Буден сонувам во Париз

|Volkswagen|

Тастатурата е посилна од мечот!
Член од
21 јули 2009
Мислења
2.725
Поени од реакции
892
Бело-жолтеникави ѕидови...Сонце...развиорени завеси...

Соба како во соништата, соба која го исполнува духот. Мирисот на старото дрво, крцкавиот, но удобен кревет започна да се материјализира. Преминувам од една состојба во друга состојба на свест. Душата го започнува своето капење во тага и копнежот по штотуку изгубениот сон.

Погледот полека почна да се избиструва. Диоптерот се променува. Со тешка мака ги отворам своите очи на оваа пресилна светлина. Секојдневниот Сизифов ритуал на будење и свлечкување на моето тело како карпата на Сизиф од тешките постели и соочувањето на суровиот ден. А ноќта е толку мирна и прекрасна. Спокојна.




Утринска доза Нескафе...и скапи француски цигари...

Поглед кон оддамна разбудениот Париз. Веќе беше пладне... Хармоничноста на нередот на улиците беше опојувачки. Можеби беше од комбинацијата на никотин и кофеин, не знам, но чувствата ми беа надразнети, опоени... дури зашеметени.

Малиот дебел и ќелав Жан Лук довикува по некој Пиер кој е испиен како восок, со сив тен на лицето и кратка густа брада. Неговите далеку повисоки пропорции од оние на Жан Лук, ја правеа ситуацијата уште покомична, но нивните меѓусебни довикувања беа се освен комични. Најверојатно си караа мајка (и најверојатно се по список, бидејќи довикувањата беа долги), а од друга страна од излогот, две млади дами со сиви капути и кафеави плетени качкети, за кои си зедов слобода да ги прекрстам во Мари и Софи – купуваа некакви мали ѕидни слики од кај Пиер и се вџашуваа и кикотеа на острите тонови на газдата на галеријата. Сето тоа пропратено со свирките на малите количиња и пикапи од кои довикуваа мали и лути французинчиња...се претвораше во некоја какофонија од животни приказни, еден прекрасен хаос.

Прекрасниот хаос на стрмната улица Rue Ravignan.

Чувството на осаменост веќе преминува во чувство на нелагодност. Две недели од мојот престој во градот на светлината и сите ги поминав потполно сам. Решив да ставам крај на тоа чувство. Решив да се социјализирам.

Се слушна тапо чукање на влезната врата. Погледнав низ „шпионката“ и здогледав девојка од петнаесет или шеснаесет години, која со голема торба нешто разнесуваше...Малку се потсредив...што ли ќе подсредуваш човеку?!...како дело од Пикасо кое се влечка на две нозе...сомнително ја отворив тешката врата.

-Les journaux, monsieur? – запраша со нејзиниот пискав глас, кој сигурен сум беше стрелачки вод за десетина неурони. Оние моите.

- I don’t speak French – се насмевнав ...потечен како жаба во очите, разбушавена коса, со цигара на крајот од устата и мојата типична идиотска мамурна насмевка.

-Do you…er want…er…news…papers, monsieur? – кимнав со главата и нормално мојата трапавост не познава граници... со пепел ја испотурив по раката кутрата девојка. Таа само се насмевна ми ја зеде цигарата од уста...тргна најдлабоко што може, издиша и извика „No smoking, monsieur,...forbidden” се насмевна и одмавна со косата, го поднамести својот качкет и замина како што дојде.


Бев сместен на Rue Ravignan број 3. Бела зграда (една од милион во Париз), со две галерии сместени покрај влезот. На едната пишуваше Le Hun Brenner, а другата немаше назив, само една бела решетка која вечно беше спушетна до половина. „Изгледа прават попис“ си реков и продолжив со летаргичната прошетка.

