Водич низ галаксијата - филмски каталог за тапчовци!

Статус
Затворена за нови мислења.

Io Sono Interista

The original, one and only IoSono.
Член од
21 декември 2007
Мислења
28.320
Поени од реакции
57.790
17. Animation

1. WALL-E


Многу луѓе го споредуваат како анимирана верзија на Idiocracy. Филм кој со себе носи вредна порака а која не е клише. А кај Пиксар ретко промашување околу анимацијата и допадливи ликови, така да филмот инстантно се пласираше во сите вакви слични листи, дури 57мо место на имдб топ250 и освои оскар и уште неколку номинации таа година. Анимиран/сај фај за футуристична роботизирана иднина кој не треба да го скокнете.

2. Toy Story 1/2/3


Носталгија, м? Детските фантазии екранизирани. Играчки кои се всушност живи. За понатаму и не е потребно сценарио, што повеќе треба да содржи еден анимиран? Класици меѓу жанрот. Се раскажува за детството и растењето на Andy покрај неговите играчки. Едно патување кое ќе ве насмее и растажи, без разлика на годините. Toм Хенкс е харизматичен и без да го гледате. Само третиот дел се пласира како топ 46, 2 оскари позади него и уште неколку номинации. Не ги пропуштајте.


3. Ice Age 1/2/3/4


Непрекинато смеење. Сигурно имате фатено некој дел по телевизија. Текстбук анимиран 101. Goofy ликови кои по некоја чудна смисла за хумор се заедно заглавени да ја преживеат таа елементарна непогода. Анимирани кои ќе им ги пуштам да децата, некогаш. Се чека на четвртиот дел.


4. Tangled


Филмот изгледа волшебно. Боите, флуидноста.. баш ја доловува таа бајка атмосфера. И секако додадено комичноста. Нека не ве лаже тоа дека изгледа girly, толку е добар што без срам ќе уживате додека го гледате. Rapunzel, Rapunzel, let down your hair... приказна која на сите ви е позната. Единствена мана можеби што има премалку животинки што може да зборат како за анимиран. :)

5. Coraline


Кој вели анимираните неможат да бидат мрачни? Toлку совршено е оптимизиран, има доста језиви и застрашувачки сцени, има квалитетна приказна и се тоа е во мера да држи некое детенце зацврстено за столот но и без да му создаде проблеми при спиење. Coraline доаѓа од дисфунцкионално семејство и единствено што посакува е совршена фамилија, кога наоѓа влез до среќна верзија од нејзината реалност. Помина само со номинација за оскар.

6. How to Train Your Dragon


Викинзи и змејови. Уште една анимација за која повеќето би се прашувале како би изгледала у 3D. Moжеби на ладна глава, приказната е уште една клише, каде дете воопшто неможе да се вклопи во околината за на крај да заблеска во најсилното светло, ама филмот нуди толку многу забава и комедија што воопшто нема ни да забележите, не што нема да ви пречи, туку и ќе навивате. Уште еден анимиран кој заслужено се наоѓа во *must watch* листата.

7. Legend of the Guardians: The Owls of Ga'Hoole


Уште еден анимиран за кој ќе се прашуваме ако изгледа вака добро, како ли само изгледа во 3D. Приказната типична, лошото против доброто, но овде главниот протагонист е млад був кој ќе се најде во авантура барајќи ги легендите за кои му раскажуваат уште од мал. Доста креативно екранизирано, големи пространства, одлични ефекти и многу, многу карактеристични и допадливи ликови.

8. Shrek


Едно добри 90 проценти од луѓето кои го посетуваат подфорумот го имаат гледано биографскиот филм на популарниот Вејн Руни. Интересен сет на ликови предводени од Мајк Мајерс и Еди Марфи, Шрек е еден од предводниците на анимираниот свет затоа што своевремено претставува еден од најспоменуваните анимирани филмови било кога. Доживување и релаксирање. Предлог за опуштени вечери во друштво. Иако, како што напоменав во првата реченица, многу луѓе го гледале, сепак во каталогот за тапчовци не смееме да го пропуштиме и овој предлог.

