за да ја проверите вашата иницијатива треба да побарате Извод од урбанистички план од општината, во него ќе ги прочитате параметрите според кои ќе е можно или не ќе е можно да се прошири вашата зграда. Доколку проширувањето
е дозволено треба да направите договор со лиценцирана проектантска фирма која ќе ви проектира и ќе ве води низ постапката (во електронскиот систем е - дозвола).
Потребна е согласност од соседи сопственици на станбена површина над 51% од целата зграда. Секоја согласност треба да е поединечно нотарски заверена.
Постапка за издавање одобрение за градење
Член 59
(1) Постапката за издавање на одобрение за градење се води согласно со одредбите на Законот за општата управна постапка, доколку со овој закон поинаку не е уредено.
(2) За добивање на одобрение за градење инвеститорот поднесува барање во електронска форма до надлежниот орган од членот 58 на овој закон со следнава документација:
- извод од детален урбанистички план или урбанистички план за вон населено место или урбанистички план за село или урбанистичко-планска документација за туристичка развојна зона или урбанистичко-планска документација за автокамп или државна, односно локална урбанистичка планска документација, а за линиските инфраструктурни градби проект за инфраструктура заверен од надлежен орган,
- архитектонско-урбанистички проект заверен од надлежен орган, доколку со урбанистичкиот план или државната, односно локалната урбанистичка планска документација е предвидена изработка на овој проект,
- основен проект со извештај за ревизија на основниот проект или писмен извештај со согласност за нострификација на основниот проект, доколку истиот е изработен во странство, како и позитивно мислење за проектираниот степен на механичка отпорност, стабилност и сезимичка заштита на градбата,
- идеен проект доколку истиот претходно е доставен и одобрен согласно со членот 48-а од овој закон.
- доказ за право на градење и
- геодетски елаборат за нумерички податоци за градежното земјиште.
(3) Доколку е поднесено барање за одобрение за градење за придружно услужни објекти на државни, односно општински патишта утврдени со закон покрај доказите од ставот (2) на овој член барателот доставува и решение за трајна измена на режим на сообраќај од надлежен орган и изјава од барателот дадена под полна материјална и кривична одговорност со која истиот ќе потврди дека решението за трајна измена на режим на сообраќај се однесува на проектот доставен преку информацискиот систем е-одобрение за градење.
(4) Доколку е поднесено барање за одобрение за градби кои претставуваат заштитено недвижно културно наследство согласно со закон покрај доказите од ставот (2) на овој член се доставува и конзерваторско одобрение издадено од Управата за заштита на културно наследство и изјава од барателот дадена под полна материјална и кривична одговорност со која истиот ќе потврди дека конзерваторското одобрение се однесува на проектот доставен преку информацискиот систем е-одобрение за градење.
(5) Доколку е поднесено барање за одобрение за градење за градби за производство на електрична и топлинска енергија покрај доказите од членот (2) на овој закон се доставува и овластување за изградба на градби за производство на електрична и топлинска енергија од надлежен орган.
(6) Доколку е поднесено барање за одобрение за градење на електронски комуникациски мрежи и средства, покрај доказите од ставот (2) на овој член се доставува и нотификација за пренос на електронски податоци издадена од Агенцијата за електронски комуникации.
(7) Доколку е поднесено барање за одобрение за градење на депонии за опасен отпад, депонии за неопасен отпад и депонии за интерен отпад, покрај доказите од ставот (2) на овој член се доставува и решение со кое се одобрува основање на депонија издадено од надлежен орган.
(8) Надлежниот орган од членот 58 на овој закон е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето да ја разгледа доставената документација и да утврди дали истата е комплетна, дали основниот проект е изработен во согласност со прописите за проектирање, урбанистичкиот план или државната, односно локалната урбанистичка планска документација или проектот за инфраструктура и дали барателот е единствен носител на правото на градење.
(9) Доколку доставената документација е комплетна и се исполнети условите од ставот (8) на овој член, надлежниот орган е должен во рокот од ставот (8) на овој член да го завери основниот проект и да достави до барателот известување со пресметка за плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште. За градбите од прва категорија надлежниот орган, по заверката на основниот проект истиот го доставува до соодветната општина заради изготвување на пресметка на надоместокот за уредување на градежно земјиште.
