Драги пријатели,
Никако не можам да се одлучам дали јас го живеам животот сосема доволно брзо па на своите години имам чувство дека можам да донесам повеќе заклучоци на повеќе различни теми, или оние кои вистински се возрасни според својата бројка на години не живееле воопшто гледајќи ги како делуваат загубено и непронајдено далеку повеќе од мене. Можеби, и тие сфатиле многу работи, но и сфатиле дека е залудно човек да се мачи да размислува за илјада работи, да се обиде дури и да ги реши, бидејќи животот е најлесен ако го живееш како да си на постојана дрога или лекови за смирување барем. Апатично, полумртво.
Јас некако не можам да се согласам со таквиот став. Одејќи денес кон дома, со дождот кој истура, безгрижно избегнувајќи ги вирчињата, со константниот поглед и мисла на моите совршено бели патики како дома повторно ќе поминам со суво крпченце и тие ќе се вратат на нормала... ми помина низ ум мислата дека не сакам да бидам традиција во движење и не сакам да бидам статистика во мојот град. Не можам да си дозволам да подлегнам на обичниот пат на просечниот граѓанин, да ме фати параноја дека навлегувам во четвртата деценија а немам деца, дека и сам повеќе не сум дете и да признаам дека секое дете е убаво. Не, не е убаво, погледнете си ги внучињата, проклето грди знаат да бидат!!! Признајте си, понекогаш вистината е насушна.
Паѓаше дождот, ги препливавме поплавите на третиот кат. Падна снегот, ги исчистивме железата и смрзнатите шипки, преживеавме. Огреа сонцето, претера дури, ги испоставивме сите клима уреди за да не се чувствуваме ко во Бангкок, ја ископавме струјата, ги исповрзавме фреквенциите за мрежата, на самиот ден на нова година си игравме со чувствата на луѓето. Затвораме поглавје во нашите животи а тие... тие сеуште мислат дека околу нив се врти сонцето а Дедо Мраз веќе не сака да им носи подароци. Малку стана себичен откако откри дека оваа мочана 2009 го настега со уште една дебела коњска инекција случувања кои најверојатно ќе ги заборави и по име и лик, но внатре во жилите антивирусот ќе го држи, како оној пат во 2004 кога тешко се разболев од грип, го прележав саглам од месец ипол и до денес не ме фати нов.
Рандом читачу, кој и да си... поентата во животот немам поим која е бидејќи една не е сигурно, но можам да ти најдам безброј правила, принципи, вистини и совети. Една знам со сигурност и во моментов ќе ја споделам со тебе.
Не постои “Јас“ на овој свет. Она што сакаш да го кажеш кога ти доаѓа тоа зборче значи “грешам“. Исто така, не постои “ќе“ бидејќи “ќе“ е идно време од глаголот “лажам“. Никој не може да живее како степски волк, оној кој може, не ме боли гусаков за него и не мора да го чита ова ниту да ми се обраќа некогаш во животот. Многу малку луѓе во нашите животи се вистински важни и знајте дека со нив не постојат зборчињата од погоре. Глупиот конзервативен татко, навидум модерната но исто толку ретардирана мајка, некои луѓе во блиската околина кои претерано ви се драги... изгубрени се како вас, но бидете вие оние кои цврсто знаат да стојат на нозе, заложете се за нив, сторете се` да биде нивниот живот поубав, макар на сметка на вашиот, зашто пред да умрете, во оној миг кога нема да можете да сторите ама баш ништо освен да си го допрете пупакот со двете раце ќе ви биде мака дека умирате сами без да ги направите среќни. Не бидете Дедо Мраз, и онака не постои, бидете свои, сторете нешто убаво за нив.
Да... се сложувам. Постои и љубовта на вашиот живот. Како ќе знаете дали е љубовта на вашиот живот? Најверојатно ја мразите. Ако не ја мразите, ќе дојде мигот, ако никако не доаѓа, бидете трпеливи и усреќувајте ги оние кои ги сакате околу вас.
Варијанта два. Ако не ја мразите, и немате намера да ја мразите, ве молам кажете ми на кое дрво таа љубов расте, бидејќи ако плодови од неа постојат сакам да ги вкусам, а драги мои, ако овој песочен часовник некогаш за мене запре и мигот не мрдне од оној кој јас го посакувам ќе дојдам на сечиј ваш праг да ви побарам прошка за моето неверување во овој миг, бидејќи и најцврстите верници ставаат дланка на својата слепоочница и со палецот притискаат со надеж дека ќе направат дупка и Исус ќе влезе да им го парализира мозокот и повторно исполни срцето. Сакам да грешам, сакам да се покајам, сакам да се исправам гордо потоа и да речам... In your face World!!!