9. Up


Едно од најпозитивните филмчиња. Аlso, ќе го памтите по најдобрата љубовна приказна раскажена во неколкуте минути. Сигурно сте слушнале за ова парче, а сте од оние кои им е доста познат а уште не одвоиле време да го ѕирнат, следете го упатството и не бидете тапчо. Доста интересна авантура на eдно инаетливо деденце чиј живот ќе се претвори во авантура од која нема да можете да тргнете очи кога ќе се појави малото буцко boy scout.


10. Happy Feet 1/2


Elija Wood, Robin Williams, Pink, Brad Pitt, Matt Damon, Hugo Weaving, Common, Sofia Vergara и така натаму.. дека не е доволна ваква екипа како позајмување на гласовите, продолжението е едно од најквалитетните анимирани достигнување досега. Пингвинчиња, такви fluffy, меки бои и музика.. ова треба да се препишува од доктори како антистрес. Штом ја читате листата уште, без овие не смеете да поминете.
 

RocknRolaa

Rafa Para Siempre
Член од
21 февруари 2010
Мислења
6.869
Поени од реакции
9.740
18. Musicals

Веднаш да појасниме дека немаме преголемо искуство со Мјузикли, не сме изгледале премногу за да направиме најдобар избор. Сигурни сме дека има и подобри филмови од овие, но не сакавме да предлагаме нешто што никој од нас не го гледал само затоа што има добри критики. Листата е од филмови кои мислиме дека треба да се изгледаат и ќе ви се допаднат:

1. Hair

Let the sunshine in! Размислувавме да го ставиме овој култен филм во War / Antiwar, затоа што е еден од најдобрите анти-воени филмови на сите времиња. Но тука веројатно му е вистинското место. Филмот е работен по Бродвејски мјузикл, а приказната е за Клод, младо момче од Оклахома кое доаѓа во Њујорк во 60-тите, во екот на големите антивоени движења. Тој се спријателува со група хипици и се вљубува во една девојка, но идилата завршува кога мора да се јави за служба во Виетнам.

2. Chicago

Филм кој освои 6 Оскари меѓу кои и за најдобар филм. Не дека ова ги воодушеви сите, мјузиклите и немаат многу фанови во последно време, но секоја чест за Ричард Гир, Рене Зелвегер и Катрин Зета-Џонс.

3. Moulin Rouge

И Никол Кидман, која е позната по убавиот глас, си ја проба среќата во мјузиклите и тоа со Мулер Руж. Филмот освои два Оскари а инаку е преработка на филм од 50-тите.

4. Evita

Е овој филм беше голем хит на времето. Сите со нетрпение го очекуваа мјузиклот на Мадона, која како што е познато не знае да глуми, но тоа е занемарливо во ваков филм каде доаѓаат до израз нејзините квалитети. Филмот е за Евита Перон, најпознатата жена од Аргентина, сопруга на претседателот, која била омразена од повисоките класи но обожавана од сиромашните. Во филмот е уште и Антонио Бандерас а ја паметите прекрасната тема „Dont Cry For Me Argentina“.

5. Grease

Мислам, има ли воопшто потреба? Филм кој се вртел 1000 пати на нашите телевизии, филм кој ги направи славни Оливија Њутн-Џон и Џонтра Волта (баш така, го пишуваше во весник :) ). Прекрасен филм со уште поубав саундтрак и незаборавни ликови и сцени.

6. Footloose

Колку што се сеќавам, зошто филмот го гледав одамна, отстапува од рамките на класичните мјузикли, но мислам дека може да се најде тука. Филм во кој се прослави Kevin Bacon, за едно младо момче кое доаѓа во гратче во кое играњето и рок музиката се забранети.

7. Across the Universe

Набрзина неколку работи за филмов: прво, ова е уметнички, троа тежок филм за гледање. Второ, филмот е трибјут на The Beatles и содржи 30-тина преработени песни на бубачките. И не само тоа, туку разно разни сцени, настани и ликови во филмот претставуваат дел од историјата на бендот, или ликови од нивните песни итн... само фан кој знае се за Битлси може да ги фати сите моменти. Трето, дел од фановите на Битлси го обожаваат, а дел го мразат, зошто не им се слушаат преработени песни. И четврто, филмот е визуелно прекрасен, обработува анти-воени теми и се она што се случувало во жешките 60-ти. Мој личен фаворит е прекрасната преработка на "While My Guitar Gently Weeps", а култна сцена е „Because“, но често ја банираат на youtube демек заради голотија која едвај ја има.

