Народни балади

Fortune

шодаенешчо
Член од
9 мај 2005
Мислења
12.493
Поени од реакции
183
Народната балада има прилично широк распон во определбите. Мнозина истражувачи, во принцип, суштински не ја разликуваат од баладата во литературата, иако терминот балада во литературата не може да се идентификува со поимот балада во усната традиција. Оттука е разбирливо што прашањето за нивното разграничување до наши дни е сериозен проблем.
Поради својата сродност и очигледна блискост со епските народни песни, бидејќи помеѓу нив не постојат побитни формални разлики, иако баладата претставува сосема нова структура, таа често се идентификува како покуса форма на епска песна, поради што и постојат мислења дека баладата се развила од епосот. Во случајов раскажувачкиот карактер на баладата е аргумент за ваквото мислење, што не така лесно може да се отфрли. Меѓутоа, основните белези на баладата: фрагментарноста на раскажувањето и скоковитиот развиток на дејството, отсуството на големи стилски ретардации во детали и дигресии, потем силните чувства и лирските расположби, покрај драматската нејзина концепираност, како и постоењето на припеви – упатуваат баладната повеќе да одговара на лирските творби, зашто и нејзината основна интонација е лирска. Наспроти на епските песни, во баладите не е клучен настанот за кој се пее, без оглед каков е тој, туку начинот на кој се објаснува сплетот на приликите што довеле до еден чуден, исклучителен настан со трагични последици. Инаку, неспорно е само мислењето дека народната балада е раскажувачка (наративна) песна, без оглед дали таа е поврзана со игра или не. Не е спорно, исто така, дека баладата никнала во средината на народот врз индивидуални креации во духот на народната поетска традиција.
Недостатокот на точна дефиниција на народната балада го отежнува нивното систематизирање, а без тоа не се можни успешни и сестрани проучувања. Веќе се сублимирани следниве елементи што баладата треба да ги содржи: ”(1) Баладата е песна погодна за пеење (лирски елемент), (2) Баладата е песна со дејство во содржината (епски елемент), (3) Баладата е песна на напрегање или конфликт (драмски елемент), (4) Баладата живее предимно во усната традиција, законито придржувајќи се кон неа преку својата говорна и музикална слика (елемент на традицијата)”
Овие елементи се клучни за определбата народна балада; тие се базираат врз нејзината основна, суштинска епско-лирска-драмска структура. Сепак, дали со ова е кажано се? Секоја балада не мора безусловно да ги притежава сите елементи на својата основна структура.

* * * * * * * * *

Во македонското народно поетско творештво, и во најстарите записи и збирки, баладите се застапени со бројни мотиви. Нивната жанрова определеност, меѓутоа, собирачите обично не ја согледувале до крај, па субјективно ги вбројувале и во лирските и во епските разновидности, според народната терминологија, тематиката или поводот на нивното исполнување. Колку биле несигурни класификациите на баладите и на народните песни воопшто, за пример може да послужи Зборникот на Миладиновци. Во предговорот Константин Миладинов подредувањето на песните накусо го објаснил со следниве зборови: ”Песниве се разделени на самовилски, црковни, јуначки, овчарски, жаловни и смешни, љубовни, свадбени, лазарски и жетварски.”
Од ова објаснување на Константин Миладинов произлегува дека поделбата на песните тој ја извршил според народните термини за одделни видови песни, а тие не водат сметка за тематската конкретност на епските или лирските жанрови разновидности.
Во Зборникот на Миладиновци групата жаљовни песни содржи само балади – содржи само балади – 34 на број. Овој народен термин за песните со трагичен крај овде е употребен за прв пат. Во народот и денес баладите се именуваат како жаловни, жални, жаловити или тажни песни.
Анализата на групата жаљовни песни укажува дека ја сочинуваат балади со митолошка, историска, семејно-битова и социјална тематика.
И другите собирачи од XIX век од подредувањето на своите збирки со македонски народни песни постапувале слично. Ни еден од нив баладите не ги издвоил во посебна група, ниту овој термин го употребил. Слична пракса продолжила и во XX век.
Баладите се групирани во збирката на Панчо Михајлов, но и во неа балади има и во другите групи. И состојбата со големата збирка Македонски народни песни на Коста Црнушанов е идентична.
Како наполно издиференциран поетски жанр во народната поезија неопходно е баладите да се издвојуваат и класифицираат, без што не се можни проучувањата на нејзините бројни проблеми. Во фолклористиката имало повеќе обиди за класификација на баладите, обично од историскиот принцип на класификацијата, при што се одвојувале, врз неопределена хронологија, посебни групи. Токму различните приоди кон овој проблем ја наметнаа потребата за една меѓународна класификација. Во нашево совремие условена е следнава рамковна класификација на баладите со 11 групи:
- Балади со митолошка-магиска содржина,
- Балади со легендарни мотиви,
- Балади со љубовни конфликти,
- Балади со семејни конфликти,
- Балади со социјални конфликти,
- Историски балади,
- Борбени (јуначки) балади,
- Балади за судбини и катастрофи,
- Балади за човечки свирепости,
- Хумористични балади,
- Балади за природата и космосот.

