо ми викаше: кога ќе сакаш, сакај со целото срце, ако те повредат, болката ќе те направи посилна. Само немој да се разочаруваш во луѓето и да се плашиш да сакаш, така ќе си ги расипеш срцето и душата. Ми викаше: Никогаш не штеди на љубов! Свесна сум дека животот е краток и дека нема време за спиење. Треба да се направат толку многу работи, а времето е толку кратко. Само тоа ми е пречка, ама тоа не зависи од мене.
Драга Кајги, ќе престанам да ти пишувам додека не сум почнала да плачам, а веќе ми се насолзија очите
Премногу сум осетлива, премногу. Луѓето многу лесно можат да ме повредат и да ме расплачат, но не губам надеж. Таму некаде има луѓе со огромно срце!!! За нив вреди да се борам!
Драга денес е голем празник. Среќен празник и за многу години нека е!