Да, живеам со сонови и не сакам да ги оставам, сеуште сонувам дека ќе го видам Сибир и сеуште се надевам дека ќе живеам безгрижно. Сеуште се надевам дека моите ќе бидат здрави и живи и никогаш, никогаш нема да престанам да верувам во човечката насмевка и благодетот нејзин. Наречиме луд и глупав, верувам и во себе и во мојата толку лесно кршлива волја дека патот е вистински, и не скршнувам лево или десно ги рушам сите барикади кои доаѓаат бидејќи така и треба. И ти, рандом читачу, очекувај и тебе да те срушам или да загинам обидувајќи се, бидејќи повеќе отстапки нема, зар да бидам и јас Македонија со праг на толеранција до зад Карпатите и назад? Благодарам, добри сме ние дома, како сте вие?
Годинава беше оток искрено да ви кажам. Неколку фијаска, неколку убавици и два дена стара реченица на моја адреса “не можам сега, дојди покасно“.
Срциња скопски шмизловски кои се плашат да не им ја земе душата фотоапаратот. Кој вели дека потекнуваме од Александар, сигурно сме потомци на Бикот кој седи.
Годинава беше социјално тешко болна и професионално разиграна. Една работа е добра во неа, нема да се повтори. Не можам да се сетам всушност каде замина цела една година, каде ми се деновите, каде ми се активностите, речиси ниту една глупост не направив. Добро, лажам.
Само, некако чувствувам... а мене интуицијата не ме лаже речиси никогаш, дека оваа деценија ќе биде далеку по спектакуларна. Можеби не целосно, но 2010 дефиитвно ќе биде година на последни отчукувања на климави емоции. Во неа ќе има крв, страст и решавање долгови. А некои ги влечам ехееее, речиси од минатиот милениум.
Его. Тоа останува од нас кога рацете и нозете веќе немаат што да кажат врз туѓото тело, кога биле пријателски или настроени да повредат. Его. Целата фама на чувства исчезнува под овие три букви. Исчезнува бидејќи тие се претвораат во раствор од вода и крв вбризгана директно во тој стаклен сад, го гледаш како плива хаотично, ни самата крв нема поим дека се разредува и ја губи својата смисла, станува непотребна смеса која само ја уништува косисноста и на едното и на другото. Се бориш со френетични напади, склопчени пози од депресивни ќошеви на твојот некогаш топол дом, хистерични изливи на неартикулирани емоции, на момент напади на смеење и солзи кои истовремено течат давајќи му на умот до знаење дека и тие си го чекаат својот ред, констатираш длабока тага која поминува по две седмици и наеднаш настапува мир кој по два дена се претвора во разбеснета лутина и омраза но на крајот останува... Его.
Не секогаш бесмисленоста може да се игнорира и човек да се посвети на оние кои ги сака, знам, па заглавувам и сам во баналности и погледи врз луѓе кои не ми значат осудувајќи ги нивните навики да преминуваат улица на црвено. Пострашно, си дозволувам дури и да ги обвинам луѓето кои ги сакам за воркохолизам и амбиции кои можеби се нерални и да ги наречам неприземни и одлетани не приметувајќи и сам дека сум одлетан во самите моменти кога пропагирам сталоженост и цврсто газење по земјата. Но хеј, како што Сет велеше, “прави како велам, не како јас правам“.
Запознав една девојка. Малку е... па... мислам, совршена е. Кој сака совршени луѓе всушност? Не знам за другите мажи, ама јас дефинитвно можам да заклучам и да речам... ако се сите мажи како мене, девојки, не мора да бидете совршено вајани, да имате беспрекорен стил на облекување, да бидете одлични бакнувачи... пробајте да откачите некоја жичка, бидејќи ако не сте малку damaged, не сте интересни.
Шо да ви кажам, јануари ќе патувам малку, во февруари малку ќе се допишуваме, малку ќе направиме нови планови за инвестирање во сопствената иднина, и ќе смениме работно место. Бурна прва третина. До роденденот на Дорин треба да имам удрено темели за вистинско уживање пролетва...
Поздрав и острете ги ножевите, јас сеуште ја имам безбол палката, па вие видете кај сте. :helou: