L
.Lost Angel.
Гостин
Не е толку невообичаено да наидеш на нечиј гроб од пред повеќе од половина век. Ама, секако, безмалку е шокантно ако наидеш на него додека нуркаш во длабочините на темните води. Не само гроб туку гробови на многу луѓе, црква, остатоци од куќи, селската чешма... Цело село, длабоко потонато во езерото Глобочица
Езерото Глобочица крие многу тајни
НУРКАЈТЕ И ЗАПОЗНАЈТЕ ПОИНАКОВ СВЕТ
За сѐ што си знаел и сакал. Сѐ што си поседувал. И дом и спомени. Одеднаш ти го снемува. Ти го голтнува некоја голема вода. Непоканета.
„Овде почива наш никад незабрављени син, брат и унук Кире. Роден 24.5.1937 година, умрен 17.10.1942 година“. Ова е напишано на надгробна плоча неодамна пронајдена во длабочините на езерото Глобочица.
Ќе си рече човек, па и не е толку невообичаено да наидеш на нечиј гроб од пред повеќе од половина век. Ама, секако, безмалку е шокантно ако наидеш на него додека нуркаш во длабочините на темните води. Не само еден гроб туку гробови на многу луѓе, црква, остатоци од куќи, селската чешма...
- Се нурнав во водата и исто како да го гледав „Титаник“. Гледам гробишта, црква, дрва... цел еден свет. Гледам тава, една детска играчка. И си мислам - леле, овде некој живеел. На ова место некогаш шетале луѓе. И се наежив. Особено кога го видов гробот на петгодишното дете Кире - раскажува нуркачот Милутин Секуловски, од нуркачкиот центар „Амфора“.
Сигурно е чудно чувството да наидеш на такво нешто. На подводен свет, одамна проголтан, но не и исчезнат.
„Испод мира триста вира“, велат старите. Понекогаш оваа мудрост може да се разбере и буквално, како во овој случај.
- Ех, како не го знам Кире. Од Божина Попоски детето. Едно русокосо, височко и наивно. Коњот го удри по мев и така настрада - ни зборува осумдесет и шестгодишниот Владе Илоски, по потекло од селото Глобочица, сегашен жител на Струга. А очињата чудно му светкаат. Мерак му е да зборува за неговото село. Погледот му е радосен.
СО ЌЕСИЊА ЗЛАТО КАЈ ВАЛИЈАТА ВО АНКАРА
Впрочем сите некогашни жители на Глобочица сега живеат во Струшко. Се иселиле во 1964 година, кога почнало да се полни езерото.
Во новата населба што се прави до езерото, главно составена од четириесетина нови куќи, претежно викендички на некогашните староседелци, се гради и црква - „Свети Илија“. Како онаа потонатата. А дедо Владе, и покрај тоа што има толку години, не мирува. Редовно оди од Струга до Глобочица, помага во правењето на црквата. Си го влечат корените, како ништо друго на светот што не го влече.
- Си имам викендичка таму. Редовно одам и си ги послужувам мајсторите што ја прават црквата со кафе, ракија, со што ќе се најде - вели староседелецот.
А за да ја направат новата црква, мака си мачат. Цел материјал го пренесуваат преку езерото, со сплавови и чамци. Ден по ден.
- Црквата што ја видов под вода сѐ уште е цела зачувана. Само на покривот се направила една дупка. Се сеќавам порано кога ќе се спуштеше нивото на водата, на површината од езерото се гледаше камбанаријата. Сега и таа попуштила од водата. Се срушила - вели Милутин.
Од пуста желба и мерак овие луѓе и на маки се подготвени. Како за изградба на новата така и кога сакале да ја изградат старата црква.
- Потонатата црква е градена за време турско. Мислам дека е од 16 или 17 век. Нашите отишле дури до Анкара, кај валијата, за да ни ја одобри изградбата. И паметни биле. Туп, со себе си понеле три-четири ќесиња злато. Му ги дале и нормално дека ќе им дозволи. Арно ама, срце турско не сака да покаже слабост. Им рекле - може да ја правите, ама само ако ја изградите три скалила подолу од земјата. За да се знае дека сте потчинети - ни раскажува дедо Владе.