8. Jailhouse Rock

Не може а да не го ставиме и култниот филм на Кралот Елвис Присли, кој им пееше на затворениците во Jailhouse Rock. Во улогата на Винс, момче кое е осудено на убиство и станува рок ѕвезда.

9. West Side Story

Уште еден култен мјузикл за двајца млади од сопернички банди во Њу Јорк кои се вљубуваат и се обидуваат да го победат лудилото на омразата. Верувале или не, филмот има освоено 10 Оскари, само еден помалку од Бен-Хур и Титаник! Natalie Wood е во главната улога.

10. A Hard Day's Night

Ова е филм на кој IOsono му даде 10-ка, се разбира субјективно - филмот не е за 10ка зошто едвај е филм. Едноставно нели, Џон, Пол, Џорџ и Ринго имаат слободен ден, во кој им рекле да прават што сакаат и да се глупираат што повеќе, додека камерите ги снимаат. Глупирањето добро им оди,а Ринго во Америка стана филмска ѕвезда! Филмот е уствари промоција на нивниот трет албум A Hard Day's Night, исполнет е со нивните препознатливи тинејџ хитови од предексперименталното доба, и уште од првата сцена го прикажува феноменот кој подоцна ќе биде познат како „Beatlemania“.
 

Io Sono Interista

The original, one and only IoSono.
Член од
21 декември 2007
Мислења
28.320
Поени од реакции
57.790
19. Western

1. High Noon

Можеби нам ни се попознати шпагети-вестерните на Серџо Леоне, но „Точно на пладне“ едноставно е перфектен вестерн. Gary Cooper во улогата на маршалот Вил Кејн, кому жителите во градот ќе му го свртат грбот пред налетот на големиот непријател, и неодоливата Grace Kelly се ѕвезди во филмот во кој тензијата владее од самиот почеток до крајот.

2. Unforgiven

Кога станува збор за раскажување приказни, кој е подобар од чичко Clint Eastwood? Посебно кога на помош го има Morgan Freeman, нема промашување. Bill Munny е пензиониран револвераш кој прифаќа уште една, последна задача, за да му помогне на својот стар пријател... знаете како оди тоа. Gene Hackman е исто така дел од одличната актерска екипа во филмот кој грабна четири статуетки.

3. The Good, The Bad and The Ugly

И нема посебно многу што да се кажува, ако не живеете под некој камен сигурно сте слушнале за филмов. Серџо Леоне, Енио Мориконе и Клинт Иствуд, страшна комбинација! Во потрага по закопано злато се тројца противници, опишани како Добриот, Лошиот и Грдиот. Страшно моќна сцена со тробојот на гробиштата, капата долу за Серџо Леоне!

4. The Magnificient Seven

„Тие беа седуммина... а се бореа како 700!“ Така пишува на еден од постерите за „Седуммината величенствени“. Yul Brynner (попознат како „оној ќелавиот“), Steve McQueen и Charles Bronson се дел од одличната актерска екипа во филмот во кој седум луѓе се ангажирани да им помогнат на угнетените селани.

5. The Wild Bunch

Една сосема поинаква дружина од предходната. „Дивата Орда“ (обожавам како се преведуваа Вестерните кај нас) се група одметници кои ги гази времето. Дивиот запад веќе не е така див, се менува, а тие се обидуваат да дојдат до уште еден, последен плен. Филмот сеуште е во топ 250 на сите времиња, според гласачите на IMDB сајтот.

6. Once Upon a Time in the West

Повторно Серџо Леоне со приказната за странецот со армоника, кој се придружува на еден озлогласен разбојник за да ја заштити преубавата вдовица (Клаудија Кардинале, деца, отворете гугл) од еден убиец. Се наоѓа на 20-то место на листата на IMDB.

7. Butch Cassidy and the Sundance Kid

Долго ќе трае бегството на двајцата ограбувачи на банки и че ги одведе дури до Боливија. Paul Newman како Butch Cassidy и Robert Redford како Sundance Kid во овој вестерн кој не се одвива баш целосно на дивиот запад. Оние кои го гледале во главата сеуште имаат image print од последната сцена во филмот.