Беше понеделник. Стресот смрди во секое лице наоколу. Само јас нонашалатно ги влечкав нозете по тротоарот и се насочив кон малата продавница Tabac каде што на големите зелени метални лимови беше напишано на Француски и Англиски „Поетско читање, Shakespeare and Company, Понеделник 19ч. 37 Rue Bucherie“

По десетминутното барање на улицата по старата и подискината мапа од Париз, се запрепастив на далечината која треба да ја поминам за да стигнам до Шекспир и компанија...па и така немајќи што да правам, ги пуштив нозете и решив да го примам Париз со сите свои сетила...се разбира, сето тоа со малку побрзо темпона одење.

„Голема несреќа е да не можеш да бидеш сам“ напишал La Bruyere. За среќа бев од оние што среќата им се насмевнала, па мојата интровертна природа ме благословила со ненаситна сласт кон осаменоста. Никогаш не ги сфаќам луѓето кои сакаат да се изгубат во бесконечната толпа, да се туркаат, да довикуваат, да се гушкаат со стотина познаници и уште толку пропатни непознаници. Најчесто, добива човек етикета на асоцијално суштество, па се јавуваат и драстични примери кога луѓето те избегнуваат. Зарем мора сите да бидеме социјални суштества, склони кон секојдневно дружење, безцелно пиење кафе во кафулиња, безцелно дремење во ноќни глубови, лигавејќи се со некој евтин Коњак, Пелинковец, Вотка или не дај Боже Кока Кола, Спрајт или Швепс (оти тогаш сме на антибиотици, парацетамоли и други анти-боли пилули)? „Речиси сите несреќи ни доаѓаат од таму што не умееме да останеме дома, во својата соба“ вели еден друг мудред, познатиот Паскал (не онај програмскиот јазик). Неможам да ги сфатам и оние чии склоности кон реализација на своите планови, ги донесува до состојба на измачување. Плановите сами по себе претставуваат вистинско задоволство. Но, во свет на опседнатост со време, пари и материјални вредности, сонот е речиси забранет збор, табу и нешто на кое вредностите не би требало да се базираат.

Шетајќи така низ улиците на Париз, бев опоен од миризбите кои овој град ги нуди. Да, признавам, добар дел од нив беа дизел, бензин и по некој плин, ама во таа реа од прашина, издувни гасови, надоаѓаше и силната миризба на убаво кафе, вино, кроасани, тестенини и пред се насмеани лица. Кафулињата и во екот на работниот ден беа преполни со луѓе.

Задоволството пред кое беа изложени моите очи ја облагодарија душата, го омекнаа срцето. Започнав да се заљубувам во овој град. Како провокативна љубовница, ми се протна низ решетката на емоционалната бариера. Се бев предал на нејзината убавина и им плукнав во лице на последиците од ова вртоглаво заљубување.

Часовникот на раката ми покажуваше 4pm кога врвев покрај Opéra Palais Garnier. Двочасовното талкање ги умори моите улежани нозе и решив своето попладневно кафе да го испијам покрај ова прекрасно здание. По долгото талкање како изгубен Германец, налетав на едно кафуле L’Entracte, ситуирано точно спроти Garnier. Цигарата веќе ми гореше во устата кога седнав на масичката поставена покрај улицата. Прво се каев што застанав на прометната улица, но бев маѓепсан од прекрасните ангелски скулптури на зградата како со крената рака покажуваат кон небото. Можеби кон Бога, можеби кон некоја будала спроти улица кој не гледа каде оди и си приморан да го слушаш татнежот на автомобилските сирени. По ѓаволите и со нив.


Откако го наполнав резервоарот со кофеин, градите со тиња и никотин, го продолжив моето талкање кон Rue Bucherie број 37.