И се враќаме во времето наназад. Гледаме црно-бела фотографија. Жени во носии сликани пред сега потопената црква „Св. Илија“. Со тепсии пред нив.
- Оваа слика е од Дуовден. Обичај беше сите жени да прават мазници. Задолжително носеа и кисело млеко - зборува Ванчо Попоски, фактограф за Глобочица.
Кога за некој човек ќе речете дека има пасија, да го познавате, неоспорно ќе помислите на него. Купишта, купишта фотографии од Глобочица. Во пакети. И сам што ги направил, ама има собирано и од оние постарите. И иако имал само 14 години кога се иселил од селото, пластично се сеќава на сѐ.
СО СЕБЕ ГИ ПОНЕЛЕ И МРТВИТЕ
- Ми текнува, кога бев дете, ѕидовите на црквата беа исцрнети. Па, татко ми рече - ај, да ги исчистиме. Зеде од Австрија некои сунѓерчиња и сапуни, немаше такви кај нас во тоа време. И зашто му беше страв да не ги оштети почна првин нежно да трие кај вратата. Виде дека убаво се чисти, па цела ја исчистивме. Тоа беше во 1961 година. Во 1964-та ја потопија. А убаво село беше. Имавме амбуланта, лекар, милиционерска станица, воденица. Ние сме првите што сами си направија хидроцентрала. Сами се снабдувавме со струја. Колку за по една светилка имавме. Сѐ памтам. Сегашни работи заборавам, ама работите од детството никако не се забораваат. Остануваат во главата, се врежуваат - вели Ванчо.
Тој при само една посета на езерото прави по 200-300 фотографии. Порано, кога немало дигитални апарати, знаел да потроши и по два-три филма. А од неговите слики можеме сѐ да видиме. Точно сѐ како изгледало, како биле облечени селаните, кој од која фамилија бил, рушењето на селото и неговото потопување. Тој со болка зборува за напуштањето на родното огниште.
- Сами моравме да си ги урнеме куќите, зашто ако ние не го сторевме тоа, државата ќе го стореше. А се бунеа селаните. Отпор даваа. А како одеднаш да отидеш некаде, кога нема каде да отидеш. Тоа било твој дом. Ни предлагаа да направиме друго село над нашето, па имаше предлог да ни изградат три згради и цело село да го сместат во нив. А во тоа време за нас беше несфатливо. Така, решија да нѐ преселат во Струга. Тогаш и мртвите си ги зедовме. А нема полоша глетка од таа. Ама не си ги зедоа сите, некои коски останаа. Не е лесно да ти рече некој да се преселиш од дома. Ама во тоа време, па и не смееше да одбиеш - вели фотографот.
ДРВАТА ВО ЕЗЕРОТО СЕ УШТЕ СЕ ЖИВИ
И го видовме езерото. Мирна вода, зеленило околу, некоја невидена енергија што смирува. Среде водата - зелено пластично шише. Означено е местото каде што се наоѓа подводната црква.
- Опасно е местото, под водата цело е со големи дрва. Такво ни беше селото, дрвјата се чуваа како очите, никој не смееше да ги сече. А теренот е стрмен. Па, кога ги гледам како одат по риба, а не го познаваат пределот, срце ми се стега. Ако се слизнат, нема излагање. Во почетокот е длабоко само едно метро, а потоа одеднаш десет. А дрвата внатре се како живи. Не се скапани, ако сакаш не можеш ни да ги скршиш - раскажува Ванчо.
А дедо Владе, пак, упорно си стои на ставот дека има некоја божја сила таму.
- Вие, помладите, не сакате во ништо да верувате. Ама мене два-тројца ми имаат кажано дека по полноќ се појавува светлина. И ќе отидат да видат што е работава, дали, можеби, човек осветлува, и нема никој. А не само сега. И старите гледале сноп светлина горе од Јабланица, како се спушта кон црквата „Св. Илија“ - со сјај во очите ни зборува дедото.
Неоспорен е фактот дека околу Глобочица има невидена енергија. А која е вистината не можеме никогаш да дознаеме. Останува само езерото да сведочи за едно време и длабоко во себе да ги крие тајните на еден свет.
Автор: Биљана Стојановска
Фотографија: Дарко Андоновски