8. 3:10 to yuma

Ова е римејк, а искрено не сме го гледале оригиналот, обично оригиналите се подобри. Но ова е одличен филм, веројатно најдобар од новите вестерни, кој го врати во живот жанрот кој е во изумирање. Еден ранчер (Christian Bale) се обидува да задржи еден заробен одметник (Russel Crow) додека пристигне возот за Јума. Превртливиот карактер на одметникот и непопустливоста и храброста на ранчерот ќе доведат до голема борба помеѓу двајцата. Филмот има оцена од 7.9 и сметам дека е потценет!

9. Hang 'em High

Невин човек се спасува од линч, за подоцна да се врати како човек од законот, решен да се пресмета со „зликовците“. Клинт Иствуд во главната улога.

10. Young Guns 1,2

Да бидам искрен, овој филм можеби не е за во топ 10, но тука е од две причини. Прво, иако се најавува 100 години, сеуште не е снимен подобар филм за легендарниот одметник „Billy the Kid“. Ќе го снимаа со Brad Pitt, но човекот остаре чекајќи и не е веќе kid. Втор аргумент е фантастичната актерска екипа: Emilio Estevez, Kiefer Sutherland, Lou Diamond Phillips, Charlie Sheen... се „Младите револвераши“. Многу забавен филм, а може да се погледне и вториот дел, познат и како Young Guns - Blaze of Glory, по истоимената песна на Jon Bon Jovi, кој го направи саундтракот за филмот.
 

џимеј

џимилино
Член од
4 март 2007
Мислења
10.354
Поени од реакции
25.033
20. Classics, Part I

1. Casablanca

Рик Блеин (Humphrey Bogart) сака да побегне од Казабланка на почетокот на WWII, кога во неговиот живот се појавува неговата поранешна девојка Илса (Ingrid Bergman) со нејзиниот нов партнер, што ќе донесе многу компликации и ќе го стави Рик пред тежок избор. "Play it Sam. Play As Time Goes By"... филм со прекрасни дијалози и перфектна глума, заслужува да се најде на врвот на оваа листа.

2. Vertigo

Првиот од многуте филмови на Алфред Хичкок во листава. Да можевме, ќе ги ставевме сите, затоа што сите сме фанови на Хич. Ова чисто за да се навикнете :) Како и да е, Вертиго е психолошки трилер за еден детектив кој има страв од височини, а е на задача да следи сопруга на стар пријател која се однесува „сомнително“. Филмот е правен според книга но велат дека Хичкок ја изменил содржината и ја надминал книгата.

3. Gone with the wind

Нема класика без „Одвеано со Виорот“. Уште на поетокот кога ќе видите најавна шпица од пет минути (која сега оди на крајот на филмовите како одјава) и симпатичното: „Technicolor“ кое со гордост го најавуваат, како да излегле од мрачното доба, се ќе ви биде јасно. Clark Gable и Vivien Leigh се ѕвездите во филмот кој ќе остане запамтен и по еден од најпознатите цитати во филмскиот свет: "Frankly my dear, I don't give a damn!"

4. Ben-Hur

Од толку вртење по телевизии невозможно е да сте ја промашиле приказната за богатиот евреин Јуда Бен-Хур (Чарлтон Хестон) кој е предаден од својот пријател Римјанин и пратен во ропство, за подоцна да се ослободи и да се врати по одмазда. Филмот е за тоа време вистински историски спектакл кој освои 11 Оскари, бројка која ја стигна само Титаник. Заради повеќе простор кај историските филмови, го вметнавме овде.

5. 12 angry men

Мало ремек дело претставува овој филм кој целосно се одвива во една просторија, во која една порота составена од 12 луѓе се обидува да донесе одлука за случајот кој од почетокот изгледа крајно едноставно. Непотребно е да се каже дека во вакви филмови изборот и перформансот на актерите се клучни, а во случајов тие одработија за 10-ка, а филмот е на 6-то место на листата на најдобри филмови на IMDB.


6. Citizen Кane

По смртта на еден богаташ и позната јавна личност, се одмотува приказната за неговиот живот. Филмот е славен поради кинематографијата, музиката и структурата, или накратко, поради внесување на многу новитети создавајќи нешто дотогаш невидено. Во времето на снимањето Орсон Велс имал само 25 години!

7. Breakfast at Tiffany's

Филм за една ексцентрична и наивна девојка која се вљубува во новиот станар во зградата, додека планира да се омажи за друг човек поради неговите пари. Ќе потрае додека Holly се одлучи што сака, но бидејќи овој филм е предходник на многу (и премногу) веќе знаете како се завршува сето тоа. Audrey Hepburn и нејзиниот црн фустан го направија овој филм незаборавен.

