За научните револуции и потеклото на Словените
Ние треба да се здружиме со сите добронамерни словенски братски народи за да разберат дека македонското наследство е и нивно наследство, дека Филип и Александар Македонски еднакво им припаѓаат и ним
Научните парадигми се филозофски или теоретски рамки на научните погледи, кои во одреден период од развојот на науките стануваат доминантни. Во почетокот претставуваат склоп на складни, согласни, тврдења и теории. Но, со текот на времето, како што се добиваат се' повеќе противречни нови откритија и сознанија, со новите технолошки достигнувања, најчесто во споредни научни дисциплини, така се случуваат т.н. поместувања на парадигмите. И историјата на науките има забележано повеќе такви поместувања во сите дисциплини. Кога поместувањето е големо, се зборува дури и за научна револуција. Исто така постои парализа на парадигмата, како во случајот со одбивањето на теоријата за хелиоцентризмот на Коперник и Галилеј, кога постои неспособност или одбивање да се погледне надвор од постојните модели на размислување.
Денес сме сведоци на една таква парализа и на обиди за поместување на парадигмата за потеклото на Словените.
Доминантната теорија во нашето школство досега беше дека „ние Словените сме дојдени од зад Карпатите по 6 век од н.е.“ Треба да знаеме дека оваа теорија е создадена во 19 век, поточно во периодот од 1853 до 1863, со делата на грофот Де Гобино и на Адолф Пикте, со што индоевропските истражувања се поставиле врз основа на ариевска и колонизаторска идеологија. Како што пишува Марио Алинеи во своето дело за палеолитскиот континуитет на индоевропското население, „ваквата пангерманистичка идеологија и нејзиниот политички контекст, дадоа уште еден важен мит, чии последици се' уште се доминантни во полето на индоевропските студии, имено митот за екстремно доцното пристигнување на Словените“.
За да се увиди апсурдноста на оваа теорија-мит, мора да се сфати и контекстот на развојот на науките во тоа време: не постојат методи за испитување на староста на материјалите во археологијата, не постои ниту поим за генетика, не постојат ни развиени лингвистика, палео-антропологија или когнитивни науки, кои денес се вбројуваат во тие споредни науки што придонесуваат за сознавањето на историјата. Основоположниците на овој мит имале само голема желба да ги убедат другите. И успеале во тоа, штом ние и денес дебатираме за нешто што му било јасно уште на Ѓорѓија Пулевски, кој не ја учел во школо тогаш новата теорија, туку ни ја кажува историјата онаква каква што му ја раскажале предците, од колено на колено и каква што можел да ја сретне во дотогашната литература.
Кога ќе се посочат луѓе од странство што го прифаќаат ова, се оспорува прво самата личност, па потоа институцијата каде што работи или која го организирала научниот собир. Ќе биде интересно, каква забелешка ќе се најде, за групата што ја развива т.н. парадигма за континуитет од палеолитот (
www.continuitas.org), која тврди дека потеклото на индоевропските јазици треба да се разгледува уште од палеолитот (значи најмалку од пред 12.000 години).
Во таа група членуваат дваесетина универзитетски професори и научници од Европа и од Америка, а водач на таа група е Марио Алинеи, професор емеритус од Универзитетот во Утрехт, Холандија. И што е исто така важно, досега, ниту еден член од таа група не е Словен по потекло. Сепак, тие признаваат дека целата теорија со митот за доцното пристигнување на Словените во Европа е производ на една, во крајна линија, фашистичка идеја и тоа непоткрепена со факти, туку само со буквални односно искривени толкувања на средновековни записи. Како Алинеи, така и други автори даваат мноштво примери што водат „кон многу попростата вистина, а тоа е дека Словените биле таму кај што се, уште од дамнешни времиња. Бидејќи, првото спомнување на некој народ во писмен облик зависи од раѓањето на писменоста, а не од раѓањето на народот“. Исто така, добивањето едно обединувачко име на народот, кој пред тоа бил нарекуван со многу други, најчесто племенски имиња, не значи дека тој дошол од некаде, туку тогаш пошироко се прифатило новото сеопфатно именување на истиот тој народ.
Во своето дело Марио Алинеи продолжува: „Од геолингвистичка гледна точка, јужнословенските јазици мора да сочинуваат порано јадро, додека двете северни гранки, мора да се подоцнежен развој, секоја гранка со своја посебна историја и идентитет - што ја демолира целата конструкција на словенската прататковина во Средноисточна Европа и на словенските преселби во досегашната смисла, како и на сите нејзини последици“.
