Почина бездомник во центарот на Скопје поради негрижа на државата
Во непосредна близина на Градскиот трговски центар, почина бездомник. Мртвото тело на непознатиот маж легнато до една од трафиките во Жена парк, спроти ресторанот "Национал", го пронајде обезбедувањето на Трговскиот центар. Тие ја повикаа полицијата и Брзата помош кои веднаш пристигнаа на местото каде што лежеше бездомникот покриен со ќебиња. Лекарите само констатираа смрт. Засега сe уште не се познати причините за неговата смрт, ниту пак се знае неговиот идентитет.
Смртта на бездомникот наиде на револт кај вработените во Трговскиот центар. Според нив, тие пет дена се јавувале кај надлежните институции и барале од нив бездомникот да биде згрижен.
"Човекот умре поради негрижа на државата", револтирано вели една продавачка од дуќаните во непосредна близина на Трговскиот центар. Таа неколкупати се јавила во Брза помош и алармирала дека здравствената состојба на бездомникот е загрижувачка и барала од нив да му биде укажана лекарска помош. "Кога им кажав дека се работи за бездомник, тие само ми рекоа: 'Па тој нема здравствено осигурување. Извинете, не можеме ништо да помогнеме оти нема кој да ги намири лекарските трошоци", револтирано вели продавачката и јавно праша: "Кој сега ќе ги намири трошоците?", покажувајќи со прстот кон лекарите од Брза помош, кои во тој момент ја констатираа смртта на бездомникот.
Тие побарале помош и од Центарот за социјални работи и од Црвениот крст. Одговорите што ги добиле биле шокантни. "Кога се јавив во Црвениот крст и им кажав дека човекот пет дена е гладен, спие на улица и дека е тешко болен, од службеничката добив одговор од кој се шокирав. 'Не плашете се, госпоѓо. Ноќите сега не се толку ладни, нема да смрзне'. По ова јас ја прашав дали тие би спиеле на улица? Во тој момент таа ми го затвори телефонот", потресена и низ солзи раскажува друга продавачка.
За состојбата на бездомникот, кој бил на возраст од околу 60-ина години, бил известен и Центарот за социјални работи. Од таму им било речено дека ќе излезат на терен и ќе видат што можат да направат. "Наредниот ден забележавме како кај човекот дојдоа две момчиња кои носеа актовки во рацете. Едниот од нив го клоцна човекот кој лежеше на асфалтот. Слушнав како му рече на другото момче: 'Жив е, мрда, ајде да си одиме'. Не знам дали тие беа од социјалното", раскажува продавачката.
Вработените од Трговскиот му давале топол чај и храна и секојдневно се јавувале кај институциите и барале помош, но велат дека им е жал што не успеале да го спасат несреќниот човек.
dodeka pak Makedonija dozivuva Barok !!!