Архитектурата и политиката

Serpico

Сковинистратор / I'm Batman
Член од
25 јануари 2007
Мислења
11.166
Поени од реакции
691
1. Сестри во акција

Историски гледано, архитектурата и политиката секогаш оделе рака под рака. Под терминот политика очекуваме да се подразбере некаков комплексен еквивалент на власта, државно уредување, системот, трасираниот начин на живот, општество во апаратура. Некој ќе рече дека архитектурата секогаш била во служба на власта и донекаде ќе е во право. Во овој дел ќе се задржиме на афирмативното прифаќање на овој исказ, кој влече корени уште од најраните форми на обид за доминација во просторот, најелементарните облици на канонизиран архитектонски израз со чија помош се нагласувал општествениот статус и доминацијата на една единка или група на луѓе над останатите членови на малцинството. Потсетете се на родовската организација, прошетајте со мислите до Египет, вратете го филмот до средновековието. Да, оној кој ја има доминантната позиција во опкружението, обично го нагласува тоа со желбата за доминација врз просторот при што мегаломанските апетити секогаш добивале можност симболично да се изразат преку архитектонскиот облик. Покрај градењето на вкусот или нивото на култура на жителите на одреден регион, архитектурата ја има таа задача да влијае свесно и симболично врз општеството односно врз најдиректната клетка на општествениот организам - човекот. Некогаш ова влијание се пренесувало преку скализиран, нагласен израз - а некогаш преку еден од најчестите медиуми денеска, фасадата на еден објект.

Архитектурата ја здобила довербата на општеството за да ги кристализира специфичните културни вредности на истото; а бивала искористена и од власта за да го утврди нејзиниот бедем, нејзината акрополна позиција во државата. Да земеме пример од нашата поблиска околина, поконкретно од одредени градови во кои континуирано низ годините се случувала концентрација на моќ, капитал и субјекти кои ја граделе политиката на поглобално ниво: го имаме Белград со својата скупштина, Софија со Палатата на правдата и Собранието, Будимпешта, Истанбул, Букурешт... Речиси во сите историски значајни центри, забележливо е присуството на оваа несомнено политизирана архитектура која де факто е приморана да и се додворува на владеачката гарнитура и идеи, која има една цел - нејзино постепено вгнездување во просторот, еден вид на невидлив приказ кој ќе го боде она трето око на таргет единката кон која е упатена пораката преку овој медиум. Кажано со едноставни зборови, градењето клучен објект со нечовекомерни димензии потсвесно најавува или наметнува минорна позиција која треба да ја завземе еден обичен човек према тој објект, односно она што објектот го претставува.


Едноставен пример: Романскиот Парламент е граден во периодот од 1983-89 година. Градбата на ова грандиозно здание, според Гинисовата книга на рекорди втор по големина административен обејкт во светот после американскиот Пентагон, беше во крајно лош економски период за Романија, а сепак зградата беше завршена за прилично брз временски период. Во тоа време на власт во Романија се наоѓаше Николае Чаушеску, диктаторот кој заврши неславно набрзо откако ја изгради својата палата. Некој би се запрашал, зошто Чаушеску инсистирал на изградбата на објект од вкупни 350 000 м2, во време на една голема финансиска криза во Романија? Одговорот е едноставен - токму преку едно вакво архитектонско здание, владетелот сакал да ја зацврсти својата позиција во потсвеста на секој романец еднакво цврсто како што се поставени темелите на оваа градба врз Букурешкото тло, градба која колку за информација има 84 метри висина над земјата и додатни 15 изградени метри под земјиното ниво. Иако не успеа да го доживее денот кога и јас дочекав да се восхитувам на неговото дело, Николае Чаушеску или подобро речено - архитектот на Романскиот Парламент ја постигна целта. Букурешт има зграда која доминира, која иницира пројавување на стравопочит -инаку особено значаен кога станува збор за законодавна, државна институција, стравопочит пренесен преку камената фасада во психата на луѓето, залиен со зборот Власт!


