Still Life. Одличен филм, кој во себе содржи огромна тага и депресивна нота. Можеби и затоа толку многу ми се допадна. Од уметничка гледна точка извонредно. Уметност во секој кадар. Сепак, не станува збор за уметност која ги „копа“ очите по секоја цена. Тука видовме нешто дискретно и едноставно. Пр. кадарот со напола излупеното јаболко; или сцените додека тој патува; или додека тој ги лепи сликите во албумот. Јас уживав во филмот. Ми требаше нешто вакво, за да се прочистам од се друго што гледав во последно време. Филм кој потврдува дека едноставното е убаво.
Главниов глумец го имам гледано во уште неколку филмови и една серија. Секогаш бил одличен иако секогаш со своите улоги бил на некој начин во сенка. Ама во овој филм тој е маестрален. Одлично изнесена улога. Секоја негова емоција или рамнодушност ме воодушеви. Дијалозите беа доволни, затоа што се си беше прекрасно одглумено.
Сега малку за приказната и за ликот. На почетокот Меј не ми беше симпатичен воопшто. Ужасно педантен и стерилен лик кој е заробен во својата рамнодушност. Работи една депресивна работа и на почетокот изгледаше како да не ужива во тоа што го прави. Се изгледаше како навика: и неговата работа, но и неговиот живот. Последниот случај на кој што работеше разбуди нешто во него. Можеби затоа што му беше последен или затоа што се работеше за негов сосед... или можеби поради двете. Конечно почна да се буди и да покажува знаци на живот. Се разбуди нешто во него, за кое добив впечаток дека ниту ни самиот не е свесен дека го има во себе. Успешно го оживеа споменот на човек кој веќе беше заборавен од своите најблиски. Запозна девојка со која требаше да оди на кафе по погребот. Толку убаво се почувствував во тие моменти... како мене да ми се случува нешто пријатно, а не на лик од филм. И се така, додека во следниот момент не го чукне автобус. Приказна која посведочува дека животот е непредвидлив. Човекот нема контрола над својот живот.
Човекот кој се грижеше да ги испрати сите оние кои немаше кој да ги испрати на крајот заврши како нив. Никој немаше на неговиот погреб. Ама зарем тоа е битно, кога човекот веќе го нема. Мислам дека умре среќен. Тоа е најбитно, затоа што секој човек заслужува малку среќа во животот. А за него имав впечаток дека е прекрасен човек, само што водеше еден осаменички и повлечен живот. Да, ова е еден од потажните филмови кои сум ги гледал во последно време. Буди емоции. Јас дефинитивно не останав рамнодушен на овој филм. Самиот крај исто така одличен. Сите на кои тој им оддаде почит беа тука за него.
Затоа овој филм заслужува висока оцена. Да, дефинитивно е еден од оние „спорите“ филмови кои не ги напрегаат сите сетила на гледачот. Сепак, во тоа е и убавината на овој филм. Претпоставувам дека нема да им се допадне на дел од групава, врз основа на тоа што досега го имаат пишано за другите филмови. Јас сум презадоволен од тоа што го гледав. Од мене и моето алтер его Ким Јонг една силна 8!!!