Драга,
Има еден век како не сум си напишал некоја моја исповед. Ретко споделувам информации, но некако, веќе морам. Оваа 2017 година почна лошо, та од полошо нема. Средината на јануари го загубив татко ми. Од нигде - никаде, срцев удар во сон, хаос од тој ден...
Кутриот, не ни остави некој уау имот, пари или што да е. Ни остави проблеми, нерешени имотно - правни односи со роднини - изроди, останати проблеми. Самиот си беше свесен за тоа, велеше дека ќе ни остави само проблеми во наследство. Но, барем не научи да бидеме луѓе, да сме чесни, фер, истрајни. Душа човек беше. За други луѓе да заврши некоја работа, абе ќе се расчепеше, за нас не сакаше, не мрдаше со мал прст. Така знаеше, сами да си ја средуваме работата. Најмногу ми е жал што ете, ни јас, ни брат ми, не успеавме да го израдуваме со снаа и со внуче. Тој, гинеколог, милион прегледи и водења на бременост, на секое новороденче се радуваше, циганче, македонче, албанче, на сите им се радуваше. Не стигна на свои. Судбина. Беше премногу чесен, беше магнет за разни гомнари и искористувачи, не знаеше да се спротивстави. Самиот си велеше дека него секого го има заебано, никој нема да е ни прв ни последен. Се каравме, многу, и јас, и брат ми, често се каравме со него, но, кога се простував од него, му шепнав дека отсекогаш сум го сакал и дека многу сум му должен. Штета што никогаш не му го кажав тоа лично.
Се решив да отворам сам адвокатура, па што биде, нека биде. Се задолжив кај брат ми, аплицирам за кредит. Ќе биде заебано, ќе се помачам, но ќе истрајам и ќе ги оддолеам сите препреки.
Ден пред да почине татко ми, го зедов уверението за положен правосуден испит. Ми даде 50 евра, ги собирал некое време само за да ми ги даде. Никогаш нема да ги трошам. Ги носам со себе, макар и без пукната пара. Тие ми се аманет, амајлија од него. Ми кажа роднина кој бил со него кога се јавив да кажам дека го положив и последниот испит. Се расплакал. Ми недостига. Ми недостига неговото „стај по едно каве“ во 6 попладне. Ми треба неговата подршка. Ми фалат неговите глупости. Ми фали тој. Знам дека ме гледа од подобро место.
Беше пчелар преку 50 години. Многу знаеше. Никогаш не се заинтересирав за пчеларството, имав некои минимални познавања.
Сега со еден роднина и на тоа се обучувам. Арно не сум алергичен, иако завршив во амбуланта пред еден месец од 10+ убоди, не носев опрема, ме искасапија поштено. Ако, тоа е за запознавање. Фасцинантни животинки. Како почнав да се занимавам и со нив, и да ги запознавам, ги засакав. И мене ме сменија, посмирен сум, како друг човек. Лека - полека, ќе научам да пчеларам, не гледам на тоа како на бизнис, повеќе како на хоби и долг према татко ми, нема да ги запустам. Ќе ги одржувам. Денес за прв пат излегов на забава во кафич. Излегував и порано, ама кафе шема, не и гласни музики, ди - џеј итн. Поискрен сум према сите, нема задршки. И тоа е од татко ми, тој не знаеше да лицемери и да премолчува. Што на ум, тоа на друм. Денес бев искрен спрема три женски особи, две се налутија, едната си призна се и ме гушна. Да се живи и здрави. И на еден другар му кажав некои работи, побегна од муабетот, но призна дека за се сум во право. Да е жив и здрав. Можеби ме мислат за зол, но јас ги гледам и ги сакам како браќа и сестри, им го сакам најдоброто.
Со Господ напред, да дава здравје, среќа, разум, ќе се оправеме.