2. Пар(и)хитектура

Првиот историски осврт заврши; ајде да видиме што се случува денес во светот кој се поизразено си се врти по својата оска направена од хартии од вредност. Сосема логично е меѓу првите нешта што денес ни паѓаат на памет, кога ќе се спомне израз како модерна архитектура, да бидат парите. Зошто? Веќе е небулоза дека еден грандиозен објект се гради со малку пари. Големите корпорации ги ангажираат најдобрите архитекти да проектираат огромни, фантастични трговски центри или административни објекти во кои ќе се смесат седиштата на компании кои произведуваат паста за заби или виски. Објектите неретко имаат брилијантна форма, се измислуваат нови конструктивни системи, се остварува потполн интегритет на проектантската замислата со реализацијата...но сепак, иронијата која може да се насети во целиот тој гламурозен момент укажува на тоа дека и покрај тоа што формално се среќаваме со можеби највозбудливата архитектура која било кога постоела на планетата Земја, реално истата таа архитектура ја има најсмешната содржина која не може да премине преку тривијалниот праг на ограничените социјални или политички цели кои и се зададени. Да, се поставува прашањето за проблематичноста на самата природа на модерната архитектура, поради нејзината тесна врска со капиталистичкиот дух на општеството за чии потреби се создава истата. Што значи оваа архитектура? Каде ќе не одведе? Како влијае психолошки врз луѓето? Дали некогашниот систем на концентрирана моќ и тоталитарно владеење на единка како цар, крал или диктатор кој манифестирал еден вид на архитектура со одредена цел да придонесе за зацврстувањето на власта, денес е заменет со еден модерен диктат на секојдневното хабитирање во просторот на човекот со една единствена главна функција - потрошувачка машина? Каква ќе биде наредната стапка во еволуцијата на Хомо Сапиенс-от, и каква ќе е улогата на архитектурата во овој процес?



Повеќе на темата, нешто подоцна.
 

ada

Модератор! ок?
Член од
21 август 2006
Мислења
5.706
Поени од реакции
566
Општо уметноста(што значи вклучително и архитектурата) секогаш вака или онака служела како идеолошки апарат, како помошно средство во политиката и слично. А ова особено е точно кога е во прашање архитектурата, затоа што во споредба со останатите уметности, таа поседува итекако практична примена и е нај-опиплива(условно кажано)
Ако за точно го земеме тврдењето дека уметноста е секогаш рефлексија, тогаш за очекување е дека архитектонските стилови ќе бидат директно или индиректно поврзани и ќе служат за "пресликувањe" на општествените и политичките прилики.
И како пример во мометов ми се наметнуваат црквите и катедралите од периодот на романиката и готиката.
Во бурните, мрачни и воинствени времиња на романиката се граделе цркви со дебели ѕидови, со слабо осветлување, кои однадвор личеле на тврдини, а на влезните врати секогаш биле прикажани сцени од Судниот Ден. Значи, било потребно кај народот да се створи стравопочит и послушност и со истото чувство да влезат во храмот. А во него да се осеќаат заштитено и безбедно од надворешната "бура", благодарение на, како што веќе споменав, цврстата градба и дебелите ѕидови. Значи, им се пренесувало порака дека ќе добијат засолниште, но само ако се однесуваат во согласност со црковните догми, инаку ги очекуваат маките на Страшниот Суд.
За да веќе во готиката, ѕидовите станат тенки, катедралите се осветлат со огромни прозорци на кои биле изработени величенстени витражи, и таваниците добијат во висина(за првпат тогаш во историјата) толку многу што храмовите тотлано се одалечуваат од дотогаш востановените пропорции на човековото тело. Повеќе катедралата не треба да створи стравопочит преку стравични прикази и мрак, туку треба да го изгради почитувањето на луѓето преку контрастот на нивната маленкост, наспрам огромните димензии на храмот и надреалните и воодушевувачки светлини на раскошните витажи. Со тоа на верникот му се пренесува дека ќе добие така величина и раскош и уште толку повеќе горе на небесата ако се држи до заповедите, и му се нагласува колку е самиот тој и неговиот живот на земјата мал и ништожен во споредба со Божјото царство.
За да веќе во раната ренесанса добиеме сосема поинаква приказна и поинакви пораки.
И ова се повторува се до денес.
Сепак се извинувам што вака се расприкажав,и веројатно само ги повторив нештата кажани од авторот на темава и тоа на многу по систематичен и постручен начин од мојот,но не можев да се воздржам:toe::smir::pipi:
Го очекувам продолжетокот на темава со нетрпение:)
 

Serpico

Сковинистратор / I'm Batman
Член од
25 јануари 2007
Мислења
11.166
Поени од реакции
691
3. Со здрава архитектура, до здрав дух