И потеклото на баладата е тежок проблем за решавање, речиси исто толку колку и проблемот на потеклото на епосот, дури и тогаш кога тие се поврзуваат. И за генезата на словенската балада има различни мислења. Некои научници сметаат дека таа има древно потекло (Ј. Хорак, И. Графенауер, В. М. Жирмунски и др.), а други се определуваат за поново потекло (В. Ј. Проп – Б. Н. Путилов, С. Черник и др.), сврзувајќи го со средниот век и епохата на феудализмот. Инаку, доминира во фолклористиката мислењето дека баладата се развила од епосот.
Во фондот на македонското народно поетско творештво баладите се застапени речиси подеднакво како и епските песни со околу 20 проценти. И во наши дни баладата е е релативно доста раширена во средината на македонскиот народ. Имено, баладите најмногу се пеат на празници (Коледе, Лазаровден, Велигден, Ѓурѓовден и др.) и на свадбите и тие најчесто се ороводни песни, во чија основа лежи и колективниот начин на нивното исполнување, па токму овие два елементи (ороводната основа и колективниот начин на пеење) придонесле тие да се зачуваат.
Македонските балади содржат интересни тематски особености и нееднаквости. За создавањето на одделни баладни мотиви клучен фактор бил начинот на животот и основната дејност на населението, одразувајќи често вистински животни случки и реални теми. Така, ако митолошките балади или историските балади (со теми од тешкото робување под Турците) ги има насекаде во Македонија, во некои нејзини краишта, на пример во Западна Македонија, најраширени се баладните мотиви од секојдневниот живот на луѓето од овој крај: со печалбарството и сточарството. Затоа во Западна Македонија се среќаваат бројни варијанти на баладните мотиви: свекрва клеветница, непрепознаен печалбар убиен од мајка си, Челник Пејо и други. Осамениот живот на овчарите придонел со нив да се сврзе и мотивот на инцестот.
Македонските балади се создавале и по пат на пренесувања од другите јужнословенски народи. Некои балади се особено блиски со бугарските балади и баладите од српското и хрватското јазично подрачје, а заедничкиот живот со Албанците, Грците и Власите повлијаел на меѓусебните заемки на баладни мотиви.
Прегледот на тематиката на македонските балади може да се прикаже во следниве три групи: митолошки, историски и семејно-битови. И оваа класификација допушта во групите да се вклучат и соодветно да се разгледаат, речиси со незначителни отстапувања, сите групи на мотиви од спомнатата меѓународна класификација на баладите.
Митолошките балади често се изедначуваат во фолклористиката (и во праксата) со митолошките песни. Со мали исклучоци, тие по своите формални и суштински белези не се ништо друго освен балади. Нивната заедничка тематика се потпира врз иста подлога, врз разновидните митолошки претстави и верувања на човекот за природата на нејзините појави, за светот воопшто. Овие песни се вбројуваат меѓу најстарите. Прво, постојат мотиви во кои разни небесни тела и природни појави се јавуваат како одухотворени или антропоморфни битија. Друга група мотиви одразува народни верувања за волшебната моќ на вампири, чуми и разни други слични имагинарни суштества од волшебниот свет на народните верувања. Голем број мотиви се изградени и врз народните верувања во магијата, клетвата, урокот и слично. Исто така, теми на митолошките балади се и односите меѓу лиѓето и животните и птиците, а потем и верата на човекот во задгробниот живот, метаморфозата, итн.
Од митолошките балади веројатно се најстари оние што ги одразуваат народните верувања и сфаќања за небеските тела (сонцето, месечината, ѕвездите) и за природните појави. Во баладите тие живеат и дејствуваат како одухотворени суштества, во најтесни контакти со луѓето. Во струшката балада Јана и с`нцето сонцевата мајка ја здогледала убавата Јана, ја посвршила за сонцето и ја зела. Јана три години не прозборела, па сонцевата мајка, сметајќи дека таа е нема, го натерала сонцето да ја остави и да ја земе Ѕвездоденицата – бргозборница! Но, откако Ѕвездоденицата дошла и при месење леб Јана допуштила да и изгорат ”тонките прсти” од запалената свеќа, а Ѕвездоденицата затоа ја прекорила, Јана објаснила дека три години молчела, дека атар држела:

