Претпоставувам дека и сега требаше да биде така. Таква е љубовта. На почетокот многумина ти кажуваат за неа, дека е добра, дека ќе ти се свиѓа, дека има потенцијал, дека не е како другите за кои мрчиш, или кои те разочарале, дека е нешто стварно посебно.
Со емпиризмот како твој заштитник, влегуваш полека, на прсти. Ја запознаваш. На почетокот те збунуваат толкуте многу карактери што се содржат во неа. Комплексна е, има насобрано толку приказни, толку настани, огромни ледени ѕидови кои се пречка и кои ги кријат снежните демони, но и прекрасни пространства, градови, чуда и магии. Огнени магии. Цел еден измислен универзум во кој се содржат сите човекови природи. Од оние крволочните, предавничките, злобните, завидливите па се до чесните, лојалните, непоткупливите, принципиелните.
Флертуваш, тестираш вода со секое следно гледање, со секоја следна епизода. Интересот станува се поголем и се претвора во пасија, пасијата во (некоја блага) опсесија. Поминува година, две, три. Четвртата веќе почнуваат пукнатините. Се уште си во прекрасно возење, само тече по малце уље ваму-таму. Ништо страшно за сега Еден ролекостер од доживувања и емоции, убави, гради, еротски, езотерични, религиски, фармаколошко-отровни, доминантни, субмисивни, дволични, многулични, кризно-идентитетски, што ти душа сака и не сака. Понатаму проблемите стануваат поголеми, после 5-тата година. Почнува да се однесува нелогично, ирационално. Почнуваш да се смееш на работи кои не биле наменети за смеење и да се фаќаш за глава за секоја глупост што ја прави, а ја прави се почесто и следната е се поголема од претходната. Не беше вака на почетокот, што ли се случи? Иде шестата, седмата година. Од ден на ден сфаќаш дека крајот се приближува. И одненадеж тој крај се одложува за една година, си викаш ај таман една година рок плус, може работите ќе се вратат на старо, стариот жар, старата креативна моќ, ќе се врати целиот карактер што ја правеше неа незаменлива. И секако на крајот те разочарува, те измамува и те изневерува на начин со којшто ти ја вреѓа интелегенцијата. И сега некој ќе праша-Епа зошто не си прекинал претходно? Шо знам, може затоа што нада умире задња (освен ако не е мажена со Киро), може затоа што возењето било првично добро па осеќаш некоја внатрешна потреба да го истераш до крај, а може и затоа што си се помирил со сите глупости што се случиле по пат и на крајот дур можеш сакаш само да ги исцедиш убавите работи пред да биде завршено се. Што би рекла Елена Ристеска-Сакам по добро да те памтам. Разочаран? Не. Да беше прва или меѓу првите, да бев помлад, веројатно би бил многу повеќе. Вака, се пушташ низводно, уживаш попатно, знаејќи дека нема секогаш да биде ни добро, ни вечно. Епа, убаво беше додека траеше. Девет години еј...