Една француска дефиниција од 1563-та година ни укажува на фактот дека архитектурата постои како уметност или умешност на градењето и како таква треба да биде во служба на човековите потреби. Јасно е дека вака ограничената дефиниција за градителството е застарена, но сепак преку споменатата сентенца може да ги издвоиме аспектите во кои одговорноста на архитектите е најголема - доменот на симболиката, значењето и визуелното доживување. Денес, кога зборуваме за каква-таква егзистенција во демократски уредени држави (со чест на исклучоци како Белорусија, Северна Кореја и ним слични), поимите како служба и општество добиваат ново значење, кога клетката на самото тоа општество, човекот треба да размислува со своја глава како нему ќе му служи архитектурата. Времето кога негувањето на сопствено Јас беше луксуз - помина. Човекот мора да оди напред, да бележи прогрес, постојан културолошки развој, градење на космополитски дух без заборавање на националниот идентитет. Како архитектурата ќе му служи на ова ново општество? Токму затоа од неа последниве неколку децении не ретко се бараше да во изградбата на културните објекти и спомениците на уметноста, се вметне сето она значење кое во градовите било придавано на религиските или политичките градби во минатото. Иконичните фигури завземаат нов облик - Опера Хаус во Сиднеј, Њујоршкиот Гугенхајм, Центарот на уметности во Валенсија - иако честопати се јавува скепса дека културата со програмата за нејзино издигнување не е доволно силна замена за позицијата на религијата или политиката во световното општество; поради што и архитектонската манифестација и гестови, како и поимањето на овие културни објекти често знае да биде пренапумпано или со пренагласена важност.


 

Serpico

Сковинистратор / I'm Batman
Член од
25 јануари 2007
Мислења
11.166
Поени од реакции
691
4. Деструкција на меморијата
или денот кога гореше Рим

Можеби најистакнатата функција на архитектурата (заедно со останатите естетски уметности) кога станува збор за нејзината интерференца со политичката моќ е креирањето на националниот идентитет, подигнувањето на постоечкото патриотското чувство или создавање на ново. Преку диригираната архитектонска експресија многу лесно може да се продадат идеите на политичкиот систем, преку создавање на нови архитектонски вредности или со рушење на стариот симболизам кој е спротивен по идеја на актуелната политика. Хитлер и Сталин се само двајца меѓу многуте диктатори кои манипулирале со визуелната естетика во просторот за да постигнат ефекти како гореспоменатите.

Ајде на кратко да погледнеме на темната страна на Месечината. Што се случува и каква е функцијата на архитектурата кога е во служба на политиката во својот најлош облик - времето на војна. Ако ја прифатиме идејата дека не постои архитектонски отелотворен национален идентитет, ако можеме да резонираме дека нашето сегашно историско постоење не мора да е клучно завиткано во целофан од трагови на минатото со машничка од носталгија, тогаш не би требало да бидеме под влијание на повременото уништување на одредени архитектонски градби со одредена цел. Реално, вакви безгрижни сваќања најчесто се привилегија на обезбедените и добро чувани нации, каде континуитетот на дом и засолниште не е доведен под прашање. Сепак, дека громот понекогаш удира и во коприва се доказ и настаните од нашето поблиско минато, како 9/11 - кога еден од симболите на американската економска доминација во светот беше срамнет со земја и од ерект на политичко-економската моќ на една нација, можеше лесно да прерасне во надгробен споменик на истата таа политичка моќ - откако долго време, па и ден денес целиот свет ги чувствува ефектите од поткопаниот морал, повреденото его и суета на децата на вујко Сем. Војна за која иако има други причини, поводот може да се бара токму во уништувањето на едни вакви архитектонски тотеми како што беа Кулите Близначки на Менхетн.

Кога човечкиот фактор врши агресија врз една култура, народ, нација, сосема логично е да се насетува деструктивниот пристап на агресорот према значајните архитектонски споменици на општеството врз кое се врши агресијата. Војната со сета политика, бреме и епохални последици кои ги носи со себе редовно ја таргетира културата и наследството на завојуваните страни како една од своите примарни цели. Од рушењето на Ацетчките градови од страна на конквистадорот Кортез, преку бомбардирањето на Дрезден и Токио во втората светска војна до војните на Балканите, јасно може да ја согледаме културната војна која својот бес го извива далеку над јасната архитектонска анихилација, и дека во овој потсвесен напад се крие јасната цел за елиминација на одреден народ. Денеска кога едновремено се величаат делата на Френк Лојд Рајт, Јо Минг Пеи, Френк Гери или Норман Фостер - а од друга страна се уништуваат музеи и храмови од бесценета вредност, јасна е моќта која архитектурата ја има во одржувањето или елиминацијата на политичката идеја, концепт, власт. Културната војна без размислување е намерен акт на агресија врз одредените жртви, а уништувањето на архитектонската кристална рефлексија на одредена култура е всушност параванот зад кој се кријат намерите за тотално бришење на меморијата од мозокот на луѓето и градење на една нова атмосфера, во корист на новата политика на апаратот.

