Изгледа ќе ми треба време да фатам чекор со темава. Вредни сте до хиперактивност!
На тема од 19 страници, со по 10 поста на страна, човек со слободно време како она што го имам јас не може лесно да следи се. Покрај изразито интелектуалните дискусии мора де прочитаат и оние... хм... не толку интелектуалните, и сваќаш дека дел од времето си го изгубил дури откако ќе го изгубиш. Друг начин - нема.
Веќе неколку пати беше постирано на темава дека расправата „религиозно vs научно толкување“ се претвара во расправа „религија vs наука“. Како човек кој е верник, и во исто време доста добро познава една од природните науки (биологијата конкретно) ќе кажам само дека една од главните поттикнувачи и зацврстувачи на мојата Вера беше токму - Науката.
Во практиката
во принцип мразам мешање на овие две работи. Сметам дека тоа е своевидно мешање на „баби и жаби“. Кога набљудувам некоја природна појава која треба да ја сватам не велам „Господи, прати ми Ангел да ми каже што се случува“! Гледам, размислувам и консултирам научни податоци кои можат да ми помогнат да дојдам до констатација. Кога се молам не размислувам колку сводовите на храмот се генијално решение истовремено од гледна точка на естетика, практичност и статика, и колку/каква арматура има во столбовите.
Во принцип...
Кога се во прашање теориите за настанокот на животот и на човекот, пред да го кажам моето мислење ќе ги потсетам и науката во тој поглед не се разликува многу од религијата. И во научните кругови владе тежнеење кон една или друга теорија. Различните погледи на научните теории многу често не се инспирирани од логика (во сите има логика и сите имаат недостатоци), туку од сосема лични причини. Во некоја (за сега хипотетична и утописка) наука сите теории за кои нема докази но во кои има логика би биле апсолутно рамноправни. Ако јас изнесам една теорија, а моите колеги ми укажат на логични недостатоци на истата, веднаш би ја повлекол (и би им се заблагодарил за забележувањето на превидот). Ако пак мојата теорија е издржана, не би требало да има спротивставување, таа теорија би требало да се постави рамо до рамо со останатите. Но дали во науката е навистина така?
„Суета - мојот омилен грев“ вели Ѓаволот во филмот „Адвокатот на Ѓаволот“. Научниците кои изградиле кариера и стигнале на високи општествени позиции благодарение на одредени теории нема лесно да се откажат од нив. Ќе се држат за своето размислување како слеп за стап дури и кога тој „стап“ ќе стане парче дрво изгризано од термити кое едвај си ја поднесува и сопствената тежина. Дури и кога самите ќе ги увидат своите пропусти и грешки нема да речат: „Во ред, тогашните сознанија и податоци ја налагаа оваа теорија, дајте да видиме што велат новите“. Секојдневно можеме да бидеме сведоци на дискредитирање на револуционерни научници кои се дрзнале своите сознанија кои се разликувале од нашироко воспотавените доктрини да ги објават и бранат. Средства не се бираат: лични врски, пари, политички врски, услуги и противуслуги, ветувања... Се формираат научни „кланови“, „струи“, групи од приврзаници кон оваа или онаа теорија... уште да речам - религии? „Религии“ може да биде сосема соодветен збор, бидејќи поделбите се направени врз основа на верување.
Не сум приврзаник на премногу долгите постови, па затоа ќе оставам нешто за нареднит пат, а овде ќе се обидам да го изнесам мојот став во најкратка варијанта: Светот и се што се случува во него се премногу комплексни работи за да може да се случат сами од себе. Кога уште како ученик првпат ја слушнав/прочитав Теоријата за коацерватите збунето се почешав по главата: што мака имале тие „мрсни капки“ па да оживуваат“? Условите биле такви какви што биле и довеле до создавање на некакви покомплексни материи кои денес ги нарекуваме органски (тогаш никој не ги викал така, сигурен сум
) И што после? Оп - оживеале! Јаглените хидрати си се договориле да не се распаднат веднаш по создавањето, туку уште посложено да се синтетизираат, да изградат и амино киселини, и протеини, и ДНК... што би рекол покојниот Ѓорѓи Колозов: Тики туку така? Е, да, им требало милиони, можеби и милијарди години да го направат тоа. Органска материја, која се разградува за неколку часа овојпат (за инает, не за друго) решила да опстане милиони/милијарди години и да го создаде првото живо суштество. Каде е логиката (истата таа на која би требало да се базира Науката)? Можете да
верувате во оваа теорија, но ако го правите тоа не се нарекувајте себеси Атеисти. Затоа што сепак - верувате, без да имате докази.
Ама скратив... ајде, моето мислење за Големиот Дарвин (да, јас кој сум верник без трошка иронија го нарекувам Голем) и неговата теорија ќе ја оставам за мојот нареден пост.
Мир Вам!