Прва година чес сум чинила,
чес сум чинила на мојот татко,
втора година на мила мајка,
треќа година на јасно сл`нце.

Сонцевата мајка го слушнала ова објаснување, се налутила и ја истерала Ѕвездоденицата. Во сплетот на народните обичаи, обичајот невестата да не зборува определено време по свадбата е ”табу” забрана со профилактично магиско значење – заштита од зли духови.
Баладниот мотив за натпревар меѓу сонцето и јунак: кој од нив за едно деноноќие ќе ја обиколи побрзо земјата е поврзан со необичен облог. Во една варијанта од Дебарско, јунакот Дамјан се обложил со сонцето во својот коњ, а сонцето во сестра си. Во натпреварот Дамјан победил:

... Кога слнце, Лазаре, блеснуваше,
тога Дамјан, Лазаре, јафнуваше.
Кога слнце, Лазаре, в стреде небо,
тога Дамјан, Лазаре, в стреде земја.
Кога слнце, Лазаре, по ридови,
тога Дамјан, Лазаре, во дворови.
И му зеде, Лазаре, слнцу сестра,
а месецу-месецу, Лазаре, братучеда.
 

Fortune

шодаенешчо
Член од
9 мај 2005
Мислења
12.493
Поени од реакции
183
Баладава се пее како лазарска песна, па има величален карактер.
Самовилите се застапени со бројни мотиви во македонското баладно творештво според народните претстави и сфаќања за нивниот живот и односите со луѓето. Врз соодветни поетски конкретизации средбите на самовилите и луѓето во баладите завршуваат обично трагично за едната или за другата страна.
Самовилите стапуваат во љубовни односи со јунаци, овчари и др. по сопствен избор или со принуда. Во баладата Невеста и самовила (Костиќ, 114) Вела самовила се согласила да ги избристри Сава и Морава од крвови и гнојови, за да може невестата да ги избели своите свадбени дарови, но побарала подарок. Невестата и предложила да го избере најдобриот јунак од сватовите, кога тие ќе дојдат. Меѓутоа, самовилата го избрала токму зетот:

шчо вјааше кон като планина,
шчо му игра видра на колено,
шчо му свири саат у пазува...

По молба на невестата, самовилата сепак се согласила да земе друг јунак од сватовите.
Женидбите на самовилите се поврзани и со мотивот на Орфеј. Во една варијанта (Миладиновци, 2) Димо кавалџија се натпреварувал со самовилите во свирење, па ако ги натсвирел ќе добиел самовила за жена, во спротивно ќе ја изгубел главата. Димо свирел три дни и три ноќи и ги натсвирал самовилите, а тие му ја дале Ѓурѓа самовила за жена. Таа му родила машко дете, но при крштевањето Димо се излажал и оставил отворени баџите и мазгалките. Ѓурѓа тогаш:

дваш је трепнала, треќи п`т летнала,
и си оставила тоа м`шко дете,
и си ја отишла од ке је та дошла.