Рагледувајќи ја целата оваа материјална убавина, ми се наметна темата за тоа како успева цел овој мермер, бетон и асфалт толку лесно да се испрелети и да добие една нова форма на убавината. Започнав да размислувам за човечката среќа. За мојата среќа. Сум читал секакви книги, истражувања, приказни по порталите на Интернет,...од оние погани автори кои пишуваат за тоа како луѓето да станат среќни, богати и мудри во рок од 24 часа. Како да успеат поуспешно да водат љубов со своите партнери и покрај тоа што немаат љубов помеѓу нив, само една морбидна поврзаност и страв од осаменост. Тие ќе се обидат да ве убедат дека вие сте детронизирани кралеви, убавици и секс богови во креветот (или задното седиште од автомобилот) на вашиот сопруг или сопруга, дечко или девојка. Ве оставаат во состојба на душевно бунило ...и интелектуална затапеност.

Почувствував револт и гадење кон налудничавите верувања во среќата која доаѓа кога ќе исполниме некои адети, ќе ги запишеме на ливче нашите желби, гледање на турско кафе, како и попустото деноноќното носење на секси тоалета која наводно ќе го збудалела сопругот на некоја средновечна жена и покрај тоа што таа прелива со сало на сите страни во споредба со девојката со прекрасно тело која се сонча на само стотина метри од апартманот на „среќниот пар“. Револтот ги прошири своите граници. На мета на мојот гнев дојдоа и скапите автомобили, кои и покрај своите 500 КС, кои реално скоро никогаш неможеш да ги употребиш...освен кога преминуваат во 501, а таа една си ти...само не би рекол дека е коњска, него магарешка сила.

Но, си ветив себе си, дека негативната енергија ќе ја оставам некаде далеку, далеку од тука. Сакав да се опојам од последните зраци на златната светлина, која полека преминуваше во розева, на крај да згасни во една сива нијасна помеѓу сина и црна боја, преминувајќи во потполна црнина исполнета само со мир и спокојство, над овој град исполнет со светлина и немир.

Часовникот покажуваше 6:50pm, а јас прелетувајќи со брзо темпо преминав преку Сена, на Pont Neuf, покрај Pont Saint-Michel и навистина убавиот Pont Petit и со ненормално чукање на срцето и убразано дишење стигнав пред Shakespeare and Co. Искрено,...очекував некоја грандиозна модернистичка библиотека, галерија исполнета со книги, умислени писатели, (надри)уметници, но она што видов беше она што навистина мојата душа мечтееше да го доживее - мала, стара антикварница со мувлосана врата, избледено дрво и книги, од кои некои беа три пати постари од мене, како гордо стојат исправени по безбројните полици. Уметниците, оние вистинските, и љубителите на пишаниот збор се наредија пред малата зградичка, исполенти со немир, за вечерашниот настан, кој според кажувањата на повеќето (а фала Богу сите зборуваа на Англиски), бил адет кој се извршувал скоро 90 години
.

Откако ги прочитав имињата и ги видов портретите на скоро сите познати писатели на 20-тиот век кои доаѓале и го посетувале ова место, почувствував како нозете веќе не ме додржуваат од возбуда. Проклети да бидат, се свиткаа под бремето на возбудата и уморот. Побарав столче да одморам и да го примам целото место, не преку физичкиот допир и поглед, туку преку она поважното, она што остава траен впечаток во вас.

Ме упатија кон еден зафрлен дел од продавницата, каде на една црвена излитена табуретка, покрај недопиениот филџан кафе, за кој се исмачив да го поместам, а да не го испотурам, ги истурив коските... замижав и се прибрав себе си. Можеби делував како некој будистички свештеник кој прелетал во некоја боженствена димензија, но мирот ми беше неопходен.

Полека дојдов на себе си. Боите, мирисот, допирот што го доживував низ целиот простор околу мене си го одработи своето. Ја наведнав главата и си се насмевнав на сам себе си на ова безвезно чувство што ме обзеде.

Кревајќи го погледот на спротивната страна од оваа соба, креирана од три ормани полни со стари книги во форма на буквата П, седеше едно прекрасно суштество.

На табуретка иста како мојата, седи идолот, господарката на моите долгогодишни соништа. Што по ѓаволите и таа бара тука? Зарем не знае дека за малку ќе добиев срцев удар заради моите и така истенчени нерви? Кој горе (или долу) си игра мајтап на моја сметка?! И така пред мене, поставена како на трон од занес и блудна страст, ...страст за бакнеж, за љубов, за емоции... за прегратка, стоеше таа...

