Научниците во потрага по светиот грал
Во катедралата на светлината се раѓа прашањето на судбината: може ли фузијата да биде постигната?
ЛАЈВМОР – Тука, во сувата калифорниска долина, надвор од еден мал град, се собраа луѓе за да ја осветат катедралата на светлината. Како и средновековните катедрали, таа е изградена во неверојатен размер со ненадмината технологија и во неа е отелотворена научна доктрина која, ако биде потврдена, би можела да ја крене цивилизацијата во нови височини.
На огромното знаме што неодамна беше развиорено над објектот со големина од фудбалски стадион пишува: „Донесување на моќта на ѕвездите на Земјата“.
Местото во вредност од 3,5 милијарди долари е познато како Национален комплекс за палење (National Ignition Facility) или НИФ.
Повеќе од половина век физичарите сонуваат да создадат мали ѕвезди што би ја инаугурирале ерата на храбра наука и евтина енергија, а НИФ има цел да го подгрее тој сон. Во теорија, 192 ласери во објектот - направени од речиси сто километри огледала и оптички влакна, кристали и зајакнувачи на светлината - ќе се активираат како еден за да се здроби капка водородно гориво помало од главата на чкорчето. Компримирани и загреани до температури повисоки од оние во јадрото на ѕвездата, атомите на водород ќе се стопат во хелиум, ослободувајќи експлозија од термонуклеарна енергија.
Директорот на проектот, Ед Мозес, изјави дека доаѓањето до самиот врв на палењето (дефинирано како успешно достигнување фузија) им одзеде на околу 7.000 работници и 3.000 градежници десетина години и нивниот труд креираше прецизен џин од милиони делови и 60.000 контролни точки, 30 пати повеќе отколку кај спејсшатл. „Ова е сторијата за катедралата“, вели д-р Мозес за време на турата. „Ги собравме најдобрите физичари, најдобрите инженери, најдобрите од индустријата и академијата. Не се добива често таква можност и се постигнува успех“.
Во февруари НИФ првпат истрела 192 зраци во целната комора и сега го има најмоќниот ласер во светот, како и најголемиот оптички инструмент што некогаш бил направен. Но, понатамошното зголемување на енергијата до точка на палење би можело да одземе уште една година или малку повеќе за експерименти и би можело, како што тврдат официјалните лица, да се покаже како застрашувачко и можеби невозможно.
Од таа причина скептиците го отфрлаат НИФ како колосална заблуда што троши многу ресурси во време на економска криза. Само неговото функционирање ќе чини 140 милиони долари годишно. Некои скептици го исмеваат. Дури и поддржувачите на овие напори се внимателни. „Тие направија напредок“, вели Рој Швитерс, физичар од Универзитетот во Тексас, кој ја предводи федералната комисија која неодамна ги проценуваше изгледите на НИФ. „Запалувањето најпосле би било возможно. Но, се' уште има многу да се учи“.
Д-р Мозес, иако не понуди гаранции, посочи дека секој голем напор вклучува ризици и дека ризикувањето се исплатува поради потенцијалните награди. Тој наведе дека НИФ, ако биде успешен, ќе помогне во одржувањето на сигурноста на американското нуклеарно оружје без подземни тестирања, ќе го открие скриениот живот на ѕвездите и ќе го подготви патот за радикални видови електрани. „Ако успее напорот за добивање енергија со фузија, ќе имаме, за сите намери и цели, бесконечно снабдување со енергија без јаглерод, што не е геополитички чувствително. Што повеќе би сакале? Тоа е менувач на играта“, вели тој.
Д-р Мозес, кој во слободно време предводи научни програми за средношколци, ги прекина сопствените подготовки за да му го покаже на посетителот комплексот НИФ. Притоа, запира пред една направа помала и од поштенска марка. „Оттука почна се'“, вели тој. Од овој вид мал ласер излегоа зраци кои стануваа се' поголеми и посветли за време на нивното долго патување низ лавиринтот од огледала, леќи и засилувачи во НИФ.
Зборот ласер се однесува на „засилувач на светлина со стимулирани емисии на радијација“. И секоја честичка од светлината, или фотон, е засилена, открива д-р Мозес, и тоа е моќ „10 на 25-та“.
Во непосредна близина се наоѓа дебела плоча од розово стакло со големина колку сообраќаен знак, што е примерок за засилувач. НИФ има вкупно 3.200. Д-р Мозес вели дека голем чекор бил направен кога огромни светлечки цевки - како оние во камерите, но високи колку човек и вкупно на број 7.680 - едновремено ќе светнат за да го активираат розовото стакло. Ласерските фотони потоа пролетуваат, стимулирајќи каскади од последици, правејќи го зракот многу посилен, а таквите засилувања постојано се случуваат. Фотоните држат чекор еден со друг и тоа е она што ја прави ласерската светлина толку светла и концентрирана и во некои случаи толку силна.