Самовилите и нивните односи со луѓето се теми и на бројни други балади: за грабежи на моми за да им ги бањаат и лулаат децата; самовилско робје; самовилско ѕидање – ”ни на небо, ни на земја. / туку така под облака” од луѓе; застрелана самовила; самовила пресушила горски извори и други. Последниот мотив посебно е поврзан во бројни варијанти со Марко Крале, кој секогаш успева да ја натера самовилата да ги отклучи изворите.
И змејот во македонските балади е опеан врз слични теми како самовилата. Најчест баладен мотив со змејска љубовна тематика се грабежите на моми, обично од ора, собори и свадби. Змејовите се појавуваат од темните облаци и ги вршат грабежите. Змејче Пелистерче така ја дигнало бела Неда од Мариово, и покрај тоа што ја чувале нејзините девет браќа (Радовановиќ, 26). Во баладата Калина и смеј (Илиев, 278) два змеја ја однеле Калина ”в пусти гори високи”. Кога таа таму заплакала, змејот ја успокојувал да не плаче, оти тој не ја земал за робинка, туку ”за прво љубе”.
И смејоборството е превосходно митолошки баладен мотив. Како пример може да послужи баладата Продан и два браќа. Продан е прочуен јунак. Два змеја тоа го дочуле, се симнале на сред село и го побарале Продана за да се борат. Борбата траела ”три дни и три ноќи” и потем:

От јаснина темна м`гла,
темна м`гла попаднала,
ситна роса заросила,
и се б`лсна и се тресна.
Си дигнаха сирак Продан,
сирак Продан на небото.

Во митолошките баладни мотиви змијата (лутница, осојница) има значајно место во широк тематски распон. Некои творби се изградени врз високи уметнички дострели. Таква е, на пример, баладата Девојче е смил по гори брала, редок баладен мотив со повеќе варијанти, во кој змија усмртува јунак, кој не сакал да го прими понуденото побратимство од девојка, туку и предлагал љубов. И мотивот Мома и змија во експозицијата е близок на претходниот. Покрај болната мома, змија се моли на бога да ја умре момата, за да може таа:

По става да се наода,
като по тенка топола,
в коса да и зимувам,
под грло да и летувам;
лицето да и изгризам,
като красата јабака;
очите да и испиа,
като два студни кладенци,
веждите да и опаса,
като тревица зелена.

Во сите варијанти девојката умира и змијата го постигнува она што го посакала.
Иако е непријател на луѓето, змијата во некои контакти со нив има и други односи. Во еден современ запис змија усмртила зет на денот на свадбата; подоцна, откако го закопале, таа се смилила поради безмерната љубов на неговата невеста и мртовецот го оживеала на чудесен начин.
И затруднувањето на мома од змија е мотив во нашите балади. Во современиот запис Овце пасе Јана Македонска, Јана пасела овци на Шар Планина и заспала. Троглава змија се потулила, од облаче, и Јана ја пољубила. Таа останала тешка и родила машко дете – Марко Крале.
Баладните мотиви за чумата се раширени што секако одговара и на честите епидемии на оваа ужасна болест во Македонија – до средината на минатиот век. Баладата за чума во Скопје (Миладиновци, 195) веројатно е инспирирана од чумата во Скопје во 1686 година, кога австрискиот генерал Пиколомини, во војната со Турците, го запалил градот, веројатно за да го спречи нејзиното натамошно ширење.
Трагедиите во баладите поврзани со чумата секогаш се ужасни. Чумата не штеди никого, па затоа се грозни сликите кога таа усмртува девет сина на самохрана мајка или – единец син (ќерка), оставајќи ја да живее и вечно тажи. Така, веќе во воведот на баладата Димитрија премладо терзиче се потенцира тешкиот живот на мајката додека ги изгледала своите девет сина:

Чуждо ткала, та и облачила,
чуждо прела, та и је ранила,
ѓерѓев везла, арач им плашчала.

Откако тие и занает изучиле, се појавила црната чума и сите ги умрела.

Ка и мајка редом добивала,
така и је редом чума трила,
сиде удри на по едно место,
Димитрија удри на три места.

Мајката сите ги закопала во гробиштата, а најмалиот Димитрија во дворот, за да може секојдневно да го жали и плаче. Морничав е описот како мајката реди ”жално-милно” на гробот на синот:

- Димитрија, мил син у на маќа,
арна ле је црноземска кашча?
Арна ле је од земја постеља?
Арна ле је од камен зглавница?
Арна ле је од шчица завивка?