Го знаете онај момент кој секогаш ви припаѓа само вам?...Никој, ни Бог, ни Ѓаволот, никој не знае што ви се случува и какви мисли прострујуваат низ вашиот ум и срце. Добивате желба да го споделите тој момент, сега ...токму сега, со личноста од спротива, која ни најмалку нема поим дека од спротивната страна се случува олуја, татнежи, ...емоционално цунами... од кое тешко дека ќе останете жив.

Нејзините изразито зеленкасти очи, како пламен треперат во мене. Сувото грло и тешката голтка ме прават да се чувствувам лошо, заматено и безтелесно. Нејзината плава виткана коса полека се спушта по нејзините образи, а нејзината блага насмевка, која нема никакви допирни точки со реалноста, а е под влијание на зборовите во црвената книга која ја чита, насмевка која ги извиткува малите локни околу нејзините образи.

Во нејзината коса се кријат бескрајни мориња врз кои пустошат монсуни. Мирисот кој го испушта сакам да го вдишувам долго, долго. Да нурнам со целото лице, да поминам со прстите, да го бранувам тоа немирно море, да ги растргнам тие префинети и сложени линии.

Нејзиното тело, помалку свиткано со прекрасни и долги прекрстени нозе, врз кои нежно се потпира нејзиното сиво карирано здолниште и белата подраскопчана кошула ги распламтува сите страсти што постојат во мене.

Ако постои Купидон, не ме погодил со стрела,...овој пат....извадил тешка артилерија. Тенк! И тоа Руски! Што грчи, испушта страотни пеколни звуци, се вкопува во асфалтот и прави лом. Гранатата на Купидоновиот тенк ме погоди право во најранливата точка. Ме рани. Ме направи пепел.

Париз стана ирелевантен. Шекспир и неговата компанија нека одат по ѓаволите...она за кое што сум дојден веќе изгуби смисла. Универзумот се трансформира, она за што копнеам е пред мене. На само неколку чекори од мене.

Моето налудничаво бдеење како баба пред икона, и го привлече вниманието. Нејзините воздишки тешко ги креваа нејзините гради. Кокетираше со се што беше околу неа. Преправање кое можеби го научила од филмовите, под превезот на некаква си занесна меланхолија, кое во очите на другите, влева некое спротивно чувство од чувството на сожалување.

Го крена погледот од книгата, со палецот го означи делот до каде што стигна со читањето и ја превитка книгата. Ги познавам тие очи... ја знам нивната пакост. Поглед кој покорува, поглед кој те прави роб. Нејзин роб. За век...и веков. Ужас...ама убав, страдање... ама слатко, оган...без жар!

Полека и со несигурен од се доближив. Седнав на нискиот куп книги поставен покрај неа. Изустив нешто, најверојатно ќе да беше моето име или некоја друга глупост, ама таа важно се насмевна.

„Мари...мило ми е“ и благо ја наклони главата, а Шекспировци си почнаа со своето читање.

Ние?...Ние започнавме некое ново поглавје во нашата драма. Нова книга, нов почеток.

„Во старата соба, на Rue Bucherie 37...една млада дама со име Мари...го забележа идиотот кој се џареше во неа...“

Останува на субдината да ја заврши оваа приказна,... за мене и Мари. Како пролетниот ветер што ги расфрлува цветовите на црешите, така и ние се предадовме на овој живот. Распрснати низ целиот воздух, но сепак заедно пловиме со облаците, со Сонцето и го обојуваме небото со бледа розева боја и предизвикуваме немир во секој оној што не гледа на небесното синило.

