Таков веројатно најмоќен – и подолгорочен и територијално извонредно широк процес беше елинистичкиот, кому македонскиот народ му плати висок данок. Се постави ли, пак, како прашање македонскиот креативен влог кон грчката култура, не може да не се види дека најскапа, најдрагоцена жртва на Македонците во/од елинистичката националистичка пропаганда од претходните 2-3 века на литературно рамниште, бездруго беше веќе раниот и, секако, во име на вистината, креативно највисоко остварениот Григор Прличев, кај кого имаме неспорно прифаќање на елинистичкиот културен идентитет, како што имаме подоцна и неспорно одрекување од него. Оттука, се разбира, наспроти високата цена, никако не може да се превидува неговото формирање како производ на грчката култура и на нејзиниот широк дејствен и експанзионистички радиус.
И производи и потенцијални партиципиенти во исто време на грчката културно-експанзионистичка прогресија и агресија на почетокот, а потоа исто така отстапници и нејзини жестоки противници беа и Миладиновци, особено Димитрија. Во прашање е, значи, прифаќање, а потоа откажување и заменување на еден инонационален, односно инонародносен културен идентитет. Не е непознато дека експоненти на, во тоа време извонредно моќниот, грчки културен експанзионизам беа некои високо остварени културни дејци и творци и кај другите народи во јужна Европа. На македонски терен, затоа, тоа не се случува само со, на грчки јазик високо остварениот, Прличев, односно со Миладиновци, и тоа кај нив само на просветно-образовен, а не и на креативен план, туку уште и со многумина други од редот на разностраните културни дејци.
--- надополнето: 12 септември 2012 во 19:25 ---
Подоцна тоа се случува и со Кузман Шапкарев, односно со за нас сè уште пошироко недоволно познатиот Евтим Спространов и уште со безброј други Македонци, кои, под секогаш или кај секого различни околности и скоро никогаш прецизно и докрај отворено изјаснети, се брануваат повеќе меѓу македонскиот и бугарскиот јазик, отколку меѓу македонската и бугарската национално-културна позиција и идентитет. Најчесто тоа е еден непрецизно изјаснет, зад кој стои еден друг, по малку прикриен, недоречен и особено оневозможен национален идентитет. Така е бидејќи тие не беа несвесни дека се жртви на, односно заплеткани во или редовно се наоѓаат под третманот на еден веќе друг национално-културен експанзионизам – бугарскиот, кој започнува значително подоцна, но како и елинистичкиот, имаше целосна поддршка од најмоќните европски сили, во случајов од Русија.
Одличен пример, инаку, не само за деструктивните упади во прогресивниот процес на македонската национална идентификација и целисходно планирани упади од страна на помоќниот, па уште и отстрана поддржуван процес на бугарската национална експанзија е преименувањето на Зборникот на Миладиновци, пред самото негово излегување. Ако тоа така се случи со националниот потфат на Миладиновци, веќе на почетокот од 60-тите години на XIX век, и тоа во Хрватска, која уживаше културна автономија во границите на австриското царство, може само да се претпостави практикуваната моќ на тој експанзионизам во самата Бугарија, особено по нејзиното ослободување и државно конституирање скоро две децении подоцна.
Македонските литературни творци, како и културните дејци пошироко, во XIX век, особено во неговата втора половина, се скоро исклучиво со, ако не веќе целосно формирана, тогаш во својот развој дефинитивно насочена, македонска национална свест. Тоа е нивната примарна идентификација. Без тој предзнак никако не се и сите нивни асоцијации – како Словеномакедонската книжевна дружина, која во 1888 година беше основана во Софија и чиј претседател беше Ѓорѓија Пулевски, така и нејзината наследничка – Младата македонска книжовна дружина и уште цело мноштво други. Нејзиниот печатен орган, списанието „Лоза“ е извонредно показателен пример дека станува збор за крупен чекор на македонската национално-културна развојност, особено со преку него изразениот и испробан стремеж за создавање на македонска јазична норма. Тој чекор е реализиран во круговите на македонската емиграција и претставува пример кој е извонредно илустративен кога се во прашање насилните спречувања на тој процес, како и обиди за негово пренасочување кон туѓа национална матица и според друга национално-културна матрица. Јазикот за индивидуалната творечка реализација, на протагонистите на „лозарството“ пак, и покрај присилбата, е диктиран уште и од нивното образование, од ненормираноста на нивниот мајчин македонски јазик, ако не и од некои други околности и предуслови. Така е бидејќи предусловите за креативната реализација на некој друг, на некој туѓ јазик се еден вистински спектар од пошироки состојби и процеси, кои не ги исклучуваат ни присилните средства, како ни индивидуалните можности на создавачот. Затоа воопшто не е чудно што меѓу тие предуслови најмалку се пронајде себеси на креативен план најмоќниот, Прличев. Но, сега не Прличев од/во елинистичката, туку од/во неговата постелинистичка творечка развојност, кога тој, немајќи свое поприште, како што вели, долгорочно луташе и се брануваше меѓу поширокословенските и општословенските јазични фикции.