И одговорот на синот од гробот е исто толку морничав.
Во групата митолошки баладни мотиви, како посебен круг се издвојуваат мотивите со магиска тематика (магија, урок, клетва и сл.). Во нив се одразени примитивните верувања за таинствената, волшебна сила на магискиот чин, поврзан со обред, со поглед на злите очи или со зборови. Во баладите мотивот за урокот е поретко застапен. Од зли, урокливи очи веднаш се умира. Во баладата Млада невеста умира од уроци кога сватовите поминувале ”низ гора зелена”, кумот побарал невестата да ја откриваат, за да видат дали е убава. Кога невестата ја откриле виделе дека:

Лицето и с`нце огреало,
а на гради јасна месечина!
Веднаг са ја сос очи пресекле,
едвај са ја до дома однеле;
не чекала од коњ да ја сметнат,
паднала је на мека постеља,
а паднала, а душа је дала.

Во македонските балади клетвата е широко застапена, а како најлоша се смета мајчината клетва. Сите клетви во баладите се исполнуваат. Најинтересни се клетвите за метаморфозата на проколнатите. Меѓутоа, многу поиздржани се баладните обликувања на метаморфози од други причини, најчесто од преголема љубов. Класична во овој поглед е баладата Јана кукавица (Миладиновци, п. 19), во која таа од жал за изгубената трага на болниот брат во гората го измолила бога ”да ја стори едно пиле, / да си летни брат да тера”. Господ ја претворил во кукавица и таа сега: ”Каде оди брат си тера!”
Вистински бисер меѓу баладите со мотивите на метаморфози е баладата Бездушна Неда (Костиќ, п. 108) со низа метаморфози на две сирачиња, кои биле отруени од нивната тетка, но нивната љубов кон неа не пресушила дури и тогаш кога тие се претвориле во ”два борчета – ласт`рчета”, а тетката ги пресекла и запалила:

- Гори, братко, да гориме,
да се греје наша тета!

Како балади се оформени и бројни теми за односите меѓу луѓето од една страна и животните, односно птиците од друга страна, во кои добрината се плаќа со добрина.

* * * * * * * * * *
 

Fortune

шодаенешчо
Член од
9 мај 2005
Мислења
12.493
Поени од реакции
183
Македонските историски балади можат да се поделат на две основни подгрупи: 1. на балади со мотиви од турското робување и 2. балади со теми од револуционерната борба за ослободување од ропството.
Од баладите со историски мотиви меѓу најстарите можат да се издвојат мотивите за паѓањето на ”каурското царство”, за трите синџири робје, млада робинка, мотивот за потурчувањето и др.
Баладниот мотив за пропаста на ”каурското царство” има бројни варијанти, некои се поврзани со сништа, што се остваруваат. Во следниов современ запис славеј навестува:

- Чујте старо, чујте младо,
шчо ќу јазе да ви кажа:
турско царство ќе настане,
каурското ќе погине,
Турци земја ќе попленат,
шчо ми старо ќе погубат,
шчо ми младо ќе поробат,
дечицата ќе изгазат.

Мотивот три синџири робје широко е познат кај сите јужнословенски народи и најчесто е поврзан со легендарниот Марко Крале, кој успева робјето да го ослободи од Турците. Најиздржани баладни мотиви се теми од робувањето пеат за трагичните судбини на насилно одведените во ропство моми, момчиња, невести. Робјето се продавало на пазарите: мажите како работна сила (или се потурчувале), а момите и невестите за турските хареми:

Девет моми попленени,
попленени, откарани,
сите девет продадени,
која двеста, која триста,
тенко Кале цена нема.