8. It's a Wonderful Life

Безвременска класика. Филм во кој еден ангел ќе се обиде да му покаже на еден трговец каков би бил животот ако тој не постоел. Филм кој ја враќа вербата во хуманоста и добрината на луѓето и многу добар избор за гледање околу новогодишните празници. James Stewart во главната улога.


9. North by Northwest

Се враќаме кај Алфи и неговите заврзлами.Cary Grant е во улогата на Roger Tornhill, обичен човек кој одеднаш е гонет од непознати луѓе и се обидува да преживее беѓајќи низ државата. Можеби не е ремек дело, но е многу забавен филм со пресврти од кујната на Хичкок.

10. The Great Dictator

Charlie Chaplin глуми двојна улога, на диктаторот Hynkel и еден Евреин, во неговиот најуспешен филм со кој ги исмева Хитлер и Нацистичка Германија.
 

Io Sono Interista

The original, one and only IoSono.
Член од
21 декември 2007
Мислења
28.320
Поени од реакции
57.790
20. Classics, Part II

11. Rebbel Without a cause

Бунтовникот без причина, еден од трите филма кои во краткиот живот ги сними James Dean и за миг постана планетарна ѕвезда. Заедно со прекрасната Natalie Wood, тие се деца кои се на различна бранова должина со своите родители, но бунтовноста си има своја цена.

12. Psycho

Незнам што да кажам за филмов што веќе не е кажано па затоа ќе се префрлам дирекно на култната сцена под тушот, која се смета за една од најпознатите сцени воопшто во историјата на филмот. Сцената трае три минути, снимана е цели 6 дена, и содржи 77 различни агли на камерата. Повеќето кадри се од блиску и истите се комбинирани, наместо снимање од поширок агол. Оваа техника Хичкок ја опишал како: „префрлување на теророт од платното во умот на гледачот“.

13. Roman Holliday

Велат дека после овој филм, половина од машката популација се вљубила во Audrey Hepburn, додека другата половина решила да си купи Веспа! :) Прекрасен романтичен филм во вечниот Рим, а се започнува кога една принцеза (мислам дека воопшто не се спомнува од каде е принцезата во целиот филм), решава да го прескокне протоколот кој од неа бара да се однесува „Кралски“, и да излезе во ноќен живот, каде налетува на еден новинар и конечно се е спремно за авантура.


14. Witnes for the prosecution

Ако не првиот еден од првите трилери за случај кој се одмотува во судница е токму овој филм кој ја шокирал публиката, сеуште ненавикната на такви пресврти. Дури мислам дека во најавата или одјавата на филмот имаше една симпатична порака: да не се прераскажува крајот на оние кои не го виделе филмот. Таканаречен spoiler-alert :)


15. To Kill a Mockinbird

Филмот е снимен во 1962, за тогашно време и услови со крајно провокативна тема: еден адвокат (Gregory Peck) на југот на Америка, на суд застапува црнец осомничен за силување, во исто време обидувајќи се да ги заштити своите деца од предрасудите. Филм пред своето време.

16. Rear Window

Мастерпис на Хичкок! Приказна која не ја напушта зградата во која еден новинар, додека се опоравува (ногата му е во гипс) од неговиот прозорец го набљудува чудното однесување на соседите и убеден е дека некој од нив извршил убиство. James Stewart и Принцезата Grace Kelly во главните улоги. Задолжителна лектира.


17. Some Like It Hot

Некои тоа го сакаат жешко - перфектна комедија со Marylin Monroe (шта речи...) Tony Curtis и Jack Lemmon. Овие двајцата се сведоци на убиство на мафијата па мора да бегаат и да влезат во една женска група, преправајќи се дека се жени... Идеја од тогаш наваму копирана но ни одблиску така успешно.


18. East of Eden

Every Cowboy Has Daddy Issues па така и James Dean повторно е во борба за љубовта на неговиот татко, во уште еден филм на Elia Kazan. Веројатно тешките теми во „Бунтовникот без причина“ и „Источно од Рајот“ направија цела една генерација да се поистовети со James Dean и да изгради култ околу неговото име.

