Една добра работа од клонирањето
УСПЕХ НА ТИМ БРИТАНСКИ НАУЧНИЦИ
Клонирана коса - најнов третман против ќелавост Револуционерната терапија,фоликуларна имплантација,ќе овозможи производство на неограничено количество коса и целиот процес ќе чини поевтино од досегашните третмани на пресадување фоликули
Третманите за пресадување коса, што денес чинат многу и досега се сметаа за еден од најдобрите начини за решавање на проблемите со опаѓањето коса и појавата на ќелавост, набрзо ќе бидат заменети со терапијата што се нарекува фоликуларна имплантација, јавува британскиот весник „Тајмс“. Милиони мажи и жени што прерано оќелавеле, за пет години повторно ќе можат да се гордеат со својата бујна коса бидејќи научниците дотогаш ќе го усовршат клонирањето коса во лабораторија. Револуционерната терапија, што е наречена фоликуларна имплантација, ја претстави тимот британски научници на неодамнешната конференција во Рим, а веќе е тестирана врз луѓе и се покажала многу успешна. Успехот на тимот научници британската влада го наградила со околу два милиона фунти, кои ќе бидат наменети за продолжување на истражувањата.
Клеточната терапија ќе овозможи производство практично на неограничено количество коса и на тој начин ќе им помогне не само на ќелавите луѓе во средните години туку и на тие што настрадале во пожари или ја изгубиле косата поради разни болести како што е ракот. Досегашните резултатите од тестирањето покажуваат дека најмалку две третини од пациентите по шест месеци имаат повеќе коса доколку скалпот се стимулира со абразија, симнување на површинските делови - објаснува шефот на истражувањето д-р Бесам Фарџо, претседател на Меѓународното здружение на хирурзите за пресадување коса. На пациентите од задниот дел од главата, на кој има најмногу коса, а е и најгуста, се двојат клетки задолжени за раст на влакното. Потоа во лабораторија клетките се мултиплицираат до милионско количество и се всадуваат во скалпот. Всадените клетки го стимулираат производството на новите фоликули на косата или, пак, ги подмладуваат оние што престанале да произведуваат влакна. Во период од осум недели можеме да произведеме милиони клетки, што значи дека се доволно само стотина основни клетки за илјадници нови влакна. Притоа е важно и да се комбинираат клетките од кои растат влакна со кератиноцитите, клетки што произведуваат кератин, „градежен“ материјал од кој е составено секое влакно - вели Фарџо. Д-р Фарџо се надева дека на тој начин ќе може да се добие вистинска коса, која потоа целата се пресадува, наместо како досегашната пракса на всадување на по еден фоликул во скалпот, што пак и чини многу скапо, односно еден фоликул достигнува цена и до шест евра, а еден таков третман чини и до пет илјади евра. Инаку, статистичките податоци покажуваат дека од неколку видови ќелавост, односно алопеција, страдаат околу 40 отсто од мажите постари од 50 години.