Мотивите за потурчувањето се широко застапени во македонските балади со мошне разновидни пристапи во нивната обработка, но најпопуларни биле оние балади во кои робинките издржувале и тешки мачења, па дури се и самоубивале, не сакајќи верата да си ја променат. Така, во баладата Жална Кана (Миладиновци, 78), таа лежела во турска зандана:…”судна м`ка ми те м`чат, / сакат да ми те потурчат”. Нејзината мајка ја советувала да се потурчи, но Кана претпочитала да умре отколку да си ја смени верата.
Баладите со мотиви од вооружениот револуционерен отпор на македонскиот народ против поробувачите, главно, припаѓаат кон ајдутските и комитските песни, и кон песните од Првата и од Втората светска војна (НОБ). По своите општи белези, по карактер и тон, овие балади толку се испреплетено си историските балади што можат да се сметаат како нивни континуиран дел.
Во баладите со оваа тематика доминира херојскиот трагичен крај на одделни историски личности. Избрани баладни сижеи од ајдутските песни законито се пренесувале и во комитските песни, подоцна и во песните од Првата и Втората светска војна, се разбира со соодветни адаптации и промени, што сепак не ја менувале нивната суштина. Таа и не можела да се менува во голема мера, бидејќи во историскиот тек на револуционерната борба против поробувачите, иако карактерот на борбата се менувал, последиците за борците не се менувале: поробувачите со нив се пресметувале со исти средства и начини.
Ранувањето или загинувањето во борба, заробувањето и мачењата, и самоубиството како излез за да не се падне жив во рацете на непријателот и сл. – се најважни заеднички мотиви во баладите за борбениот отпор на поробувачите. Во баладата Бог да бие Дебрани (Василевиќ, 391) дебарските Арнаути – арамии, пљачкајќи ги хрискијанските села по долината на Радика, заклале едно момче и му ја грабнале невестата. Таа постанувала по патот, а тие ја запрашале:

- Невевче, око калешо,
дали ти тежи герданот,
дали ти тежи рувото?

а невевчето одговорило:

- Дебрани, клети азбии,
ниту ми тежи герданот,
ниту ми тежи рувото,
тук ми е жал за рувото,
тук ми е жал за лудото.
Кога го вие колевте,
право во мене гледаше,
крвави солзи ронеше.

Саможртвата спаѓа меѓу најраширените балади со херојска тематика. Прочуениот ајдутски војвода од Прилепско Ѓорѓија Лажот, кога видел дека ќе биде заробен од Турците, знаејќи дека го очекува бесилка или набивање на колец, се самоубил:

Цевката в уста Ѓорѓи си ја тури,
ајде што ми пукна Ѓорѓи пушка мартинка,
само се отепа, леле, не се предаде.

И загинувањето на мнозина македонски борци, сеедно ајдути, комити или партизани, се воспева речиси на еднаков начин, со мали промени. Прочуената балада за отсечената ајдутска глава е блескав пример за јуначката смрт на еден ајдутин. Кога донесената негова глава ја познала мајка му, таа писнала: ”Оф, леле сине Стојане!” Растажената мајка турските сејмени ја смирувале, величејќи ја неговата смрт:

- Ашколсун, бабо, ашколсун,
алал му било млекото,
што си го син ти доила!
Девет планини прејдовме,
дури го син ти фативме,
девет синџири скинавме,
дури го син ти врзавме,
девет ножои скршивме,
дури го син ти заклавме.

Валадите Црна се чума зададе и Леле Јано, леле мило чедо за загинувањето на легендарниот водач на македонското револуционерно дело Гоце Делчев, што се забележени во многубројни варијанти, и во нашево совремие спаѓаат меѓу најпопуларните народни песни.
Револуционерната баладна традиција законито продолжила и во Народноослободителната борба. Пресечената глава на партизанката Рајна Скопјанката асоцира на споменатата пресечена ајдутска глава. Баладата Заграчиле две врани, гаврани (МНП, 194) за загинувањето на Рајна Скопјанката е успешна таква реализација, но и со бројни иновации.
Семејно-битовите балади, што по бројност и ширината на сижетиката имаат централно место меѓу баладите, можат да се разграничат на две групи: на љубовни балади и на семејни балади, со забелешка дека одделни мотиви имаат превосходно социјален карактер.
Љубовните балади имаат ограничен тематски распон: несреќна љубов, недозволена љубов (инцест), грабежи на моми и бегства, верна и неверна љубов, испитување на љубовта, убиства и др.
Како црвена нишка низ сите љубовни балади се провлекува неизмерна трагичност, што се прифаќа како неминовност. На прво место стојат баладите за несреќната љубов, што ја условуваат различни причини. Во прекрасната балада Јанѓелино, малој моме (Малеш, 56) родителите на Јанѓелина не му ја дале на Стојана, кој бил сиромав, туку на трговецот Јанкула. На свадбата Стојан дошол неканет и седнал скраја. Кога невестата ја извадиле да целива рака на кумот и старекот, золвите ја советувале:

- Јанѓелино наша снао,
не разметај црни очи
горе-доле низ трпеза!

