Дечко има пајтони видов уште пред 7 месеци чекав автобус 8-ца за дома.

Иначе еве ти ја цела статија
СЕ ВРАЌА УШТЕ ЕДЕН ДЕТАЉ ОД СТАРО СКОПЈЕ
Со пајтон низ Скопје 2014
Со неговите пет пајтони, Миле сака на туристите, но и на скопјани да им овозможи неповторливи прошетки низ плоштадот Македонија, Кејот, Старата скопска чаршија и низ Градскиот парк и мисли дека тоа многу убаво ќе се вколопи со зградите во изградба со кои ќе се врати стариот изглед на градот. Со пајтоните на Миле сега се возат младенци, матуранти, а последниве две години најмногу ги бараат муслиманите кога прават сунет
Романтична прошетка со пајтон наскоро нема да биде сеќавање на старо Скопје туку нова туристичка атракција во главниот град. Единствениот пајтонџија во земјава Миле Трајковски сака, како и пред седумдесетина години, пајтонот да го воведе како превозно средство. Со неговите пет пајтони, Миле мечтае на туристите, но и на скопјани да им овозможи неповторливи прошетки со пајтон низ плоштадот Македонија, Кејот на реката Вардар, Старата скопска чаршија и низ Градскиот парк. Со тоа, смета Миле, ќе се врати духот на некогашно старо Скопје и градот ќе заличи на европските метрополите каде што пајтонот се користи за туристичко разгледување.
"Мислам дека во Скопје постојат сите услови за да се воведе пајтон. Турите нема да бидат низ улиците каде што има сообраќај туку во пешачките зони. Се подготвувам оваа моја идеја да му понудам на градоначалникот Коце Трајановски и се надевам дека, без размислување, ќе ја прифати, оти пајтоните ќе го разубават градот. Сега во Скопје се градат згради со кои ќе се врати стариот изглед на градот, па сметам дека и пајтонот многу добро ќе се вклопи во амбиентот. Во сите европски метрополи пајтоните се користат како туристичката атракција, па зошто не би ги имало и кај нас", вели Трајковски.
Приказната за пајтонџијата Миле од скопско Ново Село почнува пред 12 години, кога тој го купил првиот стар, неупотреблив пајтон, кој се користел во старо Скопје, и почнал да го реставрира. Откако стокмил два пајтона, сфатил дека од нив може и да профитира, ако ги користи како превозно средство за свадби и за матурски.
"Љубовта кон пајтоните постои кај мене уште од мал. Првиот пајтон го купив без умисла дека можеби тоа ќе ми биде професија, и без идеја да го воведувам како превозно средство. Чисто од љубов, сакав да имам еден дома. Но откако го реставрирав првиот пајтон, не можев да сопрам. Почнав да патувам надвор од земјава, да барам стари пајтони и да ги реставрирам. Во моментов имам пет употребливи, од кои два пајтона се од Скопје, а три од Германија. Уште два се надевам дека летово ќе доведам во топ-форма. Еден е пајтон за погреби, кој ми го донесоа Роми од Шутка и, откако ќе го средам, граѓаните ќе можат своите блиски да ги погребуваат со пајтонска кола. Вториот пајтон кој го реставрирам е затворен, односно е кралска кочија, и едвај чекам да биде готов оти ќе изгледа спектакуларно, нема да има невеста што нема да сака со него да се вози на денот на свадбата", ја почнува приказната пајтонџијата Миле Трајковски.
Процесот на реставрирање на пајтоните, вели Миле, не е воопшто лесен, но сепак ужива во секој ден од обновувањето на со години старите превозни средства. За да биде еден пајтон повторно употреблив, потребни се најмалку 4 месеци секојдневна работа, но и доста средства.
"Не ги реновирам сам пајтоните. Ми помага човек што ми ги крои материјалите со кои се обвива пајтонот, а дедо Цане од Куманово е задолжен за поправка на тркалата. Цената на еден стар пајтон се движи околу 3.500 евра. Плус тука се и трошоците за реставрирање. Во зависност од тоа колку се зачувани или колку ги уништило времето, за нивното повторно враќање во живот потребни ми се од 500 до 1.000 евра", вели Миле.
А вистински пајтнонџија не можеш да бидеш ако немаш коњи, па така и Миле веднаш до неговата куќа има коњушница во која одгледува коњи. Во моментов има пет коњи, за секој пајтон по еден.
Најпрвин почнал да ги вози бадникарските кумови на прославата на Бадник, па младенци на денот на нивните свадби, матуранти, а во последно време глава не може да крене од сунети. Возењето со пајтон за сите пригоди Миле го наплатува околу 100 евра
"Сите досега го опишуваат возењето со пајтонот како незаборавно искуство. Се случувале и мали проблеми. Така, на една свадба, откако ја зедовме невестата и требаше да одиме кон матично, кобилата Маја седна среде улица и не сакаше да стане. Невестата се испаничи, мислеше дека на Маја и се случило нешто, па ќе задоцнат во матично и во црква. Но сe добро заврши. Кобилата, откако пет минути се одмори, се исправи, и тргнавме кон матично", низ смеа раскажува Миле.
Кога го вози пајтонот, Миле е облечен во специјална облека. Црн костум, бела кошула, црна вратоврска, шапка и ракавици. Вели дека без оваа униформа не би бил вистински пајтонџија.
"Најголем проблем ми беше да најдам соодветна шапка. Сменив неколку мајстори за шапки, додека ми ја погодија вистинската", раскажува Миле.
Додека се движи низ улиците низ кои фрчат возила, Миле нема никаков проблем. Вели дека од автомобилите му свиркаат, но не поради нервоза туку само да го поздрават. Сето тоа му дава надеж дека неговата идеја за враќање пајтонот како туристичка атракција во главниот град, нема да биде примамлива само за туристите туку и за нашите граѓани.
Во старо Скопје имало 153 пајтони
Во старо Скопје од 1918 до 1941 година најраспространето превозно средство бил пајтонот. Во 1930 година во Скопје имало вкупно 153 пајтони.
Пајтоните се увезувале од Виена, но биле правени и во Скопје и во Битола. Обично ги влечеле пар коњи, но имало и такви со еден коњ, а во зависност од временските услови, биле отворени или затворени. Пајтонџиите работеле во дневна и во ноќна смена. Дневната била од 6 до 20 часот, од април до октомври, и од 7 до 18 часот по октомври. Во ноќната смена, односно до полноќ, низ Скопје возеле само 4 пајтони, а по полноќ само два. Цените за возење биле различни, во зависност од тоа колку луѓе се возат и колкава е дестинацијата.
Пајтонџиите имале обврска за задолжителна годишна регистрација и преглед. Тие настојувале коњите кои ги влечат пајтоните да бидат со иста или со приближно иста боја
извор:
http://www.vest.com.mk/default.asp?ItemID=9773DD7635664E40A0670A06DA6E61ED
+ ГРАТИС ОД МЕНЕ ЕДНА СТАРОГРАДСКА ПЕСНА

Чифте, чифте пајтонлари / çifte çifte paytonları
во прво одделение ја пеевме
