И јас одамна чекав да играме со Хрватска за да видиме до каде сме и конечно ќе ни се исполни желбата.
На прв поглед некој ќе рече за очекување е типичен балкански дуел. Ама не е така. Хрватска под Голужа игра според мене се само не балкански ракомет. Впрочем играта им е слична како на Данска и на некои други скандинавски селекции. Јака висока одбрана + убоита транзиција. Тоа донекаде им го диктира и ростерот и не е толку чудно. Чупиќ, Штрлек. Дувњак и Вори се играчите врз кои се темели оваа игра бидејќи играат во два правци и се одлични во транзиција. Плус и Коплјар и Слишковиќ играат во два правци, па можат и никого да не менуваат одбрана - напад што е голем плус.
Голужа можеби малку и претерано е исмејуван за стилот на игра, ама со овие играчи мене ми е донекаде и логичен. Проблемот е што самите играчи се такви што имаат одредени слабост во напад, а во цел овој период додека е Голужа тренер ништо посебно не уиграа за позициони напади, а знаат дека тоа им е слабата страна. Зошто им е слаба страна? Бидејќи главните играчи иако се многу високи не се којзнае какви шутери. Коплјар веќе долго време е повеќе подавач отколку шутер. Не дека нема солиден шут ама не шутира. Нешто како леворак Филип Лазаров е според мене (само што Коплјар е звер во одбрана, а Филипче не смееш ни да помислиш да го оставиш таму). Дувњак е солиден за среден бек, ама не е којзнае што а знае и тоа како да претера со форсирање. Не дека немаат класични разбивачи шутери (Слишковиќ, Степанчиќ), ама не ги играат. Главно служат за греење на клупата.
Клучот на натпреварот според мене не е во одбраната туку во нападот, поточно во техничките грешки (изгубените топки). Нема шанси да се одбраниме во транзиција доволно пати за да победиме ако губиме многу топки. Сме го сакале тоа или не, решението за оваа Хрватска е стилот на Червар - топката е злато.
Иако овие генерации на Македонија и Хрватска не играле едни против други, реално играта е и тоа како тестирана. Одбраната на Хрватска е 90% одбраната на ПСЖ - триото Коплјар, Вори и Гојун (всушност Хрватска по многу работи наликува на ПСЖ, сличен стил на игра, слични крила, разликата е едните го имаат Хансен а другите Дувњак). Реално и Вардар, а особено Металург имале доста добри натпрревари против оваа одбрана (дури и победи), па постојат реални причини за оптимизам. Стоилов ќе мора да ни биде главен играч ако сакаме победа, особено по оние ниски додавања какви што долги години играат Мојсовски и Миркуловски со пикерите во Металург. Тука е клучот. Ако тие додавања поминуваат без да губиме топки, а за тоа треба Миркуловски, Мојсовски, Прибак и Стоилов да имаат доста добри натпревари имаме солидни шанси да ги добиеме. А може да поминуваат бидејќи сите главни одбранбени играчи се доста високи и тешко бранат вакви ниски топки. Плус повеќе играат одбрана на блокирање на шутеви отколку да се туркаат со пикерите. Лазаров/Вугринец не верувам да се изнаиграат, макар што вообичаено на 5ка се најслабите одбранбени на Хрватска, а и Дувњак често се штеди и не се труди толку, ама сепак тешко ќе оди пробивање со скок шутеви од таму.
Да не се лажеме Хрватите имаат фантастичен тим. Освен на лев бек на сите други позиции имаат светска класа играчи, а имаат и соодветни замени. Ама никако не се непобедливи. Нема да го прогнозирам резултатот, ама сум доста оптимист во пресрет на натпреварот. И тоа оптимист сум од проста причина што мислам дека нашиот тим е незгоден противник за нив, а не затоа што мислам дека сме појака екипа моментално - далеку од тоа. Мислам дека хрватите ако некогаш биле ранливи да паднат против нас, тоа е сега на ова првенство и мора да се искористи тоа.
Она што е најдобро е што реално нашите треба да играат без било каков притисок. Ако победат супер, ако не ништо страшно.
Одиме на победа и потоа играње на втор тим против Австрија