Кајгич,
Малку ќе изгледа ко клише и ко оној вицот "многу било убаво бурек да се јаде, бате ми кажуваше, гледал кај што јадат", но морам да пишувам во трето лице:
Еден познаник, во сега веќе далечната 2007 се најде на еден крстопат не знаејќи во која насока да продолжи. На едната страна беше комфорна зона, она на кое се беше навикнал, колку и да изгледаше мизерно, очајно, и колку и да знаеше дека ќе го направи несреќен и него, и неговите блиски. Но беше лесно, не требаше напор, и некако се наметнуваше како очигледен избор. На другата страна беше сосема нов пат, но со многу препреки, трнлив пат по кој тогаш ретко кој се нафаќаше да тргне (денес, за жал, ретки се патниците на него). Ако продолжеше таму, знаеше дека ќе биде тешко, дека мора да оди сам, дека на тој пат нема пријатели и роднини кои ќе му помогнат и ќе му дадат вода ако сонцето премногу пече или утеха ако се насобере многу горчина во душата. Тежок беше патот, но водеше некаде. Оној првиот беше ќор сокак. Пријателчево се одлучи да продолжи сам, на потешкиот начин. И беше дупло потешко од што очекуваше дека ќе биде. Успеваше да живурка некако, да врзе крај со крај без никој, никогаш, за ништо да му помогне. И тој сам никому, никогаш и за ништо не побара помош. Но стискаше заби, се пробиваше низ трње и капини, крвареше, паѓаше, стануваше, и веруваше. Веруваше во едно подобро утре, и никогаш не се покаја што го избрал потешкиот пат, без колебање грабеше напред. На патот научи многу животни лекции, и со нивна помош, го изоде до крај.
Го среќавам, понекогаш, онака, склопчен во креветот, со изгаснато светло, присетувајќи се на изборите што ги направил. И во темнината тешко дека некој може да распознае дали се смее или плаче. Но јас знам дека широка насмевка се шири на неговото лице. Зашто сега веќе не е сам. Има прекрасно семејство што го сака (тој нив ги обожува), има нови пријатели од кои не очекува многу зашто сите стари пријатели го разочарале, но сепак ги сака, има создадено доволно за една спокојна живеачка (и се уште создава, и горд е на тоа), и најважно од се, побогат е за цел еден живот кој го оставил зад себе. И горд е на се што поминал.
Инаку, денес патот што го одеше е подрасчистен. Многу полесно се изодува. Но пешаци има се помалце и помалце, зашто повеќето го одбираат или првиот пат, оној лесниот, или скршнуваат по некои полски патчиња и се губат некаде во шумата. И жално е. Зашто во иднина ќе има се помалку луѓе што со гордост ќе кажуваат каков пат изоделе... како него.