Второ тромесечие од бременост

Олимпија

Македонија во срцето!!!
Член од
26 март 2008
Мислења
5.624
Поени од реакции
9.146
После прво тромесечие, влегувате во второ тромесечие од бременост.
Второто тромесечие носи одредено чувство на олеснување во однос на тегобите кои се присутни во текот на првите три месеци од бременоста. Епизодите на гадење и повраќање се веќе минато, а бебето во овој период сеуште не е толку големо за да пречи на нормалното функционирање на органите во стомачната празнина. Сепак, овој период од бременоста се карактеризира со значајни промени на телото на бремената жена.
Во текот на второто тромесечие матката почнува поизразено да расте. Така и вашиот стомак постепено расте. Може да очекувате покачување на телесната тежина за околу 2 kg месечно до крајот на бременоста. Идеално е тежината на родликата да се зголеми од 9 -11 kg во текот на целата бременост. Под дејство на хормоните, во бременоста доаѓа до зголемување на млечните жлезди и наталожување на повеќе масно ткиво во градите. Напнатоста на дојките е намалена, но пупките се сеуште осетливи.
Со растењето на стомакот и градите во овој триместар се појавуваат и стриите. Тие најчесто се во вид на розови, црвеникави или виолетови линии на кожата. Може да ги забележите на стомакот, на дојките и надлактиците, како и во пределот на бутините. Постојат повеќе средства за третман на стрии. Тие придонесуваат стриите да избледат и да не остават траги по породувањето.

Бракстон-Хиксовите контракции се покарактеристични за третото тромесечие, но и во второто се нормална појава. Настануваат повремено и со нив матката се подготвува за породувањето. Овие контракции се слаби и се чувствуваат во долниот дел на стомакот и во препоните. Доколку контракциите се болни и се повторуваат во правилен интервал неопходно е да се јавите на доктор, бидејќи во тој случај постои опасност од предвремено породување.

Во овој период, под дејство на хормоните, доаѓа до зголемен проток и значајно проширување на крвните садови во телото. Во овој период често настапуваат епизоди на вртоглавица. При тоа најдобро е да внесувате повеќе течности, полека да станувате од седечка или лежечка положба и кога лежите во кревет да лежите на левата страна.

Бебето кое расте го притиска мочниот меур и предизвикува побавно ослободување на урината и погодни услови за развој на уринарна инфекција кај трудниците во ова тромесечие. Доколку често мокрите, имате тегоби при мокрењето во вид на печење и болка во долниот дел на стомакот или болки во половината, мора да се јавите на доктор. Нелекуваната уринарна инфекција претставува значајна закана за мајката и плодот и мора да се лечи квалитетно и упорно.

Во вториот триместар со зголемување на протокот на крв во кожата доаѓа до потемнување на некои регии на телото (хиперпигментација), како што е кожата околу пупките, делови од лицето (мелазма), а се појавува и една карактеристична темна вертикална линија под папокот до срамните влакна. Кожата станува поосетлива на сончевите зраци. Зголемениот проток на крв во слузокожата доведува до зголемено лачење на слуз и затнување на носот, зголемено создавање на плунка (хиперсаливација). Може да настане и крварење од носот и гингивите при четкање на забите. Заменета ја старата четка за заби со нова, помека, и оваа појава може да се намали.
Потиснување на вените кои ја враќаат крвта од нозете кон телото може да предизвика отоци и грчеви во нозете. И хормоните во текот на бременоста делуваат на вените кои се порелаксирани. Доколку го истегнете мускулот кој е зафатен или пропешачите може да ја ублажите оваа појава. Во текот на овој триместар се јавува забрзано дишење и чувство на недостаток на воздух, како резултат на поголемиот проток на крв во белите дробови. Сега мајката дише и за неа и за бебето, а преку плацентата кислородот преминува во крвотокот на бебето.

Во овој период може да забележите и тенок бел секрет од вагината. Се смета дека овој секрет го спречува населувањето на бактерии и габички во вагината. Доколку секретот има непријатен мирис, стане зелен или жолтеникав или е придружен со црвенило и чешање локално, неопходно е да се јавите кај вашиот доктор, поради опасност од вагинална инфекција.

Овде може да споделувате искуства, случки и мислења од второ тромесечие од бременост (13-27 недела)
 

Kajgana Shop

На врв Bottom