19. Splendor In the Grass

Со сигурност еден од најдобрите романтични филмови на сите времиња. „Сјај во тревата“ е филм на Elia Kazan, за забранетата љубов помеѓу двајца луди млади кои ги играат Natalie Wood и Warren Beatty.

20. Cleopatra

И на крајот, моравме да се помириме со фактот дека повеќе филмови на Хичкок ќе останат на страна и да направиме место за уште еден историски епик, а тоа е филмот за Египетската кралица Клеопатра, со Елизабет Тејлор и Ричард Бартон во главните улоги. Филмот освои 4 оскари а Елизабет Тејлор стана персонификација за Клеопатра. Tрае преку 3 часа.
 

џимеј

џимилино
Член од
4 март 2007
Мислења
10.354
Поени од реакции
25.033
21. World Cinematography, Part I

1. Nuovo Cinema Paradiso (Италија)


Или само Cinema Paradiso, e според IOsono најдобриот филм на сите времиња.
Филмот на најубав можен начин и оддава почит на филмската уметност, како ниеден друг филм пред или по него. Низ животот на Тото, неговото дество и младоста ни е прикажана љубовта кон филмовите на сите генерации. Филм кој ќе ве насмее и расплаче истовремено, филм за вистинските филмаџии.

Мало предупредување: во никој случај немој да ја гледате Directors Cut верзијата, ќе ви го расипе филмот. Тоа евентуално после гледање на вообичаената кино верзија, чисто од љубопитност.

2. La Vitta e Bella (Италија)


Roberto Benigni направи чуда со „Животот е убав“. Ги насмеа луѓето со трагична приказна сместена во текот на WWII, освои Оскар за најдобар странски филм, освои Оскар за најдобар актер во главна улога зборувајќи Италијански, и се качуваше врз луѓето на „Ноќта на Оскарите“. Филм кој ќе ве освои со оригиналната смисла за хумор на Benigni.

3. El Laberinto del fauno (Шпанија)


Еден фантастичен фантази-свет од умот на Guillermo Del Toro, филм кој освои три Оскари и го сврти вниманието кон себе во 2006. Must-see филм.

4. Seven Samurai (Јапонија)


Мастерпис на легендарниот режисер Akira Kurosawa. Во филмот, едно село не може повеќе да ги трпи нападите на разбојниците, па ангажира седум самураи да им помогнат. Ова е најпознатиот јапонски филм за кој имаше место и во класици, но решивме да го ставиме овде.

5. La Reigne Margot (Франција)

Aaaa... La France... што да одбереме од богатата француска кинематографија? Бидејќи избегнуваме тешки теми, како трите бои на Kieslowski, ќе започнеме од еден историски спектакл за Кралицата Марго (ја глуми преубавата Isabelle Adjani), која се наоѓа помеѓу крвавата пресметка на протестантите и католиците.

6. Cidade de Deus (Бразил)


Две деца во Рио Де Женеиро тргнувата по различен животен пат: едното станува фотограф, а другото дилер на дрога. Филм во кој е претставена суровата вистина за децата кои растат таму, и филм со прекрасна фотографија.

7. Das Boot (Германија)

Ако сакате да се повозите во германска подморница во WWII и да ја искусите војната од таа перспектива, Das Boot ви е шансата. Ако не сте клаустрофобични исто така, сега ви е шансата да станете. Легендарен германски воен филм, не пропуштајте.

8. Amélie (Франција)


Audrey Tautou во улогата на една наивна девојка од Париз која на свој начин се обидува да им помогне на другите. Филм кој го врати интересот за француската кинематографија.

9. Mar Adentro (Шпанија)

Тежок е изборот за филм од Шпанија, но се решивме за The Sea Inside на Алехандро Аменабар. Биографски филм за Рамон Сампредо, човек кој 30 години се бори за еутаназија и неговото право да умре.

10. Пред дождот (Македонија)


Речете што ќе речете но ако со нешто можеме да се мериме со светските филмаџии, тоа е филмот на Милчо кој освои еден Златен Лав и номинација за Оскар. Во секој случај, кругот на Милчо не е тркалезен, но е круг на насилство, кој раѓа ново насилство. Со убавиот саундтрак на Анастасија, одлично завршената работа со камера и начинот на кој е раскажана приказната, филмот си ги заслужи позитивните критики. Се надеваме дека Милчо еден ден ќе успее да го надмине ова дело.
 

