Официјалниот сајт на Кошаркарската федерација го објави дневниот здраствен билтен во нашата селекција, пред последниот дуел со Русија во нашиот тим тројца се жалат на повреди. Најлоша е состојбата на Гечевски, за жал тој нема да може да им помогне на момците во црвено-жолто.
И покрај огромната желба, Тодор Гечевски сепак нема да може да настапи на денешниот дуел. Нашиот центар е под постојан надзор на лекарскиот тим, кој според последните испитувања дефинираше дека настапот против Русија е невозможен.
Резултатите од испитувањата велат дека станува збор за фрактура во зглобот на левата рака, со што под голем знак прашалник се става и неговиот настап до крајот на Евробаскетот.
Предраг Самарџиски се здоби со силен удар во коленото на натпреварот против Словенија, кој резултираше со голем оток и болка која ги ограничува неговите движења. Лекарскиот тим на репрезентацијата прави големи напори да го оспособи Самарџиски за дуелот вечерва, но неговиот настап е се уште неизвесен.
Лестер Бо Мекејлеб и натаму чувствува болки во пределот на ‘рбетот. Плејмејкерот на Македонија е под постојан надзор од лекарскиот тим за санација на болното место, но не би требало да има проблеми во однос на настапот вечерва против Русија.
Останатите играчи се чувствуваат добро, а како единствен проблем се јавува уморот поради густиот распоред на Првенството. До крајот на шампионатот, Македонија ќе одигра уште четири натпревари.