Една ваква приказна се случуваше недалеку од нашата земја, во Босна и Херцеговина, поточно во градот Мостар. Самото име на своевремено можеби најкосмополитскиот град во БиХ, е во најтесна врска со мостот, архитектура која поврзуваше два брега, два различни света. Мостот беше симбол, неговото уништување беше симбол. Хрватската писателка Славенка Дракулич ќе искоментира: Зошто чувствуваме повеќе болка гледајќи ја сликата на рушевините кои некогаш беа мост, отколку кога гледаме слики на масакрирани луѓе од истата војна? Ние ја осеќаме нашата сопствена смртност и очекуваме еден ден нашите животи да завршат...но секој очекуваше мостот да ги надживее сите луѓе кои го сакаа.

Вакви примери кога димензиите на улогата на архитектурата во служба на политиката зафаќаат деструктивни размери има низ целиот свет. Комунистите уништуваа цркви во Русија, Кина континуирано ги тероризира градбите кои се поврзани со Тибетанската култура, талибанците уништија 1500 години стари колосални фигури на Буда во 2001-та година, откако го примораа локалното население да ги минира. Но, кога архитектурата учествува во специјална војна не секогаш станува збор единствено за деструкција. Контра на ова, имаме примери на подигање ѕидови во Берлин-како најпознат, но и во Белфаст и Израел;ѕидови кои имаат намена да поделат, архитектура која врши сегрегација. Низ историјата се појавуваат и примери за реконструкција, кога се прават обиди за пластична операција на некогаш уништениот архитектонски лик на еден град, при што често се забележува извесна Дизнификација на градот.

Главната поука од студирањето на улогата на архитектурата при ваквите вештачки генерирани непогоди и акумилираните примери за политички мотивирано уништување на градбите е дека кога се врши културен геноцид, кога се војува против архитектурата - нема победници.
 

Serpico

Сковинистратор / I'm Batman
Член од
25 јануари 2007
Мислења
11.166
Поени од реакции
691
*bonus: Демократија на градот
урбана комуникација

Колку организацијата на градот може да придонесе за ширење на политичката демократска визија? Се сеќаваме на грчката агора и римскиот форум - само едни од примерите преку кои се овозможи одредени човечки карактеристики да дојдат до полн израз, а слободната и отворена дискусија која е од општо значење за заедницата да придонесе за напредокот на истата, напредок кој е несомнен кога ќе се случи феноменот на размена на идеи и дискусија околу прашањата кои се од клучна важност за целата заедница.
Со текот на времето и развојот на новите комуникациски технологии, овој тип на градско собирање - ако се исклучат разните митинзи, концерти и спортски натпревари полека изумираше, за сметка на се повиртуелното поврзување на соговорниците, поради што развојот, прогресот кој се очекува, таа нова идеја се потешко се пројавува, бидејќи нема автентична колективност. Поединецот се поретко размислува не само за своите ставови, туку и за нивната можна имплементација и интеракција со општествените, јавни интереси. Имаме ниво на самосвесност на единката за кое вреди да се запрашаме дали и колку е виновен новиот урбан концепт на градовите? Дали воопшто постои соодветен концепт денеска?
Партиципативната демократија е се понереална, иако со својот романтичарски призвук придонесува и денес да постои во програмите на политичките партии и да се прават (какви-такви) обиди за децентрализации и зголемување на количината на индивидуалната одговорност како предуслов за колективитет и одговорност. Единствената прилика за заживување на општеството и неговите идеи преку партиципативна демократија беше во времето на практичната, народна, урбана револуција како американската, француската, шпанската. Каква улога имаше архитектурата во тоа време?



