Нови инциденти во Солун, демонстрации во неколку градови
08.12.2008 12:16
Денес околу 300 студенти и ученици уништија автомобили и искршија излози на неколку продавници
Нови инциденти избувнаа денеска во Солун каде што околу 300 студенти и ученици уништија автомобили и искршија излози на неколку продавници, протестирајќи против смртта на 15-годишното момче Андреас Григоропулос убиено завчера од полицијата во централниот атински кварт Екзархија.
Протестни митинзи на ученици денеска се одржуваат на централните улици во Солун, Атина, Пиреја и во други градови во знак на протест против смртта на момчето.
Во меѓувреме, Радио Атина јави дека инциденти вчера имало и во градовите Кавала, Волос, Јанина, Пара, Ираклион, Ханја, Ретимно и Триполи, како и на други места во кои се опожарени банки, автомобили, полициски возила, канцеларии, продавници итн.
Во нередите во Атина и Солун поради убиството на тинејџерот се повредени 34 лица, а 20 луѓе се приведени, соопшти полицијата.
Уапсени двајца грчки полицајци за убиство на тинејџерот
Едниот полицаец е уапсен за убиство, другиот за соучество во убиството
Уапсени се двајца грчки полицајци, од кои едниот пукал и го убил 15-годишното момче во саботата навечер во Атина, при судир со група млади анархисти.
Едниот е уапсен за убиство, другиот за соучество во убиството. Епаминондас Корконеас, (37) истрелал три куршуми од кои што едниот го погодил момчето Андреас Григоропулос.
Обвинителот покренал обвинение за соучество во убиство против Василис Саралиотис (31) кој бил заедно со Корконеас во полициското возило кога дошло до судир со група млади анархисти.
„Фајненшл тајмс“: Најголем бран насилства во Грција по Втората светска војна
Убиството на еден 15-годишен тинејџер кого полицијата го застрела во Атина во саботата предизвика силен бран демонстрации и насилства во Грција, најголеми по завршувањето на Втората светска војна, пишува лондонски „Фајненшл тајмс“.
Весникот наведува дека насилствата се поголеми и од студентските протести против грчката воена хунта во 70-тите години на 20 век
Како што јави дописникот на МИА од Лондон, весникот наведува дека насилствата што и се случуваат на Грција од тогаш, а продолжуваат и понатаму, се дури поголеми и од студентските протести против грчката воена хунта во седумдесеттите години на 20 век. Тие демонстрации на студентите беа краткотрајни, откако тенк на грчката армија упадна во универзитетскиот камп во Атина и притоа беа убиени 40 луѓе.
Немирите од тоа време, што ја обележја грцката политика од поголемиот дел на минатиот век се веќе дел од историјата на оваа балканска земја, но во Грција постојано се зголемува незадоволството од се поголемиот јаз меѓу богатите и сиромашните.
Официјалните статистички податоци покажуваат дека секој петти жител на Грција живее под границата на сиромаштијата додека голем број млади луѓе се чувствуваат дезориентирани мислејќи дека за нив нема што да очекуваат од иднината.
Британските медиуми јавуваат дека грчкиот премиер Костас Караманлис се извинил јавно за убиството на младото момче, син на еден банкарски менаџер, но дека и покрај тоа продолжува бранот протести. Демонстрантите веќе се судрија со полицијата во речиси сите поголеми градови ширум Грција, а левичарските студенти учествуваа во неколку пресметки со полициските специјалци.
A1