Европскиот парламент се претвори во балканска крчма за време на расправата за Македонија
Од нашиот дописник
Слободанка Јовановска
Брисел - Европскиот парламент вчера се претвори во балканска крчма, како епилог од расправата за извештајот за Македонија. Од 76 европарламентарци, колку што има Комисијата за надворешна политика, половината не ни присуствуваа, а тие што зборуваа, главно, беа бугарски или грчки и сите заедно ја обвинија власта во Македонија за националистичка реторика, дотаму што името веќе не е главен проблем, туку односот спрема тие две нации.
Иако очигледно идејата беше да се остават овие европарламентарци да се испукаат и да покажат колку тие се „неоптоварени“ со проблематизирања и со историјата, целиот настан претставуваше лоша слика за Европскиот парламент, и тоа кога главната препорака беше да се побара датум за Македонија бидејќи ги исполнила условите и направила прогрес.
Притоа, видлива беше бугарско-грчката координираност со цел да се оспори исполнувањето на добрососедските односи како услов, а фактот дека бугарските парламентарци употребуваа исти аргументи и изнесуваа исти барања само потврди дека не се слободни стрелци во правењето пречки на Македонија, туку станува збор за официјална политика.
На таа адреса, всушност, беше препораката во извештајот на Зоран Талер, кој ги повика Македонија, но и соседните земји да придонесат за поголема политичка култура, разбирање и толеранција, лоцирајќи ја, пред се', одговорноста за тоа кај политичарите и кај медиумите. Она што, сепак, е најважно е тоа дека Талер побара почеток на преговорите со Македонија „во блиска иднина“, со порака да се охрабрат двете земји да најдат решение за спорот и Македонија да се стави на иста лента кон ЕУ со Исланд. Во кулоарите на Унијата од есенва се турка оваа теза дека ако Македонија го реши спорот и почне преговори, може многу бргу да ги заврши и да влезе во Унијата со оваа северна држава, но тоа освен мотивирачка, нема некоја друга тежина.
Во извештајот, кој сите го пофалија дека е балансиран, има список на заслугите и на забелешките, но генерално е огледало на оценките на ЕК за нашата држава. За спорот околу името, Талер ги повикува двете земји да ги удвојат напорите на највисоко ниво и да најдат заеднички прифатливо решение, но додава дека загрижува користењето историски аргументи во дебатата, вклучувајќи го и феноменот на антиквизацијата која ги зголемува тензиите со соседите. Исто така, се повикуваат сите етнички заедници да ја почитуваат сензитивноста на другите и да се воздржуваат од користење запалив говор и провокативен симболизам, за што во Македонија есенва имаше многу примери. Натаму, се бара поголема улога за опозицијата во Парламентот, измена на деловникот и крај на бојкотот, како последниот на ДПА. Треба да престане практиката на незаконски унапредувања и привремени вработувања надвор од законската рамка, а независноста и плурализмот на медиумите да се зајакнува, така што ќе се стави крај на политичките мешања од партиите и особено од Владата, стои во извештајот.
Дебатата беше веќе видена работа за Македонија, освен два нови елемента кои внесуваат збунувачки пораки. Првиот е инсистирањето дека проблем не е толку името колку националистичката реторика и злоупотребата на историјата, а вториот сугестијата за некакво кратко име за нашата држава за да не им биде тешко за изговарање. „Веруваме дека им треба кратко, бриф име што ќе се користи во сите контексти. Ова е услов за земјата“, изјави Мариета Јанаку од Нова демократија. Неа ја поддржа Елмар Брок кој, откако забележа дека двете страни треба да се потрудат да се постигне решение за спорот зашто има впечаток дека тоа треба да го направи само една, се пожали дека ако пак, името е долго, на луѓето ќе им биде тешко целосно да го изговараат, па тоа пак ќе биде проблем. Улрике Луначек направи баланс па посочи на грчките националисти кои тврдат дека нивната земја е загрозена од Македонија, но ја повика нашата влада да внимава на тонот што го користи за да не провоцира такви стравови, иако ги сметаше за нереални.
Јоргос Кумуцакос и Марија Елени Копа се најдоа на иста линија иако се од две спротивставени партии, тврдејќи дека не е проблем само односот на Македонија кон Грција, туку и кон Бугарија, со порака дека поради националистичката реторика на премиерот Никола Груевски, Македонија има проблем со „неколку„ земји-членки на Унијата. Бугарскиот парламентарец Евгениј Кирилов како илустрација дека таквите тврдења се вистина спомена дека Бугарија го решила спорот за јазикот со Македонија, а сепак, тој проблем се уште постои. Тој ја обвини власта во нашата држава дека создала некој еден вид омраза кон Бугарија, а европарламентарецот Андреј Ковачев ни испорача список на проблеми што треба да ги решиме, како говор на омразата, ревидирање на историски книги и да славиме заедно историски настани.
Најбитна за нас и најреална беше пораката, сепак, на претставничката на ЕК, која рече дека спорот за името може да биде реална пречка и, ако не се реши, џабе е препораката, бидејќи нема да има преговори и нема да се случи ништо. Извори од ЕК порачуваа дека се нереални очекувањата дека хрватското сценарио ќе се примени и на спорот меѓу Македонија и Грција и ЕУ да арбитрира, па не треба да се губи време туку да се бара што побргу решение без да се чека на ОН, бидејќи рокот е многу краток. (С.Ј.)
http://utrinski.com.mk/?ItemID=09C4FF3A6AB21A40AFE2763102738ED0