Io Sono Interista

The original, one and only IoSono.
Член од
21 декември 2007
Мислења
28.320
Поени од реакции
57.790
21. World Cinematography, Part II

11. Crouching Tiger, Hidden Dragon (Тајван)


Години од сега за овој филм ќе велат дека е класика. Освои 4 Оскари, меѓу кои и за најдобар неанглиски филм, најдобар музички скор и најдобра кинематографија, а битката за најдобар филм воопшто, ја загуби поради жестоката конкуренција, поточно Гладијатор. Верувајте, има многу луѓе незадоволни од ова, зошто иако Гладијатор е голем филм, Тигарот е бесмртен мастерпис. Без да пишуваме содржина, препорачуваме добра опрема за гледање, визуелните ефекти се добри, музиката треба да дојде до израз. Сега, има две верзии за симнување, едната синхронизирана на англиски а другата мандарински. Било која ќе заврши работа. Филм со безвременски крај.

12. El Secreto de sus Ojos (Аргентина)


„Тајната во нивните очи“ го освои Оскарот за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје за 2009 година и истовремено понижи 20-тина холивудски филмови кои влегоа во разни номинации. Се работи за еден пензиониран правник кој пишува книга за нерешен случај од пред 20 години, истовремено обновувајќи го пријателството со жената во која тогаш бил заљубен. Мора да внимавате некој да не ве усреќи и да ви го раскаже крајот, филмот е Драма / Мистерија, тешко дека некој ќе го види расплетот предвреме. Сцената со стадионот покажа дека аргентинските филмаџии воопшто не заостануваат зад Холивуд, прекрасно направено.

13. Das Leben Der Anderen (Германија)


„Животите на другите“, германски филм кој исто така ја собра статуетката за најдобар странски филм. Еден член на тајната полиција, неколку години пред падот на ѕидот, е на задача да прислушкува еден писател и неговата девојка, со што нивната љубов е ставена на тест, а нивната безбедност ќе биде загрозена. Има прилично бавен тек, посебно од почетокот, но одличен филм.

14. Let the Righ One In (Шведска)


Кој вика дека Европљаните не ги бива за хорор ве лаже. Шведскиот режисер Томас Алфредсон ја сними приказната за платонската љубов на две деца, од кои девојчето излезе дека е вампир. (Не, не сакам ни да го спомнам тој филм овде, не се ни слични). Ладен, мрачен, напнат филм, со малку текст, многу сцени кои верувам ќе влезат во хорор-класика, и прекрасен крај. Холивуд нормално веднаш го виде потенцијалот и набрзина склепаа римејк кој е солиден, но многу послаб од оригиналот.

15. Infernal Affairs (Хонг Конг)


Крими приказна за еден крт во полициска униформа и еден полицаец на тајна задача, или поинаку кажано: ова е оригиналот на Departed на Скорсезе за кој доби Оскар. Нема да ви кажуваме кој од двата е подобар, од вас зависи.

16. Goodbye Lenin! (Германија)


Алекс е млад човек од Источна Германија кој по падот на Берлинскиот ѕид, се обидува да ја заштити својата мајка која има влошено здравје, криејќи од неа дека нејзината држава и системот во кој верува, ги нема веќе. Убав филм за љубовта кон мајката, и филм кој успеа да ги исмее и двата спротиставени системи, Капитализмот и Комунизмот.

17. Dom za Vesanje (Југославија)

Одамна не сум напишал „Југославија“ во било кој контекст, дури и самиот збор ми е веќе чуден :) Но овој филм на Емир Кустирица се сметаше за најголемиот филм во југословенската кинематографија. Приказната за Перхан, Ромот со телекинетички способности и неговата девојка Азра (Синоличка Трпкова, кој ја гледал Бушавата Азбука? :) ), преку впечатливите сцени на Кустурица и музиката на Бреговиќ стигна до култен статус.

18. Burnt by the Sun (Русија)


„Изгорени од Сонцето“ на Никита Михалков е филм кој му ја „украде“ статуетката на Милчо Манчевски. Го отсликува времето на Сталинизмот.

19. Le pacte des Leups (Франција)


Во 18 век во Франција, Кралот испраќа двајца луѓе во една провинција, да ги испитаат убиствата од мистериозно животно. Во главно на интернет се среќава верзија синхронизирана на англиски јазик.

