ШЕФОТ НА БУГАРСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ
Николај Николов: „Најтешко беше кога ги пребарувавме однесените автомобили да не има во нив загинати“
Бугарските тимови од пожарникари и спасувачи беа првите странски тимови кои пристигнаа во Скопје и скопскиот регион по невремето и поплавата во саботата вечерта. За неколку дена успеаја да испумпаат вода од над 150 поплавени куќи, а беа вклучени и во операциите за пронаоѓање на исчезнати лица.
„Кога дојдовме ситуацијата беше многу лоша, глетката страшна. Многу вода, настрадани луѓе, кои бараат поддршка и кои очекуваат помош. Она што ми остави силен впечаток е дека во таква тешка ситуација, поплавени куќи, расфрлани автомобили, многу кал, песок и без електрична енергија, луѓето беа подготвени да им помогнат на најтешко настраданите. Самите граѓани се организираа“, раскажува за МКД.мк командирот на бугарските пожарникари Николај Николов.
Во Македонија дошле по налог на премиерот Бојко Борисов, кој го повикал два часа после првите вести за поплавата и побарал од него веднаш да се екипира за да им се помогне на граѓаните на Скопје.
„Ние бевме четири екипи, две екипи со 13 пожарникари и уште две екипи на Софиската дирекција „Сигурност“ со седум спасувачи. Задачите кои ги добивме беа да се вклучиме во операциите за пронаоѓање на исчезнати лици и потрага по евентуално затрупани од калта и втората задача беше да се вклучиме во одводнувањето на куќите“, вели Николов.
Од Бугарија официјално дошле четири екипи, имало раководители на тие екипи, а координатор бил шефот на кабинетот на премиерот Борисов. Во поплавените подрачја дошле и бугарски доброволци, вклучувајќи и двајца пратеници кои се вклучиле во расшистувањето.
„Најтешките моменти беа кога ги проверуваме однесените автомибили и неизвесноста дали во нив има загинати луѓе. Се разбира дека е лошо да се гледаат и реките кал што минале низ куќите, но таа ситуацијата, иако тешка, се поправа, а загубените човечки животи не се враќаат. Тоа не се споредува“, додава Николов.
Една од задачите била да се најде 12-годишното девојче во реон што им бил посочен од армијата, но за жал не го нашле и покрај пребарувањето педа по педа, за после десетина часа телото да биде пронајдено на многу големо растојание од посоченото место.
Денеска веќе е назад во Софија, но заминал со позитивните впечатоци од однесувањето на македонските граѓани.
„Од очите им се читаше благодарноста за нашата помош. Моите колеги пожарникари кажуваа дека граѓаните има давале вода, иако имаше проблеми со водата, благо, а некаде ги нуделе и со ракија“, вели тој.
За врме на нивните активности успеале да испумпаат вода од над 150 куќи, но не може да го каже точниот број, бидејќи дел од куќите по дождот наредниот ден повторно биле поплавени.
Николов додава дека со македонските пожарникари имале одлична кооординација и соработка.
Инаку, двата тима на Бугарската противпожарна служба заминуваат од Македонија вечерва, а двата тима спасувачи остануваат до петок навечер.
„Ако Македонија побара, подготвени сме повторно да дојдеме. Но, во моментов нема такво барање“, ни изјави тој.
Од Бугарија, според Николов, веќе се испртаени 20 тони флаширана вода, а во моментов има активна кампања за собирање помош во пари, облека, вода, а Македонија, во рамките нма Механизмот за помош, веќе побарала од сите земји на ЕУ помош во ќебиња, облека, кревети, средства за дезинфекција, хигиенски средства и други неопходни производи.