Таа не ги послушала и го здогледала Стојана: ”дека стои с`нце грее / а Јанкула тевен облак”. Јанѓелина тогаш побарала да ја вратат во зимникот, надвор за да земела дар за Стојана – везен јаглак:

Не извади везен агл`к,
ту извади рушко нохче,
убоде се в клето срце.

Љубовта на младите често завршувала трагично и заради болест и смрт на едниот од нив. Повеќе варијанти има баладниот мотив во кој момето нарачува каков гроб да и направат кога ќе умре, односно каде да ја закопаат. Мотивите за верноста во љубовта и за изневерата (и во брачните односи) спаѓаат меѓу најексплоатираните, тие се потпираат врз разновидни случаи и настани што љубовта без прекин ги создава. Во овие балади лирскиот елемент стои пред епскиот, раскажувачкиот дел на баладите. Имено, субјективниот фактор во нив е подоминантен од објективниот фактор.
Од баладните мотиви со љубовна тематика широко се застапени мотивите за грабежи на моми и за родоскрвната љубов, што има сознателна или несознателна подлога, но сите завршуваат трагично. Недозволената љубов во една балада завршила со раѓање на машко дете – нишанлија: ”очи има – поглед нема, / раце има, прсти нема!” Кога двојката открила дека се брат и сестра, тие ”живи са се прегрнали / мртви са се разделили”.
Семејните балади опфаќаат широк круг теми од семејниот живот во нашиот народ, главно од патријархалното селско семејство. Како најсакани теми за брачните судири и недоразбирања се двата вечни проблеми – бездетството и изневерата; тие ги уриваат брачните заедници, создавајќи разновидни трагични последици.
Бездетството во баладите обично е последица на мајчина клетва, каква што е следнава:

- Па кога Јано ќе чуеш
од вода риба да пое
и студен камен да зборе,
тогај ти пород да имаш!

Но, под одредени услови и безродните невести раѓаат и клетвите остануваат неисполнети.
Неверствата завршуваат трагично, што е разбирливо, но исто така и клеветите на свекрвата за снаата, предизвикани од омраза. Свекрвите прибегнуваат и кон труење на своите снаи. Мотивот свекрва отровница има повеќе варијанти (Миладиновци, 253, 255; Стоилов, I, 15 и др.).
Меѓу семејните балади мошне привлечни се и оние за делбите на двајца браќа, до која доаѓа од разни причини.
Потенцирана социјална содржина имаат и бројни печалбарски балади.
Постигањата на македонската фолклористика во изучувањето на тематско-идејните и естетските вредности на народните балади се задоволителни. Покрај крупните студии на Кирил Пенушлиски и на Фанија Попова, за одбележување се обработките на одделни баладни мотиви, обично споредувани на поширок план. Така, во рамките на III-от меѓународен симпозиум на балканскиот фолклор во Охрид (7 и 8 јули 1983 година), во рамките на симпозиумската тема Историската балада на фолклорот на балканските народи, реферати за македонски балади поднеле: Никифор Робовски, Блаже Ристовски, Танас Вражиновски, Блаже Петровски, Марко Китевски, Коле Симитчиев, Трпко Бицевски. Одделно, на друго место, е објавен трудот на Цветанка Органџиева: Македонските историски балади за смртта на јунак во планина и гора (со оглед на сличните поетски остварувања и кај другите јужнословенски народи).
 
Член од
26 јуни 2017
Мислења
3
Поени од реакции
3
Da ne znae nekoj kako se vika denes na uciliste ni procitaa balada i vo nea stanuvase zbor za edno momce Stojan koj otisol na pecalba 9 godini i imal stado goveda mnogu koњi i koga se vratil od pecalba zena mu i majkata ne go prepoznale i toj sakal da prenoki i koga zaspal majka mu go otepala za da si gi zeme parite....
 
Член од
21 март 2017
Мислења
3
Поени од реакции
0
Da ne znae nekoj kako se vika denes na uciliste ni procitaa balada i vo nea stanuvase zbor za edno momce Stojan koj otisol na pecalba 9 godini i imal stado goveda mnogu koњi i koga se vratil od pecalba zena mu i majkata ne go prepoznale i toj sakal da prenoki i koga zaspal majka mu go otepala za da si gi zeme parite....
Mislam Stojan i Liljana deka bese;)
 
Последно уредено:

Kajgana Shop

На врв Bottom