 

Windfucker

Телемит, Темплар, Масон, Сциентолог во целибат
Член од
30 април 2010
Мислења
8.459
Поени од реакции
15.326
Само да го ставам документарецов за Шекспир и Синови што го гледав пред некое време, Џорџ Витмен почина пред неколку седмици на 90 и кусуро години. :(
WW да го напишеше се ова во Прозни Искри како и сите останати ќе имаше многу подобар ефект.


http://video.google.com/videoplay?docid=5574284408427118756
--- надополнето: 15 јануари 2012 во 10:55 ---
:D
 

JOE

Пелистер Битола
Член од
31 март 2007
Мислења
3.007
Поени од реакции
572
Го прочитав цел текст.Го читав со внимание, бидејки делиме слични импресии за Парис.Твојте текстови поубави се многу кога пишуваш за работи што ги сакаш, одколку кога плукаш, по Битола и Скопје, и Битола и Скопје се убави на свој начин, хипотетички велиме дека Парис е совршенство од град и место, во нашите глави дека се е убо, арно ама сите знаеме и таму дека не е така, дека постојат многу работи што не добри, ама кога станува збор за парис замижуваме на тие негативности, а кога тие негативности избиваат на површина за нашите градови ги величиме до небо. Муабето ми е, баш би сакал да напишиш еден текст исто за Парис каде во глобала ке содржи негативните работи за градот, каде исто така ке го изразуваш твојот револт и критика, онаков каков што те знајме "мрчатор" :). Иначе текстов е одличен, продолжи со повеќе вакви пријатни текстови
 
Член од
26 јануари 2009
Мислења
11.570
Поени од реакции
17.969
Тоа ќе биде во продолжението "Париз низ призмата на еден сонувач" :D.
Знам само не ми се свиѓа што кај најинтересниот дел приказнава е завршена. Исто ко да гледаш напнат филм на ТВ и на некоја клучна сцена ти пуштаат 20 мин. реклами.:)
 

Windfucker

Телемит, Темплар, Масон, Сциентолог во целибат
Член од
30 април 2010
Мислења
8.459
Поени од реакции
15.326
Знам само не ми се свиѓа што кај наијинтересниот дел приказнава е завршена. Исто ко да гледаш напнат филм на ТВ и на некоја клучна сцена ти пуштаат 20 мин. реклами.:)
Не ова е двомесечник како Старт, уште полошо...20 минути се издржува. :D

 

|Volkswagen|

Тастатурата е посилна од мечот!
Член од
21 јули 2009
Мислења
2.725
Поени од реакции
892
Го прочитав цел текст.Го читав со внимание, бидејки делиме слични импресии за Парис.Твојте текстови поубави се многу кога пишуваш за работи што ги сакаш, одколку кога плукаш, по Битола и Скопје, и Битола и Скопје се убави на свој начин, хипотетички велиме дека Парис е совршенство од град и место, во нашите глави дека се е убо, арно ама сите знаеме и таму дека не е така, дека постојат многу работи што не добри, ама кога станува збор за парис замижуваме на тие негативности, а кога тие негативности избиваат на површина за нашите градови ги величиме до небо. Муабето ми е, баш би сакал да напишиш еден текст исто за Парис каде во глобала ке содржи негативните работи за градот, каде исто така ке го изразуваш твојот револт и критика, онаков каков што те знајме "мрчатор" :). Иначе текстов е одличен, продолжи со повеќе вакви пријатни текстови
Решив за момент да не хејтам :) иначе ова е дел од нешто поголемо што го спремам.
Thanks anyway :)
 
Член од
25 септември 2011
Мислења
6.448
Поени од реакции
18.280
Ќе има ли продолжение ? интересен текст (y)
 
Член од
24 ноември 2011
Мислења
196
Поени од реакции
111
сигурен си дека си писател? налетав на грешки во интерпункцијата и сл, пр. на места каде треба да ставиш извичник ти ставаш точка и обратно, итн.. но сигурно за некој месец таму ќе научиш заедно со мари:D
јас инаку не сум по пишувањето, во случај да ми се спротивставиш ради мојот „стил“
 

Kajgana Shop

На врв Bottom