5. Архитектура и револуција
и/или а поставувајќи го правецот

Ле Корбизје преку своите проектни реализации настојува на куќата да и придаде еднакво значење како и на палатата, приватното да се издигне до јавното, а утилитарното со културното. Спротивно пак, во постреволуционерната Русија, архитектите се инспирирани и мотивирани од зајакнатата верба во новите значајните општествени функции, благодарение токму на измислувањето на некои нови функции и содржини, паралелно со градењето на новото општество. Токму така е создадена новата руска архитектура која е во духот на прогресивните, идеалистички цели на општеството во тоа време. И тука може да дефинираме уште една значајна задача на архитектурата - нудење на некаква идеална алтернатива, со јасно дефинирани оштествени содржини, базирани на одредени програми, идеали или идеи, различни од постојните.

Смислата на постоењето на оваа алтернатива, материјализирана преку идеи, проекти или теоретски размисли е да се одржува живата критичка опозиција према постоечкиот систем доколку системот не одговара на потребите на широките народни маси туку само на одредена мала група на луѓе кои ја креираат политиката, а се здобиле со тоа право токму преку грбот на масата - затоа треба да псотои оваа алтернатива и јасно да го назначи позитивниот тек на револуционерните дејствија доколку дојде до нив. Историските настани покажуваат дека иако се раѓа ист вид на спонтана креативност како еден вид на реакција во сите народни револуции - пред се улична уметност како графити, слогани, симболи, цртежи - сепак до потполн пресврт може да дојде само доколку постои архитектонска традиција која ќе се комбинира со овие облици на народен револт, како во времето на рускиот конструктивизам од 20-те години на 20-от век.
Таквата ситуација на континуирана креативност (која во уметноста особено е изразена при вакви општествени услови на незадоволство) и сплотеност на популарните манифестации на народниот револт според Чарлс Џенкс е резултат на одржаната традиција на несогласување со политиката, режимот на власта, дури и кога уметниците - на чело со архитектите-дејствувале во рамките на системот
; секогаш успевале да пронајдат контра-тема, да понудат контра тег на сервираната апсолутистичка реалност, да бидат алтернативци со ироничен набој кој ќе се спротистави на актуелната владеачка идеологија.

Општествената реалност се конкретизира преку архитектурата. Ако таа општествена реалност ја изгубила својата убедливост во моќта на единката сама да одлучува за својата судбина, значи дека ја изгубила убедливоста кон основната есенција која го создава оштеството, а со тоа и го има основното право на посакувана реалност - човекот. Во таква ситуација, Ле Корбизје - помалку пацифистички претполага дека револуцијата може да се избегне, излагајќи го ставот: Револуција или Архитектура. Чарлс Џенкс се спротиставува на швајцарскиот архитект и додава дека ако денес сакаме да имаме уверлива, автентична архитектура, таа мора да израсне паралелно со народната револуција која води према една поубедлива општествена реалност.

Архитектура и револуција.
 

Serpico

Сковинистратор / I'm Batman
Член од
25 јануари 2007
Мислења
11.166
Поени од реакции
691
6. Меѓу чеканот и наковалната
Македонија, политика, архитектура и уште неколку невидливи поими

Опфативме повеќе аспекти на интерференцата помеѓу архитектурата и политиката. Каде тука можеме да се препознаеме себеси? Нашиот идентитет, нашата реалност или можеби нашата нереалност? Би започнал со анализа на архитектонскиот крик во самата срж на македонските институции на системот. Географски гледано концентрацијата на овие институции е во главниот град Скопје. Град кој сам по себе ја тангира тематиката која ја обработуваме не само поради реалниот факт дека како главен град на Македонија е еден од градовите во пошироката околина кој секогаш бил во офсајд кога станувало збор за допирот на европската градителска рака (што и не е толку чудно доколку се земе во предвид 5-вековната османлиска окупација која во огромна мерка ги спречила овие неимарски влијанија на македонското тло), туку и поради природните непогоди кои го зафатија во 62-ра и 63-та година-поплава и земјотрес,соодветно- и периодот на реизградба на истиот во времето на комунизмот и влијанијата на модерната.

Контроверзна архитектонска-политичност ја обвива изведбата на урбанистичкиот план за Скопје, дизајниран од познатиот Кензо Танге кој со својата основна идеја победи на распишаниот конкурс, а сепак при реализацијата на истиот мораше да компензира и да направи компромис со уште неколку решенија кои беа избрани од комисијата - со цел да се направи едно сижејно идеално решение за ликот на главниот град. Многу бабици, килаво детенце- рекле старите. Сепак, политиката не кореспондира со традицијата кога таа традиција не и е потребна, па се случи она што се случи и Скопје изгледа така како што изгледа, со сите забележани доблести и нагласени мани, создадени од насилната (и помалку наивна) љубов помеѓу архитектурата и политиката, режимот на едно време.


