Семејството во целост ми е слаба точка, не смее никој да стави прашинка на нив. Се претворам во немилосрдно суштество ако некој се обиде да ги навреди или повреди.
Конкретно за мамичка... Си ја обожувам мајка ми!:heart1:
Мајка ми секогаш ми давала сила за се` во животов. Сум се огледувала на нејзе, се гордеам што е жена која успеала достоинствено да надмине многу препреки во нејзиниот живот. Ме воодушевува нејзиниот темперамент, нејзината снаодливост и способност да ја засака и почитува секој кој ја запознал. Секогаш знае да се насмее и да им покаже на другите дека ги сака, нема врата која и` била затворена токму поради нејзината подготвеност на секој да му помогне (без разлика дали го познава или не). Емотивна е и при срце може да си земе и најмала неправда кон нејзе, но никогаш не се одмаздува. Многу карактеристики сум попримила од нејзе и добар учител ми била низ животов. Никогаш не ме третирала како помала од нејзе, секогаш се консултирала со мене и знаела да ме послуша ако види дека сум во право за нешто. Секогаш се буни за мојата тврдоглавост (иако и самата е инат голем), но знае како да ме седне и да ми укаже каде грешам без да си протолкувам како попување.
Ми дала се` што сум посакала, ме разгалила, но и ми помогнала да развијам свест што смеам да барам, а што не. Секогаш имала разбирање и се трудела да бидам од се` задоволна, да не ми фали ништо.
Секогаш знае да ме почувствува кога нешто не ми е во ред со расположението, никогаш не сум успеала да скријам од нејзе ако нешто ме мачи. Колку и да си има свои грижи, секогаш има време да поразговара со мене и да ми помогне, секогаш и` успева да ме насмее и расположи без разлика колку и да не ми е денот. Често знам да изреагирам негативно кога ќе ме потпрашува, но сфаќајќи колку се грижи седнувам и ја смирувам со некој убав збор.
Единствен човек кој знам дека нема да скрие од мене некоја критика, кој секогаш отворено и без страв ќе ми укаже на нешто без да се плаши како ќе го прифатам тоа.
Другарка најдобра ми е, но другарка и со моите другарки. Секогаш има некој опуштен однос со сите, па така и тие се опуштаат и зборуваат за најинтимни работи со нејзе. Дружељубива и може во секое друштво да се прилагоди.
Креативна е многу и секогаш има по некоја нова идеја, постојано знае сите да не` изненади, а посебно ме воодушевува нејзината способност за одржување на свежината на љубовта во нејзиниот живот.
Исто како и кај мене, ако се изнервира брзо и` поминува нервозата. Знаеме да се караме, но повеќе од 10 минути не можеме да држиме лутина. Или јас ќе и` отидам и ќе ја гушнам или таа ќе дојде кај мене.
Премногу весела, ја сака музиката и во денот мора да си потпевнува или да си пушти некоја песна, па дури и да се разигра. Многу сака свадби и едвај чека некој да ја покани, цела свадба знае да ја направи. Ако ви треба човек кој постојано ќе е со дајрето во рака и прв на оро, праќајте покана!
Се трудев најкусо да опишам, но колку и да пишам за нејзе никогаш не е многу. Доста е, другото нека остане за мене.