Дури и да ги корегираме овдешните просечни примања со паритетот на куповна моќ и да ги споредиме со просечните примања во рандом западно европска држава, нашиот стандард на живот гледано од економски аспект повторно ќе биде во просек 2-3 пати понизок. Секој што прави обид за економска компарација Македонија - Запад, без емоции, говориме за чиста математика, едноставно нема споредба. Пропратните елементи, како функционална држава, здравство, образование, чистота, инфраструктура...кои што во голема мера придонесуваат за квалитетот на живот исто така не одат во наш прилог. Додадете кон тоа и некои психолошки фактори, како економска сигурност и перспектива за во иднина, безбедност. Вие во Македонија може да ги земате и тие фамозни 1000€ плата, меѓутоа не можете да бидете сигурни дека и вашите поколенија ќе ја наследат истата економска сигурност која што Вие ја имате во моментот. Ние сме една од ретките држави во Европа со чија што територијална целовитост се калкулира, дали ќе постоиме во оваа форма за 5-10 години.
Вистинското прашање според мене би гласело: Колку сте вие подготвени да живеете во дадените околности, макар и со просек од 1000 евра? Кои се вашите приоритети за во иднина? Дали во моментов чувствувате некаква економска сигурност, гледате перспектива дека нешто драстично би се променило тука за краток временски рок? Оти факт е дека сите сме со ограничено време. Луѓето немаат уште три децении да чекаат од ,,ова'' нешто да бидне. Бегаат заради бесперспективност. Последниве 10-15 години се изгуби надежта за подобро утре, а паралелно се олеснија миграторските процеси, па така на секој што му се укажа шанса да замине од тука ја искористи.
По мене наивно е да се оди со мисла дека Западот е пандан на Рајот. Не постои универзална формула за успех која што би се пресликала на секој човечки карактер поединечно. Важна е целта, мотивот, вештините и огромна доза на среќа. Јас лично ги оправдувам и оние што одлучиле да останат тука. Важно е да се има цел, изграден став. Оти знам доста кои што заради помодарство отидоа во странство и сега не знаат што прават таму, останале на средина, животот ни таму не му е добар но се одлучиле да се навикнат и на таа нова (за нив) мизерија. За мене тоа не е решение. Сепак, за секој е индивидуално, а би сакал да пробам да живеам тука со 1000 евра, но повторно, прашањето е кога ќе биде тоа и дали ќе дочекам да видам во некоја блиска иднина.