Не сум добра. Знам дека не те интересира, но се надевам дека ќе допре до тебе. Боли да гледам кога ме одминуваш. Сакам да застанеш до мене да ме прашаш како сум и да ме прегрнеш како оној пат... веќе одамна. Зошто не успеав да се сменам, да пораснам и да продолжам? Толку е апсурдно се. Би сакала да почувствуваш барем дел од ова што јас го чувствувам. Ова не го правам затоа што јас сакам така. Едноставно срцево успеа да ме надвладее и веќе со години сум само сенка од себе. Најголемите љубови се тешки. Оваа е тешка, невозможна, забранета. Ти остави толку голема рана во мене што се сомневам дека некогаш ќе зарасне. Не знам кого да проколнувам, себе или тебе. Прашуваат што се случи со мене, сите што знаат за тебе ме молат да престанам, да се оддалечам, затоа што ја изгубија онаа весела девојка која ја знаеја, онаа која се будеше и заспиваше со насмевка, не можат веќе ни да ме гледаат ни да ме слушаат, како плачам и се уништувам. Гладна сум за твојата љубов иако знам дека никогаш, ама никогаш нема да ми биде возвратена и најверојатно и понатаму ќе добивам само осудувачки погледи и зборување за грб. Но и јас сум крива затоа што не знаев да бидам задоволна со она што го добивав од тебе и бев лакома за уште, а сега немам ништо, сега можам само оддалеку да те гледам и да се молам да помислиш на мене барем понекогаш. Толку сум уморна, исцрпена... Се чувствувам како да те носам насекаде со мене, како огромен товар кој од ден на ден се повеќе ми натежнува. Најтешко ми е кога се сеќавам на убавите денови со тебе и тогаш не ни претпоставувам дека ќе биде така, мислев дека сум семоќна и дека можам да те задржам и покрај сите проблеми кои ги направив. Сега можеби сум ти и одвратна, или ме мразиш, но подобро да биде така отколку за тебе да сум само едната од многуте лица кои ги гледаш секој ден и чие име го забораваш за половина час. Се сеќавам кога ме молеше да бидам искрена со тебе, а кога го слушна тоа што требаше ти ми сврте грб и ми ја затвори вратата засекогаш, твојот ладен поглед и зборови полни со осудување ме оставија полужива, на работ. Сакам да почнам од почеток и да преживеам се со тебе барем уште еднаш. Уште еднаш да ме фатиш за рака и да ми кажеш дека се ќе биде во ред. Не можам да ти опишам колку ми фали се со тебе. Не можам да дишам и не можам да живеам и секој ден е борба за мене, но ти не го сфаќаш тоа, или се оддалечуваш од мене уште повеќе со надеж дека ќе ми помогнеш така. Но не ми помагаш, ти ме убиваш. И покрај се, само ти си во моето проклето срце, не знам ни дали се каам за тоа, ти си и најдоброто и најлошото нешто во мојот живот. Погледни ме барем уште еднаш, без тебе се е студено и темно. Не ми е гајле што сите знаат и зборуваат. Ништо друго не ми е важно во животов. Се молам за барем уште една секунда да бидам блиску до тебе...