Д-р Мозес зеде лажна капсула од водородно гориво. Таа беше широка околу два милиметри. „Се загреа“, вели тој. „Тој пробива внатре со милиони милји на час, поминувајќи го тој пат за околу пет милијардити дел од секундата. Станува со дијаметар колку влакно од косата. Кога ќе стане толку мал, толку брз, се постигнува температура и почнува да се запалува - околу 100 милиони Целзиусови степени“.
Пред да се влезе во НИФ, се ставаат мрежи за коса, шлемови на главите и безбедносни очила. Се прават неколку чекори на лепливите подлоги што ја вадат нечистотијата од чевлите. Правот е отров за НИФ, вели д-р Мозес. Може да ги уништи оптичките инструменти и експериментите. Тој наведува дека целната комора широка 9,9 метри е испумпан воздух речиси до вакуум, многу слично на условите во вселената - празнина каде што светлината може да се затвори речиси без никакви пречки. Д-р Мозес открива дека тимот го употребува ласерот само навечер, а одржувањето и подобрувањето на опремата се прави во текот на денот.
„Ова е постројка што работи 24/7“, открива тој. Претходната ноќ, вели тој, ласерот беше употребен во обид да се подобрат координацијата и тајмингот. Сто деведесет и два зрака треба да ја погодат целта колку што е можно посимултано. Индивидуалните зраци, додава тој, треба да удрат „за неколку билиони делови од секундата“ еден по друг за се запали горивото и да бидат насочени кон целта со прецизност „половина од дијаметарот на влакно од коса“.
Контролната соба, направена според моделот на контролната соба за мисии, на НАСА, во Хјустон, е преполна со активности, иако некои конзоли се празни. Телефоните ѕвонат. Токи-воки шушка. Одбројувањето за активирање на ласерите, открива д-р Мозес, трае 3,5 часа, со процес „кој во голема мера е во рацете на компјутерите“. Планот за операции на НИФ, додава тој, е да се спроведуваат од 700 до 1.000 активирања на ласерот годишно, со околу 200 експерименти фокусирани на палењето. Нема опасност од неконтролирана експлозија, вели тој. Фузијата работи на топлина и притисок, а не на верижна реакција. Згора на тоа, разгорувањето е мало, а ласерскиот блесок е неверојатно краток. Во текот на едногодишното работење, вели д-р Мозес, „постројката е активна само три илјадитинки од секундата“ и, сепак, ќе генерира растечка каскада од податоци и сфаќања.
Следна станица на турата, по минувањето низ дополнителни лепливи прекривки, е најсветото место, просторијата што ја опкружува целната комора. Изгледа како машинско одделение на некој вселенски брод од научнофантастичен филм. Линијата на зракот - сега се прпелка на сребренест метал исполнет со кристали што ја преместуваат концентрираната светлина на повисоки фреквенции - се конвергира на синиот ѕид на комората. Неговата површина е ишарана со сребренести бродски прозорци каде што би можеле да бидат поставени комплексни сензори за да се пресметаат малите експлозии.
Покрај големото знаме надвор и неговото уверливо предвидување, останува прашањето дали сензорите на НИФ некогаш ќе забележат зраци од малите ѕвезди, посочуваат независни научници.
„Лично мислам дека тоа ќе биде избегнување несреќа за влакно“, вели Вилијам Хапер, физичар на Универзитетот Принстон, кој раководеше со федералното истражување за енергија за време на мандатот на претседателот Џорџ Буш. „Тоа е многу комплициран систем и зависите од тоа многу работи совршено да работат“.
Скептиците наведуваат дека проблемите во минатото можеби се вовед. Кога во 1994 година се правеа плановите, огромната машина требаше да чини 1,2 милијарди долари и да биде завршена до 2002 година. Но, трошоците растеа и постојано се одложуваше крајниот рок за нејзино завршување, толку многу што Конгресот се закани со затворање на проектот. Денес критичарите ги гледаат задоцнувањата и трошоците од 3,5 милијарди долари како знаци на претерување.
Д-р Мозес, кој пред една деценија беше назначен за одговорен за проблематичниот проект на НИФ во намерите да го подобри, посочи дека по една деценија, со оглед на тоа дека НИФ отвори нови граници, никој нема да се сеќава на сопките. Тој го спореди проектот со подвизи како што се стапнувањето на Месечината, производството на атомска бомба или пронаоѓањето на авионот. „Сопките не се невообичаени кога се зафаќате со проекти со голем ризик“, изјави тој.
(Интернешенел хералд трибјун)
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=1518E344C4159948A36DBA570A1438F8