Драга,
Конечно ми заврши оној хаотичен распоред на работа од 04:00 до 23:00. Знаев дека е последниот ваков ден па вчера со фудбалот се опуштив и денес денов ми почна малце хаотично. Се успав, нетипично за мене. Во целиот тој хаос успеав да закаснам на состанок. А, кога ќе тргне нешто наопаку нема крај. Успеав да ја бутнам чинијата со овесни снегулки, па на состанок се смешкав иако целиот бев потопен у млеко. Си чекав да заврши состанокот, а млекото се цедеше од сите страни.
Оној лошиот колега што го имам нема да дочека да му истече договорот па ќе си лета од работа на крајов од месецот. Направи хаос со годишните одмори, ама нема везе.
Денов сум скроз аут и негативен до бесвест, а не ми ми беше јасно зошто. Муабетот на Маја од погоре малку ме потсети на татко ми, па ми текна и видов дека е 12ти Јули. Ден што 15 години со моите одевме на одмор. Татко ми тогаш имаше одмор па се ориентиравме по него. Сите ми викаат дека личам на мајка ми, а карактерно сум на татко ми. Тоа го приметив пред некоја година, затоа што станав зависник од работа како што беше и он. Сеуште не ми е верно дека поминаа 8 години откако го нема. Толку беше внесен у работата што и на работа си почина. Не сме имале порано многу, ама секоја година обавезно идевме на одмор. Од скромно во приколки, некогаш Дојран, па се до Турција и Шпанија.
Луд беше по спорт нема што не сакаше и пратеше, од фудбал и баскет до снукер и скијање. Ама многу се каравме. Јас Јунајтед он Ливерпул, јас Надал он Федерер, јас Алонсо он Шумахер, не знам дали само инат ми водеше или јас му водев на него. Единствено околу Вардар се сложувавме.
Работеше супер работа, па скоро секој викенд беше слободен. Од понеделник до петок се можеше да има на телевизија, ама викендот беше за спорт. Не беше некој што следи еден тим туку сакаше да гледа само квалитетни утакмици. Ако еден тим највеќе поштуваше беше Интер, ја па инат му водев му викам за Рома сум. Еве 8 години поминаа, спорт веќе и ретко пратам освен ако не е Ф1, Јунајтед или Вардар. На целово Европско дали 4-5 утакмици изгледав вклучувајќи ги и оние на нашата репрезентација. Нема некаков драж. A, да бидам и искрен ми фалат оние расправии што на крај се префрлаа у лекции и истории од спорт.
Некои небитни викенди и дешавки памтам ко на пример 2007 кога Рома го победи Интер на гости 1-3. Нула од љубов имав спрема Рома ама сакав инат да му водам. Памтам Перота и Касети дадоа гол и мислам Тоти. Скроз небитно ама памтам колку урлавме по дома и двајцата. Истата таа сезона конечно Алонсо освои титула и го бутна омразениот Шумахер. Не можеше да разбере како можам да го хејтам Шумахер. И цел живот ми збореше "абе како можеш Надал да го сакаш види го у газ си брцa", и ден денес ги слушам истите муабети и увек ме потсеќаат на него.
Како дете беше шампион во некое натпреварување за скијање. 5 пати има нога скршено. Мајка ми развод од него ќе барала јас уште ни година не сум имал ме однел у Маврово на скијање. Ме држи у раце и скијал. На 13 години ме однесе на Церипашина да скијаме. У маало другари ми звонат ми викаат ај на баскет/фудбал дои со татко ти сме играме. Ја копук мал уште не знаев газ да си избришам ме однесе на Продиџи концерт во први редови.
Во кола ја до 18 години не се качив, а он беше гуру за се што е околу автомобилизам. Работата му беше таква нема што не знаеше за нив. Ми викаше ти бе никад нема да положиш за кола труп си, не знаеш што е кочница што гас. И го снема во најбитниот дел од мојот живот. Умре некој дел во мене што 8 години сум у фазон да ама кур ме боли дали ќе изгубам некој или не. Беше најбитната фигура во мојот живот, и сум си рекол ако можам без него ќе можам и без сите.
Многу имам да ти кажам, ама немам таква прилика... само да знаеш од прва положив за кола, иам супер работа, со скијање не продужив, Јунајтед тапа титули од кога те нема, а Ливерпул ти освои. Бев на Монца гледав Ф1 у живо, Алонсо го нема на мапа ниту титула освои, ама твојот Хамилтон парче направи. Вардар стана неколку пати шампион и у Келн кревавме пехар. Продиџи им бев 2 пати на концерт од кога те нема, и сеуште сметам дека Пантера се ужас од бенд. Шумахер е у кома, ама не го менува фактот дека го мразам како возач.
Ќе пијам едно виски за тебе сега.