Да видиме како зградите на системот во Македонија кореспондираат со анализираните начини на прокламирање на државната политика врз општеството. Забележливо е дека кај македонските институции од јавен карактер имаме проектирање на архитектура во човекомерни димензии. Собранието на РМ и покрај својата пентагонска форма не манифестира особено чувство на доминација во просторот, не само поради својата мала висина - и атинскиот парламент не е особено висок, но урбанистички е поставен на соодветно место, па делува далеку поимпозантно од македонскиот пример за истата институција. Што повлекува ова? Македонецот го нема она чувство на благо застрашување од законодавниот дом; ајде што не осеќа стравопочит (чие неприсуство малтене значи дека може да заборавиме на анализите за восхит предизвикан од грандиозноста на објектот- што можеби не важи за неговата форма, линија) туку ми се чини дека и самиот елементарен респект према институцијата е изгубен, ситуација која рака на срце е повеќе предизвикана од она што не го гледаме на лицето на објектот, но го дознаваме од останатите не-просторни медиуми. Додека сме кај Собранието на РМ, вреди да се спомене дека во тек се планирањата за негова реконструкција после која ќе можеме да дадеме повторна оценка за политичките инфлуенци во неговиот архитектонски облик.

Владата на Република Македонија, урбанистички гледано е поставена на подобра локација во споредба со Собранието. Не е особено доминантна- нешто што важи и за претходно анализираниот објект - после што можеме да заклучиме дека нашата мала држава немала потреба за физички поголеми објекти, барем во времето на нивната изградба. Дали е ова резултат на пре-демократски ориентираната политика која не сакала да се наметне врз своите граѓани како некои од посочените примери низ текстот, или е резултат на некаква повисока политика која имала за намера македонците воопшто (или многу бавно) да не ги развиваат своите сетила за национална гордост, храброст и идентитет преку архитектурана на државните институции. Додека размислувате за ова, не заборавајте да процените колку овие објекти кореспондираат со македонската традиција, и дали нивната архитектура е онаа барана кристална рефлексија на културата на македонците, или во конкретните случаи се барало постигнување на некој поинаков ефект?

За квази-капитализмот и предолгата транзиција, односно за она што се случува денес низ нашата држава може да се зборува многу, а да се каже само малку, самата срж, она што е така и не е никако поинаку: приватната сопственост диктира свои сопствени тенденции во градителството, посебно кога раката на политиката во овој домен не е толку долга како што може да биде, или ако е долга тогаш не е тешка, а кога велам тешка, воопшто не мислам на материјаната целисходност од одредени (не)одлуки. Безобразната узурпација на просторот е актуелна и реална, безличноста на денешната околина која постепено се дефинираше изминативе 15-тина години можеби ќе прерасне во нешто за кое ќе зборуваме со восхит после изминати нови 15 години. Искрено, се надевам - не.

Френк Лојд Рајт еднаш рекол: (парафразирам)
Не туку гледајте кон животот. Погледнете во него.

Лекциите ги имаме пред нас, доволно е да ги прочитаме. А ако ги научиме, ќе ни нема рамен.
 
Член од
12 март 2009
Мислења
19.809
Поени од реакции
15.732
Во Турција кога паднаа некој згради по земјотрес многу архитекти а и други одговорни завршија во ЗАТВОР
Кај нас, имаше случка, кога Пенов беше градоначалник, изгоре човек во количка во дрвено поткровје во Ново Лисиче, имаше и проектански грешки... Пенов се ПЕНЕШЕ, некој ќе одговара, а баш тогаш бев во муабет со еден правник од канц. на народен Правобранител...
Тој велеше, баш да видам, во нашата КВАЗИ дрѓава предвиден е само Гарантен Рок, а и тој не се почитува, НЕ и Одговорност за проектански грешки... Изгореа МНОГУ луѓе во Модуларна болница, кабелот е виновен...
Кај нас е ставен во ЗАТВОР само статичарот кој при градба на Дом на синдикатите, пред земјотрес, вградил Солидна арматура... наводно по Земјотресот е ослободен...
 

Kajgana Shop

На врв Bottom