Војници во велешката касарна салутираат пред албанско знаме!
Војници во велешката касарна салутираат пред албанското знаме. Со албанска песна во заднина, средени кревети, војниците еден по еден си ги кажуваат имињата и му даваат рапорт на старешината.
Ова видео е објавено на 21 Февруари 2009 година на интернет сајтот Јутјуб, но денеска повеќе граѓани до медиумите алармираа за оваа снимка. Бараат осуда и казна и за војниците и за министерот. Командантот на касарната во Велес Љупчо Костоски, не сакаше да ја коментира снимката која наводно била направена во една од собите на касарната. Од Министерството за одбрана велат дека овој видео материјал не ја отсликува состојбата во АРМ.Еве ја реакцијата од Министерството зa одбрана во целост:
Во врска со објавениот видео материјал на интернет порталот ,,Кирилица“, насловен како ,,Скандал на албански војници во Велес“, со кој се предизвикува омраза и нетрпеливост на верска и национална основа, Министерството за одбрана (МО) и Генераштабот (ГШ) на АРМ истиот најостро го осудуваат, заради што стручните служби на ГШ на АРМ работат на расветлување на околностите, идентитетот на лицата и сите останати моменти поврзани со објавениот материјал.
Во оваа прилика сакаме да укажеме дека содржината на објавениот видео материјал не ја отсликува состојбата во АРМ, особено во делот на безбедноста и меѓуетничките односи помеѓу нејзините припадници. Сакаме уште еднаш да потенцираме пред јавноста во Република Македонија дека, еден од главните предуслови за успесите и високите оценки кои АРМ ги постигна на домашен и меѓународен план, е токму нејзиното мултиетничко ткиво, како Армија на сите граѓани на Република Македонија. Со задоволство можеме да констатираме дека МО и ГШ на АРМ во изминатиов период направија огромни напори за еднаква и правична застапеност на припадниците од етничките заедници, како во МО, така и во АРМ, како институции во кои имаат можност за професионален развој на сите нивоа.
МО и АРМ интензивно работат на утврдувањето на фактите за конкретниот материјал, така што доколку се утврди било каква инволвираност на припадници на АРМ во посочениот случај, ќе бидат превземени мерки согласно законите и прописите.
Канал 5
----
Time.Mk