За разлика од Прличев, Кузман Шапкарев како фолклорист, како просветен работник и особено како учебникар, на почетокот, односно во годините додека дејствуваше на македонски терен, и покрај почетната елинистичка училишна подготовка, стоеше на безрезервни македонистички позиции. Доволно е да се потсетиме на неговата тогашна учебникарска дејност. Но, со него, понатаму, во Бугарија, оперираше, него тактички го кршеше и од прекршениот и скршен Шапкарев свое смирено и послушно орудие, подоцна направи, тогаш веќе и од позициите на државата, т.е. со државна моќ спроведуваната големобугарска идеологија. Погоре, пак, само спомнатиот Спространов, кој креативно се реализира целосно во Бугарија, понекогаш манифестира забележлива двојбеност (Тодоровски, Г., 1968: 79), т.е. променливост кога е во прашање не толку неговата народносна, односно национална идентификација, колку неговиот јазик. Затоа, неговата национална идентификација понекогаш треба да се разгледува независно од променливоста на јазикот на неговите дела. Навистина, тие се создаваат час на македонски час на бугарски јазик, но тоа, зошто да не, може да биде поврзано, односно резултат на безброј креативни, интелектуални и какви ли сè не други предуслови (Миронска-Христовска, В., 2004: 39-55). Дотолку повеќе што, на планот на тематиката, Спространов е извонредно доследен на татковината. Веројатно најмногу токму поради двојазичноста, авторите од неговиот вид ги немаа, па би се рекло и дека сè уште не ги добиле своите вистински реципиенти. Спространов не е вистински позициониран во бугарската, а сè уште не е ниту преведен ниту објавен на македонски, што е основна мерка за неговата поцелосна позиционираност во македонската литература.
Што се однесува, пак, до истиве прашања пресликани врз состојбата на македонскиот етнички терен, при самиот крај на XIX и на почетокот на XX век, може да биде сосема прифатлива појдовната одредница дека определбата за туѓиот јазик најмногу и пред сè и повторно и скоро исклучиво е условена од училишното образование на тој јазик. Не е непознат фактот дека во XIX век на македонската територија, училишните права ги имаа откупено некои од извонредно моќните конфесионални, просветни, ако не и некои државни институции на соседните народи, како Цариградската патријаршија, Бугарската егзархија итн. Како во последните 2-3 децении од XIX век, така и во првите децении од XX век, немајќи услови во татковината, македонските творци и македонската интелигенција пошироко, правеа напори за литературна реализација и за национално-културна активност во круговите на македонската емиграција, што значи во друга, во туѓа национална средина. Само ќе потсетиме дека, како и другојазичноста, така и национално-културната и творечка реализација во други државни и национални средини воопшто не е непозната практика во светот. Литературните асоцијации на Македонците во Бугарија, каде што беше најбројно концентрирана, а на овој план веројатно и најактивна македонската емиграција, меѓутоа беа жестоко пресретнати и оневозможувани од институциите на младата бугарска држава.
--- надополнето: 12 септември 2012 во 19:26 ---
Оттука, воопшто не е неочекувано што, кон крајот на XIX и во почетокот на XX век, на друг јазик пишуваат дури и повеќето од видните претставници на македонското национално-ослободително револуционерно движење. Станува збор за една воопшто не мала група од и на уметнички план респектабилно реализирани автори. На тоа рамниште се презентираат најпрво протагонистите од групата на „лозарите“, како Петар Попарсов и Коста Шахов, а потоа на литературата забележливо повеќе посветените револуционери и творци како Димитар Молеров, Атанас Раздолов, Владимир Ковачев, Лазар Поп Трајков, Арсени Јовков и други. Сите тие создаваа на јазикот на своето училиште. Со исклучок на автори како Војдан Чернодрински или како Никола Киров Мајски, кои сè до задушувањето на Септемвриското востание во Бугарија (1923), успеваа да се одржат, не само во тематско и идејно туку и во јазично единство со македонското револуционерно движење и со македонската национална култура. На Мајски повремено тоа му успеваше и подоцна.
Но, сите, од првиот до последниот, беа во тематско и идејно единство со Македонија и со македонскиот народ. Колку беа тие целосно и непроменливо врзани со македонското колективно, национално битие, со актуелните состојби и трауми на македонскиот народ, непогрешливо и најсуштествено зборува подоцнежниот исказ на Владислав Славчо Ковачев, братот на претходно спомнатиот Владимир Ковачев, исто така познат македонски револуционер и литературен творец со нешто поскромна реализација. „Пет минути од деноноќието ќе ѝ посветам на маченицата Македонија“, вели тој, „за да се соочам со мојата македонска свест и да се уверам дека не е ништо она што сум го сторил за неа“ (Тодоровски, З.; 1997: 7). Тоа, пак, е исказ според кој, во ништо не се поразлични сите овде спомнати и неспомнати македонски литературни творци од тој период.