Поместувањето на парадигмите, како еден вид рушење на старите догми, по правило ги прават новаци во областа, некои од нив специјалисти во други области, кои во почетокот се маргинализирани, омаловажувани и нарекувани аматери или квазинаучници. Такви во Македонија ги има се' повеќе - Тентов и Бошевски, Белчев, Иљов, Поповски, Божиновски, Китан, Ивановска, Маркус, Донски, Дојчиновска, Белчевски... Нивната предност е што тие без страв за своите позиции се спремни да ја откриваат и бранат вистината. Сигурно не се очекува од академиците да ги вратат своите титули и докторати и да признаат дека цело време биле во заблуда. Одличните ученици целиот живот ќе истражуваат и ќе се обидуваат да даваат објаснување на новите откритија само во рамките на парадигмата (митот). Како Велјановска, антрополог во Музејот на Македонија, која (во „Дневник“, 12 јануари 2009) објаснува дека од палеолитско време во археолошките антрополошки истражувања не се најдени коски во Македонија, бидејќи ги спалувале мртвите. Но тоа не ја спречува да заклучи дека ете, по 6 век од н.е. дури „откако дошле Словените“ пак се појавуваат коски во ископувањата. Без притоа да се запраша „дали дошле“, или „можеби, само престанале да ги спалуваат мртвите“, заради прифаќањето на христијанските погребни ритуали кои дури во 6-ти век успеале да се наметнат на Балканот. Не дека тогаш пристигнале Словените од север. Или можеби токму обратното, уште претходно, од тие „словенски“ племиња почнал процесот на отселување од Македонија и Балканот пошироко, кон помалку населените простори на северо-исток, каде што станале доминантни заедници и дури подоцна го добиле името Словени.
Овој процес на отселување од југ кон север, северо-исток, што денес се потврдува и со генетските истражувања, уште полесно ќе се сфати ако се има предвид и римската окупација која се случила 6-7 века претходно
. Во првиот руски летопис од 11 век „Повест времених лет“ на монахот Нестор стои запишано како „од зад Карпатите“, од кај Дунав, кога „Власите ги нападнале дунавските Словени и се населиле сред нив и ги притесниле“, тогаш Словените се преселиле во Киевска Русија. Нас таа синтагма „од зад Карпатите“, преку слепото прифаќање на туѓите пропаганди, ни се всади во школството и генерации растеа со неа, без притоа да се запрашаме, за кого важи тоа „од зад Карпатите“, за нас или за Украинците и Русите. Тоа што во повеќето светски енциклопедии пишувало нешто околу доселувањето на Словените на Балканот, не мора воопшто да не загрижува. Па во сите средновековни текстови пишувало и дека Сонцето се врти околу Земјата, а денес знаеме дека тоа нема врска со вистината. Проблем е кога тие енциклопедии некритички ги преведуваме, па дури и во детски сликовници се пренесуваат туѓите „вистини“.
Пред само 350 години и Коперник и Галилеј биле маргинализирани во врска со своите сфаќања. Џордано Бруно бил дури и спален на клада заради тоа. А Галилеј, стар и изнемоштен, клечејќи пред Високиот суд на инквизицијата, бил помилуван.
Ние денес сме исправени пред инквизицијата на ЕУ и НАТО, ни се закануваат исто и со физичка ликвидација (дека ќе се распаднеме), но не' тераат сами да си се откажеме од нас самите, да се самоукинеме. Како врв на цинизмот и садизмот, се' во име на демократијата и човековите права. Клечењето на нашите претставници и молењето за прошка при приемот во овие организации веројатно ќе го смилува и задоволи нивното инквизиторско преосвештенство.
Толку ли сме стари и изнемоштени како Галилеј, па да мораме да го направиме тоа? Да - потребно е време за да се прифати вистината. Биле потребни над 150 години по смртта на Галилеј за Римокатоличката црква да ја прифати официјално вистината за космосот. Но денес, со брзината на размена на информациите, со се поголемата достапност на светските архиви на Интернет, со најновите археолошки ископувања и со генетските истражувања, прашање на години е, а не на векови, кога широко ќе се прифати реалноста за континуитетот на Словените, па во тие рамки и на Македонците, од палеолитот до денес.
Ние треба да се здружиме со сите добронамерни словенски братски народи за да разберат дека македонското наследство е и нивно наследство, дека Филип и Александар Македонски еднакво им припаѓаат и ним.
Зошто денес, оние што се за итна промена на името, упорно сметаат дека со ваквите тврдења некој не' дели на антички и словенски. Зошто не можат да разберат дека, напротив, со тоа всушност се обединува целиот континуитет на македонскиот народ.
Андреа Кулаков
(Авторот е магистер по когнитивни и доктор по технички науки)