20. Der Untergang (Германија)


Ова е филмот за падот на Хитлер, познат по илјадници титлувани youtube клипчиња од сцената со разбеснетиот Фирер. Мора да изгледаат бескрајно глупаво на секој што разбира германски, но за останатите е многу смешно. Да се вратиме на филмот, се одвива во главно во бункерот во Берлин во кој Хитлер и неговите најблиски соработници ги бројат последните часови на владеење, пред налетот на Црвената Армија. Само да спомнам дека освен за падот на Хитлер, постои и одличен филм за неговиот подем кој се вика Hitler: The Rise of Evil.
 

RocknRolaa

Rafa Para Siempre
Член од
21 февруари 2010
Мислења
6.869
Поени од реакции
9.740
22. Bonus (part 1)
Иако можеби името асоцира на тоа, не ни е намерата во оваа тема да ставиме филмови кои „за малку“ не заслужиле да влезат во останатите листи. Напротив, ова ќе биде една од подобрите листи а ќе влезат филмови кои се тешки за категоризирање, филмови кои се „потешки“ за гледање и разбирање, филмови кои сме ги заборавиле и неоправдано се изоставени, а потоа вие ни ги посочивте итн...

1. Babel (2006)

Кога две деца на еден овчар во Мароко случајно ќе убијат турист, трагедијата ќе се прошири на неколку семејства од сите страни на светот. Се работи за филм со неколку паралелни приказни кои се спојуваат во една целина. Филмот има еден Оскар за музика и 30-тина други награди. Во главните улоги се Бред Пит и Кејт Бланшет.

2. Crash (2004)

Филм кој освои Оскар за најдобар филм, според многумина неоправдано, но од друга страна и не е така лесен филм за следење. По концепт е сличен на предходниот а зборува за меѓу-расните односи во Лос Анџелес во текот на два дена во кои неколку настани ќе засегнат луѓе кои до тогаш не се познавале. Многу моќен филм ако имате познавање од темата.

3. Dogville (2003)

Застрашувачки силен филм на Ларс вон Триер кој не е налик на ни еден друг кој сте го гледале пред него. Филмот се одвива на една сцена која го претставува замислениот град Догвил. На сцената, објектите се нацртани со креда и се е препуштено на вашата имагинација. Филмот навлегува во моралните вредности на денешното општество, има добра актерска екипа во која Никол Кидман неоспорно е „ѕвездата“. Трае 3 часа.

4. Mr. Nobody (2009)

Филмов беше своевиден хит на форумов и привлече едно чудо филмаџии. Nemo Nobody (Џаред Лето) има неколку паралелни животи кои зависат од одлуките кои ги донесува. Според приказната, истото го имаат сите но Немо e единствен кој е свесен за тоа. На почетокот, Немо е најстариот жител на светот и се навраќа на своето детство и младост. Филмот е премногу заплеткан за да го протолкувате во текот на гледањето, затоа обидете се само да уживате.

5. Donnie Darko (2001)

Уште еден од најкоментираните филмови на форумот, во кој еден тинејџер добива визии за еден зајак кој го води во серија криминални потфати. Можно е да ви треба director's cut верзијата за некои работи да ви станат појасни, или пребарувајте низ форумов. Филмот во моментов е на 146 место на Топ 250 листата според IMDB.

6. Black Swan (2010)

Филмот на Аронофски кој многумина го нарекуваат „прекрасен кошмар“ е филм кој ќе го обожавате или ќе го мразите. Младата балерина Нина (Натали Портман, веројатно нејзината најдобра улога за која доби Оскар) е перфектна за улогата на Белиот Лебед во „Лебедово Езеро“ но има проблеми да го одигра Црниот лебед. Во потрага по перфекцијата, таа мора да посегне по нејзината мрачна страна... Филмот моментално е на 124 место на Топ 250 листата на IMDB.

7. Alien & Aliens (1979, 1986)

Серијал кој има култен статус а се наоѓа во оваа тема затоа што го пропуштивме во темата за Sci-fi. Сигурни Вивер во улогата на еден од членовите на посадата на рударски брод кој открива нов живот на една далечна планета. Четири дела има овој филм, но првите два значително отскокнуваат по квалитет и значење. По филмот беше направена и многу популарна видео игра.
 
Статус
Затворена за нови мислења.

Kajgana Shop

На врв Bottom