Џабе „Цветан Димов“ ќе се прошири ако Чаир ги мазни несовесните
Градоначалникот Kоце Трајановски најави за годинава проширување со нови ленти, но е скептичен дали проблемот навистина ќе се реши ако и понатаму непрописно паркирани возила има од двете страни на улицата, а притоа Општината не презема ништо
Александар Арсовски
Да се прошири улицата Цветан Димов, на потегот од „Јаја-паша“ до „Џон Kенеди“, поради неподоносливиот сообраќаен хаос, побара советничката група на ДПА во Советот во Скопје. Имајќи предвид дека такво нешто градската власт одамна планира, го запрашаа градоначалникот Kоце Трајановски за кога е планиран овој зафат и кога ќе почне неговата реализација, имајќи предвид дека е од голема важност за растоваруње на ова тесно грло.
Граѓани што секојдневно се движат по „Цветан Димов“ сведочат дека метежот го создаваат несовесните возачи, на кои знаците не им значат ништо. Секојдневно од двете страни на улицата има паркирани возила, кои придонесуваат за поголем застој. Многумина, кои имаат работа во некој близок колонијал, ги оставаат возилата и по 15-ина минути на коловозот, без грижа на совест дали ќе пречат некому. Дополнителен проблем се пешаците, кои го преминуваат коловозот без никаков ред, а и возилата, кои непрописно се вклучуваат од тесните улички од двете страни на сообраќајницата. Тука се и автобусите на ЈСП, чија постојка е на улицата. Kолона од возила се формира особено во попладневните часови, кога завршува работното време - и тоа од клучката кај „Јаја-паша“ до „Џон Kенеди“.
Градоначалникот Трајановски како клучен го потенцира токму тој момент - дали проширувањето ќе го реши навистина проблемот ако непрописно паркираните возила и понатаму ги зафаќаат крајните коловозните ленти. Тој соопшти дека реконструкцијата на „Цветан Димов“ е еден од приоритетите за годинава. По изработка на изведбен проект, ќе се избере фирма-изведувач, по што работите ќе почнат.
- Отстранувањето на тесното грло на „Цветан Димов“ е од извонредно значење за нормално одвивање на сообраќајот во градот. Улицата ќе се проширува во булевар, но тоа ќе биде џабе ако потоа не биде обезбедена нејзината проточност, односно ако лентите повторно бидат зафатени со паркирани возила - одговори Трајановски и напомена дека во решавање на проблемот треба да помогнат и полицијата и локалната власт.
Граѓаните што живеат во тој реон се согласуваат дека е невозможно да се вози по оваа сообраќајница.
- Ваков метеж има постојано. Не знаеш на што повеќе да внимаваш - да не згазиш некого или да не ја удриш колата во паркирано возило. Но, тоа е кога за Чаир нема друг влез и мора одовде да поминувам. Ако сакам да одам по друг пат, ќе треба да го вртам половина град - вели Реџеп Таири.
Идејата за проширување на улицата и нејзино претворање во булевар постои веќе неколку години. Сепак, за нејзино остварување на терен има многу пречки - треба да се исечат дрва, но и да се отстранат дивоизградени објекти.
Надлежните од Чаир изјавија дека улицата е под ингеренција на Градот и тие треба берат гајле како ќе ја изведат реконструкцијата.
- Точно е дека на „Цветан Димов“ има објекти што ќе пречат при предвиденото проширување, но јас немам информации за колку точно објекти станува збор и каков е нивниот статус. Тоа детално ќе биде рагледувано кога ќе почне да се реализира проектот - изјави Хани.
Десет казни дневно
Во просек, десет возачи дневно добиваат казна за сообраќаен прекршок направен на улицата Цветан Димов, изјавија од СВР Скопје. Во прашање се два вида прекршоци: постапување спротивно на сообраќаен знак, за што казната е 25 евра, и погрешно паркирање, за што глобата е 45 евра.
Од СВР Скопје тврдат дека на улицата се спроведуваат редовни контроли, а се интервенира и на повик. Ако е потребно, на терен излегува и пајак-службата.