Иако за баба ми фудбалот секогаш ќе остане деведесетминутно трчање на дваесет души по топка, за некои од нас фудбалот е повеќе од спорт. Најважната споредна работа my ass. Кога Мајкл Болтон ја испеа When a man loves a woman, веројатно светот сфати дека типот слабо стоел пред телевизор за викенд, дури ни прегледот на колото не го гледал. Жените се минливи, фамилијата ја сакаш по дифолт, клубот останува вечен. Некои велат „одбрав да навивам за фиљан и фиљан клуб...“, фраза со која од старт можеш да процениш дека се бетер и од нашите политичари, кои толку лажат и не’ убедуваат дека се’ е розево, што дури и самите си веруваат.
Клубот те бира тебе, а не ти него. Без разлика дали на тоа ќе влијае твојата омилена боја, некој играч за кој судбината ги наредила коцките токму тогаш да настапува во тој клуб и да ја испишува историјата, или пак едноставно си почувствувал љубов на прв поглед и пеперутки во стомакот. Љубов е кога како копиљ бегаш од часови за да гледаш натпревар на твојот клуб на стадион или во училишната сендвичара на телевизорче на кое газдата гледал Макфест 1963. Љубов е кога победата на тимот ти е поважна од петката во училиште. Љубов е кога ја лажеш девојката дека цепиш дрва за да не излезете, со цел да гледаш дерби. Секако, не одобрувам лажење, ама се’ за љубов нели. Дури ќе се осмелам да кажам, љубов е и кога ќе стигнеш до стадиум татко ти да ти рече: „Сине, има и други работи во животот освен фудбал“.
Најпросто, така би му дошло. Кога ќе почувствуваш како очите ти солзат од радост за освоена титула, или кога паѓаш во едномесечна депресија по пораз на пенали во финале, тогаш си ја почувствувал љубовта.
Истрајноста да го бодриш Јуве во втора лига, нервите потрошени гледајќи го твојот Ливерпул како губи бодови од кој стигне, ентузијазмот да се надеваш на титула и да го вртиш муабетот „има уште едно коло до крај“... Карактеристики за пофалба и поздрав за секој прав навивач.
Искрено, не можам да ги сфатам тие што на навивач на Челзи му викаат „немате историја, се’ ви е џабе“, а на навивач на Ливерпул му велат „не гледајте трофеи и титули, туку освоете титула во ПЛ барем во следниве 20 години“. Група на квази-навивачи на кои главна цел им е да имаат минимум три препирки и да изнервираат барем пет души во денот.
За да не го носам текстов кон негативностите што ги среќаваме секојдневно на ова поле, ќе го приведам кон крај.
Сакајте се, сакајте го клубот безрезервно, затоа што таа љубов секогаш ќе биде обострана и вечна. Единствена љубов за која не треба да се бориш е мајчината, и онаа на клубот.