Од ова што го кажуваш, постои дискрепанца помеѓу твојата персона (тоа што го покажуваш пред другите) и твоето его (тоа што мислиш/знаеш дека си), дополнително и дискрепанца помеѓу егото и Себството (тоа што навистина си). Веројатно се чувствуваш притиснато, дека само бидејќи се на површина изгледа океј, дека мораш да бидеш среќен, иако се чувствуваш дека не си. Препознавам некои од нештата кои ги пишуваш бидејќи сум поминала низ тоа („не е дека не сум среќна, ама...“) и ќе ти кажам дека првиот чекор е да не ја минимизираш својата болка, немир и несреќа само бидејќи постои некое наметнување од средината кое преминало во наше верување дека само бидејќи навидум се е во ред дека немаш право да се чувствуваш непријатно. Се е во ред со тебе, твоите емоции како компас совршено добро ти покажуваат што е и како е, во твојата субјективна реалност.
Патем, бидејќи спомна дека си добро прифатен, длабоко преиспитај дали се чувствуваш прифатено за она што си, или пак за нешто што не си. Тоа знае да биде извор на голем немир, бидејќи може да се чувствуваш како да живееш во два паралелни света наеднаш, додека во едниот се чувствуваш потполно сам.
Избегнувај обиди да ги „излечиш“ своите емоции, туку вложи напор да ги разбереш, да се разбереш себе. Пак ќе речам - емоциите се како компас, можам да направам аналогија со симптоми на настинка, симптомите се сигналот дека нешто се случува во телото, дека постои некаков дисбаланс. На тој начин, емоциите се индикатор на некој процес, дисбаланс, кој се случува во тебе. Слушај внимателно што пробуваат да ти кажат - никој не може да знае со сигурност што ти кажуваат освен ти самиот. Од искуство, веројатно станува збор за некаква незадоволена потреба (љубов, сигурност, припаѓање, безбедност, позитивна самопотврда итн.), чувство на загрозување на некоја од тие потреби, константно тригернување на одредена траума итн (траумите можат да се создадат од најситни случки во детство кои често не ги памтиме, или од секојдневни нешта кои не ни ги приметуваме бидејќи ги сметаме за нОрМаЛнИ).
Тоа што премислуваш, overthinking, лично сум го искусила како чувство на несигурност, или подобро кажано небезбедност и обид за контролирање на некоја ситуација за која веќе имаме потсвесно верување дека ќе излезе ужасна. Значи, иднината се нема случено, за нас е природно да проектираме некое сценарио врз иднината. Она што ќе го проектираме зависи од искуствата кои сме ги имале во животот, од што произлегле мислите, верувањата и емоциите кои ги имаме. Проектираме некое сценарио кое оди по шемата што ја имаме веќе искусено, тоа искуство било непријатно и ја премислуваме таа идна ситуација со цел да се обидеме да најдеме начини да го исконтролираме сценариото за кое сме несвесно убедени дека навистина така ќе излезе. Преиспитувај си ги мислите.
Во врска со преиспитување на мислите, топло ти ја препорачувам „Работата“ односно "The Work", на сајтов имаш worksheet и инструкции - се работи за процес на преиспитување на мислите кои ги имаш, било кон други, себе, универзумот или што и да е друго.
https://thework.com/sites/makedonski/ (еве го на македонски, го има и на англиски ако сакаш нормално)
Еве мое мислење на слично прашање, се повторуваат некои работи, може ќе ти користи да прочиташ.
Има уште многу што да се каже на оваа тема, се надевам дека гореизнесеното ќе ти послужи.
Секое добро!