(10) Доколку доставената документација не е комплетна и/или не се исполнети условите од ставот (8) на овој член, надлежниот орган е должен во рокот од ставот (8) на овој член да донесе заклучок за прекинување на постапката и да го задолжи барателот да ги отстрани констатираните недостатоци и да го дополни барањето во рок од 15 дена од денот на приемот на заклучокот.
(11) Доколку барателот не ги отстрани констатираните недостатоци и не го дополни барањето во рокот од ставот (10) на овој член, надлежниот орган е должен да донесе решение за одбивање на барањето за одобрение за градење, а доколку барателот ги отстрани констатираните недостатоци и го дополни барањето во рокот од ставот (10) на овој член, надлежниот орган е должен да постапи согласно со членот 59-в од овој закон ако претходно со барањето не бил доставен основен проект. Надлежниот орган е должен да достави до барателот известување со пресметка за плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште, во рок од два дена од комплетирањето на документацијата, односно од приемот на позитивно мислење, односно согласност од страна на субјектите од членот 59-в од овој закон до кои е доставено барање за увид во основниот проект.
(12) Одобрение за градење не може да се издаде ако не е платен надоместокот за уредување на градежно земјиште, освен ако инвеститорот и општината склучат договорот за плаќање на надоместокот за уредување на градежно земјиште на рати или склучат договор со кој е утврдено дека инвеститорот ќе го уреди земјиштето на сопствен трошок или донесен е акт врз основа на кој инвеститорот е ослободен од плаќање на надоместокот или инвеститорот доставил банкарска гаранција за плаќање на надоместокот или инвеститорот востановил хипотека во корист на општината.
(13) Одобрението за градење се издава во рок од пет работни дена од доставување на доказ за платен надоместок за уредување на градежно земјиште, односно од денот на склучување на договорот за начинот на плаќање на надоместокот или договор со кој е утврдено дека инвеститорот ќе го уреди земјиштето на сопствен трошок, односно од денот на донесувањето на акт врз основа на кој инвеститорот е ослободен од плаќање на надоместокот или од денот на доставување на банкарска гаранција за плаќање на надоместокот или доставување доказ за востановена хипотека во корист на општината.
(14) Формата и содржината на барањето за одобрение за градење ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.
(15) Надлежниот орган од членот 58 на овој закон, кој го издал одобрението за градење е должен на инвеститорот да му достави пресметка за плаќање на трошоците за запишување на објектот во јавните книги на недвижности во електронска форма преку информацискиот систем е-одобрение за градење.
(16) Надлежниот орган во постапката за издавање на одобрение за градење не може да побара од барателот друга документација, освен документацијата предвидена со овој закон.
(17) За линиски инфраструктурни објекти коишто се, локални патишта и улици, одобрение за градење може да се издаде доколку инвеститорот достави доказ за право на градење согласно со членот 59-а став (1) од овој закон за најмалку 90% од вкупната површина на градежната парцела, со обврска да ги регулира имотноправните односи за целата градежна парцела, најдоцна до поднесување на барањето за одобрението за употреба, односно изготвување на извештај за извршен технички преглед од надзорен инженер. За линиски инфраструктурни објекти кои што се државни патишта, железнички пруги, гасоводи и далноводи, одобрение за градење може да се издаде и без решени имотноправни односи за целата градежна парцела, со обврска инвеститорот да ги регулира имотноправните односи најдоцна до поднесување на барањето за одобрение за употреба, односно до подготвување на извештајот за извршен технички преглед од надзорен инженер, при што во овој случај со барањето од ставот (2) на овој член не се доставува геодетски елаборат за нумерички податоци за градежното земјиште.
9
(18) Барањето за добивање на одобрение за градење и документацијата од ставовите (2), (3), (4), (5), (6) и (7) на овој член се поднесуваат во електронска форма, преку информациски систем е-одобрение за градење, на начин утврден со прописот од членот 59-е став (2) од овој закон.
(19) Барателот одговара за веродостојноста на сите документи кои се доставени со барањето во електронска форма преку информацискиот систем е-одобрение за градење, со оригиналните документи кои се издадени од надлежните субјекти.
(20) Одобрението за градење издадено врз основа на документи доставени во електронска форма преку информацискиот систем е-одобрение за градење, кои не се веродостојни со оригиналните документи издадени од надлежните субјекти, е ништовно.