Читам коментари за средбата со Грција и стварно не можам да ве разберам што очекувавте.
Еве неколку коментари од мене за средбата со Грција и за оваа со Холандија:
1. Играчите се тие што се. Не можеме ние да ги смениме. Не може одеднаш Самарџиски да стане Гасол и Трајковски Леброн Џејмс. Тие што пратат кошарка совршено знаат кои им се јаки а кои слаби страни на нашите репрезентативци и играта мораме да ја градиме врз основа на она што го имаме, не може да измислуваме работи за кои објективно немаме капацитет. Губиме онака како што губиме заради тоа што играчкиот кадар ни е ограничен. По имиња и клубови во кои играат играчите ние сигурно имаме меѓу 3-4 најслаби репрезентации на цело првенство. А плачиме после поразите како да имаме минимум 3ца во НБА и 7 во Евролига. Ок е да сакаш победа на секој натпревар, така и мора да биде, ама да ги пцуеш играчите за неуспех кога се знае дека 3-5% им е шансата да успеат е бесмислено.
2. За составот исто нема смисла никој да се жали бидејќи горе долу тие се тие што требаа да играат (едино Магдевски јас би го зел наместо Соколов, колку за да добива искуство, секако Соколов не ни игра а и кога игра е бескорисен). Антиќ откажа, Меккејлеб откажа (а и да не откажеше во оваа екипа повеќе ни треба Хендрикс отколку Мккејлеб), Гечевски и Чековски се веќе завршена приказна и местото им е во историјата. Реално освен Антиќ некое особено засилување не ни можевме да имаме.
3. Гледам доста жалби и за играта во напад. Искрено јас немам некои забелешки за играта во офанзива. Со овој состав кој го имаме, мора да се игра на шут за 3, па макар и 50 пати на натпревар шутнале за 3. Се додека е релативно отворен шут и не е Самарџиски или Младеновски тој што шутира, немам никакви замерки. Само треба да се избегнат исфорсираните шутеви преку 2-3ца (особено со уште многу време останато за напад), а факт е дека Трајковски и Костовски знаат да бидат склони на таква недисциплина. Против Грција всушност нападот и не ни беше лош (особено ако се земе во предвид дека Грците отсекогаш биле светска класа во одбрана, а сега ја имаат една од најдообрите екипи во нивната историја). 12/30 за три е одличен шут, со таков шут можевме и да ги победиме ако шутиравме повеќе тројки а не се глупиравме со бесмислени влезови на положување против елитни во светски рамки дефанзивци од рангот на Антетокоунбо и Куфос. Едноставно нашите играчи немаат никакви шанси во таква ситуација (можеме да добиваме и по 15-20 банани на натпревар и тоа нема да има никаква врска со страв - едноставно физички сме целосно инфериорни во тој аспект против екипи како Грција, а искрено можеби сме најслаби и на цело првенство). Едноставно немаме никакви шанси и не е воопшто случајно што имаме шут 12/30 (40%) за три што е еквивалентно на 60% за 2, а за 2 имаме шут 10/33 (30%). Стварно не ми е јасно како тоа премногу сме шутирале за тројки кога тројките се тие што не вадат, со влезови тешко нас ќе биде, а да не зборувам за шут од полудистанца (е дури тогаш катастрофа ќе не чека).
Всушност оваа екипа не е воопшто полоша од минатата во напад. Напротив подобра е. Ние и порано се мачевме со шутот за 2 (само Меккејлеб со играта во транзиција и влезовите ни го креваше просекот) инаку и порано бевме катастрофа. Само тогаш ни тројките не ни одеа толку многу - реално Антиќ и Меккејлеб и не беа некои шутери а трошеа многу топки.
Тактички гледано на оваа генерација главен проблем во напад им се загубените топки. Одвреме навреме има недостаток на концетрација кај некои од играчите и на тоа мора да се поработи особено што главно загубените топки се "живи" и примаме лесни кошеви во транзиција после нив. Од остатокот немам некоја замерка - мора да играме така со оној играчки кадар кој го имаме.
4. Главниот проблем во нашата игра е играта во одбрана. Тука всушност е и главната разлика во однос на минатата генерација. Нашиот состав од претходните 4-5 години играше одлична одбрана предводена од 3ца доста квалитетни дефанзивци во европски рамки на позиции 4 и 5 (Антиќ, Гечевски и Чековски). Сега единствен квалитетен дефанзивец таму ни е Хендрикс, но и тој не може сам. Самарџиски и особено Трајковски се ужас во одбрана (вчера директно на Трајковски едно 30 поени ни дадоа грците - затоа Принтезис се изнаигра). Само заради тоа искрено и би го седнал на клупа Трајковски. Поарно нека игра Ѓуровски барем е наш најдобар атлет, подвижен е и се бори (а и реално е многу подобрен во однос на порано). Згора на тоа одбраната на надворешната линија е катастрофа. Костовски, Илиевски, Симоновски се некаде меѓу слаби и многу слаби дефанзивци. Само браќата Стојановски колку толку држат некое одбранбено ниво. По секоја цена треба да се избегнува комбинација на овие 3 бека со Самарџиски и Трајковски. Такви постави не смееме да играме.
5. Гледам имаше забелешки и за тоа што сме играле рогови (horns). Не знам што има чудно во тоа, таков почетен сет на секаде се користи и во модерната кошарка (нема екипа што не ја користи оваа тактика и тоа на големо). Битно е каква акција натаму ќе се развие (а од рогови произлегуваат милион варијанти кои може да резултираат во било каков шут од било која локација на теренот). Се тоа зависи од уиграноста на екипата, нивната креативност, но пред се од она што го нуди одбраната на противникот. Не можеш со глава да удираш во некоја варијанта која одбраната свесно ти ја одзема и те тера да играш поинаку (тука до израз доаѓа снаодливоста, креативноста и универзалноста на играчите). Главниот проблем во користењето на рогови кај нас е што понекогаш премногу бавно влегуваме во сетот и додека се развила некоја акција (а бавно се развива бидејќи не се движат доволно играчите без топка) веќе истекло времето за нападот.
6. Против Грција искрено дури и ги надминаа моите очекувања. 30тина минути како така се држеа целосно во игра и Грците немаа можност да се опуштат туку играа до максимум. Со иста таква игра како вчера во првите 30тина минути ќе ја победиме Холандија. Холандија пријатно ме изненади вчера но реално нема некоја игра. Пробуваат да играат брзо бидејќи се подобри атлети од повеќето екипи но и многу грешат заради тоа. Освен Kloof (како е можно овој играч да не игра во појака екипа!?!?!?!), ниту еден друг не ми остави некој впечаток. Се гледа дека заслужено се пласираа на првенството, но не се тим од кој трба да се плашиме. Се што треба е да се затвори рекетот, да се остават да шутираат од надвор и да се навлече Kloof да солира (се гледа дека е склон на форсирање и како што може да му донесе победа на екипата, може и да биде најголем кривец за евентуален пораз). Со стабилна и дисциплинирана игра, ако не ни го сврти грбот шутот за три ќе ги добиеме. Особено ако го затвориме Kloof како што го затворивме Спанулис вчера.