Аналитичката сонда на овој пристап, затоа, никако не може да не го допре она што е за нас сега посебно интересно. Тоа е фактот дека креативната другојазичност кај погоре спомнатите автори воопшто не подразбира промена и на нивната свест за сопствената национална и национално-литературна припадност. И сето тоа наспроти веќе сосема безрезултатните дејства на извонредно моќните пропаганди на соседните држави. Дотолку повеќе што, другојазичните македонски творци од овој период, и тоа не само погоре спомнативе туку сите од ред, се извонредно значајни партиципиенти во македонското револуционерно движење. И во нивната револуционерна актива и во нивното литературно творештво, целосно, до најдлабоките длабочини на битието тие се Македонци. Наспроти тоа што тие толку често го користат, во писмена употреба, јазикот на другиот, кај нив никако не може да стане збор и за прифаќање на идентитетот на другиот. Јазикот на другиот им е само нужност и средство. Туѓиот јазик не извршил врз нив никакви промени врз нивната себеидентификација, ниту на културно, не пак на национално рамниште. Јазикот на нивното училиште, прифатен како посоодветна, ако не и како единствена изразна можност во писмена форма, кој никако не е без елементи и на јазикот во кој се родиле како луѓе, македонскиот, никако не може да ги изнесе од литературата што ја создава македонскиот народ и да ги внесе во литературата на другиот. Тоа значи дека теориите кои сè ставаат на картата на јазикот, во овој дел од творештвото на другојазичните македонски литературни творци, едноставно, се безрезултатни.
Претходно програмски спроведуваните пропаганди на целата македонска етничка територија од страна на соседите, по поделбата на земјата во Балканските и по Првата светска војна прераснаа во уште посистематски денационализаторски процеси. Од таквите долгорочни антимакедонски дејствувања резултираа и националните заблуди на некои литературни творци кои израснаа од полите на македонскиот народ, како на еден Анѓелко Крстиќ, а можеби и како на еден Томо Смилјаниќ Брадина, на пример. Тие заблуди доведуваа до промена дури и на авторовото индивидуално чувство за етничка припадност, но не можеа да ги лишат барем од делумна употреба на говорниот македонски јазик, на некој негов дијалект, што се забележуваат како во расказите, во романот („Трајан“), така и во единствената драма („Заточници“) на Крстиќ. Македонските јазични елементи се не помалку карактеристични и за поетските, прозните и драмските објави и на Брадина, кој во неговата поетска Националниот идентитет и етнитет кај другојазичните македонски литературни творци книга „Песмарица“ вклучи и песни на македонски јазик. За него е карактеристично уште и тоа што остварува и забележлива научна актива. Што се однесува до неговото индивидуално национално чувство, показателни и во прилог на неговото индивидуално македонско себечувствување се сознанијата што ги откриваат некои негови и до денес сè уште необјавени трудови.
Делумната и тактичка употреба на македонскиот јазик, најчесто како народен говор кај творците од Вардарска Македонија, меѓу двете светски војни, е не само јазичен и креативен туку и идеолошко-тактички маневар, а најмногу и пред сè манифестација на неприфаќање на туѓиот национално-културен идентитет, особено кога се во прашање драмските текстови од автори како Васил Иљоски, Антон Панов или Ристо Крле. Ова последново, пак, значи дека надворешните, политичко-експанзионистички фактори не можеа насилно ни да ги изместат, ни креативните пориви ни националната свест на македонските творци, не пак да ги избришат резултатите од внатрешните, од длабоките етногенетски процеси и бранувања меѓу мислечките и креативно предиспонирани претставници на македонскиот народ кој тогаш беше принуден не само креативно да се остварува туку и секојдневно да кореспондира на туѓи јазици. Дека е тоа така, веројатно најдобрата потврда ја имаме во Крстиќевите прози. Неговите дела, како неговиот роман „Трајан“, уште повеќе неговите раскажувачки бисери („Се продава село“, „Вечно должни“, „Селскиот поштар“, „Жената на печалбарот“, „Покојниот Алија Лулар“ и други), претставуваат одличен показател дека и во дела што се настанати на туѓ јазик, па дури и кај автори кај коишто е неприродно променето индивидуалното чувство за сопствената национална припадност, можат да бидат непроменливо кодирани не само националните туку најмногу и пред сè етнопсихолошките посебности на народот од кој неизместливо произлегува тој автор.