Не само Роберт Левандовски, челниците и најверните фанови на германскиот гигант Борусија од Дортмунд се во паника дека за време на летниот преоден рок ќе го загубат и репрезентативецот на Германија, Илкаи Гундоган. Таткото на одличниот играч за врска, кој истовремено е и негов агент, Ирфа, потврди дека нема ништо сигурно кога е во прашање иднината на неговиот син, кој на крајот од сезонава ќе има статус на слободен фудбалер.
- Се е отворено, сите опции се во игра, нема ништо сигурно кога е во прашање иднината на мојот син. Сепак, ние прво ќе оствариме контакт со раководството на Борусија од Дортмунд, прво со нив ќе седнеме на преговарачката маса. Но, сега не е вистинскиот момент за такво нешто, не сакам да го вознемирувам мојот син. Неговото здравје е на прво место. Прво да се рехабилитира од тешката повреда, а потоа ќе седнеме на преговарачката маса - изјави Ирфа Гундоган.
Во изминатите неколку месеци најактуелна беше приказната дека фудбалерот на Борусија од Дортмунд веќе има потпишано преддоговор со најтрофејниот клуб во шпанската Примера дивизион, Реал (М) и дека на "Сантијаго Бернабеу" ќе заработува годишна плата од 6 мил. евра.