Еве едно мое резиме за целата сезона.
Вложивме 250 милиони, донесовме нови играчи, управа тренер.. И на почетокот на сезоната се тоа доста добрo делуваше, значи додека игравме со чкљ тимови на кои без големи потешкотии можеше да им се даде 4-5 гола. А тогаш, првиот посериозен тест, и веднаш кикс, беше тоа Севиља, потоа мртвиот Милан кој не успеавме да го победиме во два натпревари, и кој во свој стил ги однесе трите бода од Бернабе. Дека овој тим нема карактер и мадридски дух, се докажа во првото Ел Мадрилењо, во кое водевме 0 – 3, и за две минути примивме два гола, а Атлетико многу лесно можеше да стигне и до реми. Потоа Ел Класико на Камп Ноу, и покрај тоа што бевме гости јас очекував бод, но ништо. Имавме играч повеќе и не успеавме да постигнеме гол, па дури и Барселона имаше многу поголем посед на топка од нас. Потоа одличен натпревар против Валенсија на Местаља, но следеа гостувањата во Баскија (Осасуна и Билбао) на кој беше императив да се освојат шест бода, а ние на двата натпревари освоивме само два бода. Потоа следуваа победи над просечни тимови, и на ред дојде осминафиналето од лигата на шампионите.
Прв натпревар во Лион за кој само можам да кажам дека Пуел го надмудри Пелегрини, кој немаше муда да тргне напред и да постигне гол, туку мирно да го чека реваншот. Реванш на Бернабе... Стадионот полн, навивачите желни за победа, мотивот е тука(финале на Бернабе) но Пелегрини уште еднаш докажа дека нема искуство во големите натпревари, дадовме гол и се затворивме, и веројатно чекавме продолжени, па може и пенали за Икер да не спаси. Тогаш се случи она што го заслуживме, Пјанич за 1 – 1, после тоа можевме да примиме уште два гола, среќа што Лисандро беше смотан. Значи шести пат испаднавме во раната фаза од тоа натпреварување. Со испаѓањето од Јувентус започна тој пад, но Јувентус тогаш беше голем европски тим, а Реал беше рамноправен, и само момент на инспирација на Марсело Залајета го реши тој натпревар. Година дена подоцна Арсенал предводен од сјајниот Анри многу лесно помина со Реал, кој во два натпревари успеа да создаде само една стопроцентна шанса, стативата на Раул на Хајбери. Уште една сезона отиде во неповрат. 2007 Реал за противник го добива Баерн Минхен, кој тогаш ја проживуваше една од најголемите кризи во својата клубска историја .И покрај тоа, швабите успеаа повторно да не елиминираат, а Реал повторно прикажа една бледа игра. Наизглед кога ќе се погледне вкупниот резултат изгледа сосема неизвесен, но тоа беше само по заслуга на феноменалниот Икер. 2008 година убодот на веќе ранетиот Реал и го нанесе Рома. Секоја чест на римјаните затоа што ни одржаа уште една фудбалска лекција, но тоа е клуб кој во својата целокупна историја вложил помалку пари од Реал оваа сезона. Претходната сезона Ливерпул без Џерард успеа да не добие на Бернабе со 0 – 1, и да ни покаже на Енфилд како се игра во ЛШ.. А оваа сезона тоа го направи Лион, кој заедно со стадионот не вреди колку Реал. Реаловите играчи во кои ние се колниме изгледаат смешни покрај некаков европски противник. Едноставно, Реал Мадрид нема карактер за некаков успех во Лигата на шампионите.
Затоа што кога Олимпијакос пред две години со играч помалку ни го диктираше темпото во Мадрид, или Вердер без осум стандардни првотимци, или еден Милан кој може да се каже дека тогаш губеше од кој стигне во Серија А, вистинскиот и реален навивач на Реал Мадрид треба да се запраша на кое ниво тоа Реал падна ? Падот на Реал е многу голем, затоа што за шест натпреварувачки сезони не може да се зборува за некаква несреќа. Ние пак ќе кажеме дека Реал е јак затоа што ги има едни од најдобрите и најскапите играчи на светот, но резултатите покажуваат друго. Реал Мадрид не е јак, и не може да се носи со јаките европски тимови, затоа што, сакаме ние тоа да го признаеме или не, Реал Мадрид нема карактер како што во последните години го имаат тимови како Манчестер, Челзи, Барселона, кој во последните 5-6 години секогаш се наоѓаат во завршницата на Лигата на шампионите. Вистината нас ќе не боли, но тоа не може да се негира, бидејќи фактите и мислењата на вистинските фудбалски познавачи не одат во наша полза.
Толку за Лигата на шампионите, потоа дојде второто Ел Класико, напнатоста кај фановите на Реал се чувствуваше, но нашите играчи немаа желба за победа, и затоа четврти пат по ред Барселона ни одржа фудбалска лекција. И што да се каже уште, ги победувавме Тенерифе, Ваљадолид, Мајорка, Билбао, се радувавме на неуспехот на Барселона во Лигата на шампионите, но се е џабе кога немаш радост од саканиот тим.
Јас секогаш сум задоволен од Реал Мадрид. Објективно, требаше подобро оваа сезона, но вистинското прашање е дали и можеше да се направи нешто повеќе оваа сезона. Она што е наша вистина, е дека од клуб како Реал Мадрид секогаш се очекува се и највеќе од нив... и секогаш ќе се очекува. Поради тоа е тешко да се носиш со таков притисок. Големото и славно самозадоволство во историјата какво што нема ниту еден клуб е голем товар за играчите, но и последица. Да се направи чекор напред од веќе достигнатото, кое тешко дека некој во блиска иднина ќе може да се престигне е речиси невозможно без нови мотиви! Каде да се најдат тие мотиви ?
Не сакам и понатаму да филозофирам, за крај само честитки за Барселона за оваа тешко освоена титула, но исто така и честитки за нашите играчи поради издржливоста и храброста да им се спротивстават на еден од најдобрите фудбалски колективи во историјата, и да им дишат во врат до самиот крај. Тоа е она што ме прави задоволен. Мислам дека играчите се оние кои заминуваат, а ние навивачите оние кои остануваме.
Верувам дека дојде време после 7 сушни сезони(не ги сметам титулите во Примера) повторно да се формира еден силен тим на Реал... Тим кој ќе го дрма светот.
ХАЛА МАДРИД !