СО ПРОВОКАЦИИ ЌЕ СЕ РЕЛАТИВИЗИРА ДОЛГОГОДИШНАТА РЕПРЕСИЈА ВРЗ ОМО ИЛИНДЕН-ПИРИН
Бугари ќе парадираат низ Велес
Во голема тајност поради стравување од инциденти, во Велес се подготвува првиот собир на Бугарите во Македонија. На собирот, кој треба да се одржи во почетокот на ноември, Асоцијацијата на Бугарите во земјава треба да стане дел од меѓународната асоцијација на Бугарите во светот, како прв чекор кон формирање политичка партија. Активистите вклучени во подготовките на собирот велат дека добиле препорака од централата во Варна да анимираат што повеќе луѓе да станат членови на здружението за да може полесно да регистрираат партија, што е нивен приоритет во следните неколку месеци. Имињата на претседателот, потпретседателот и генералниот секретар на новата асоцијација засега се држат во тајност. Организатор на собирот е бугарскиот професор Григор Велев, кој е и прв човек на Светската асоцијација на Бугарите. Тој вели дека намерата за формирање разгранок во Македонија е поврзување на околу шест милиони Бугари низ целиот свет. - Сакаме да го видиме духот и желбата кај луѓето да станат дел од Асоцијацијата на Бугарите во светот. За таа цел ќе одржиме повеќе разговори со неколку организации за одблиску да видиме кои се нивните ставови за ова прашање - изјави Велев. Велев е познат по своите националистички изјави и негаторскиот однос кон Македонците. Минатата година тој дури изјави дека Бугарија е единствената држава во светот „чиишто граници ја делат Бугарија од Бугарија“. На конститутивното собрание на новото бугарско здружение во Македонија, кое се одржа во август, привременото раководство објавило дека се планира издавање весник на бугарски јазик во Македонија и дека финансиски ќе ги помага сите активности на македонските граѓани кои се чувствуваат како Бугари. Политичарите во Бугарија во своите изјави постојано истакнуваат дека властите во Македонија имаат негаторски однос кон нивните бугарски сограѓани. Најгласен во критиките е ултранационалистот Красимир Каракачанов, претседател на бугарската ВМРО, кој пред неколку дена изјави дека главна цел на неговата партија и натаму ќе биде битката за правата на Бугарите во Македонија. - Македонија треба да биде слободна држава, но таму да се биде Бугарин се уште е криминал - истакна Каракачанов. Веќе постојното здружение на Бугарите, „Радко“, не се согласува со ставовите на новоформираната асоцијација затоа што смета дека тие одбрале погрешен метод за бранење на интересите на Бугарите во Македонија. Владимир Панков, првиот човек на „Радко“, вели дека бил поканет да се приклучи во новата асоцијација лично од Велев, но не прифатил бидејќи имаат сосема различни ставови за исти прашања. - Не се согласувам со нивните позиции и на ниеден начин не сум вклучен во работата на новото здружение. Приоритет на „Радко“ ќе биде пререгистрација во судот во Охрид, за што веќе поднесовме жалба пред Управниот суд - вели Панков. Македонските судски органи веќе осум години одбиваат да го регистрираат здружението „Радко“ со образложение дека нивната платформа е против уставниот поредок на Македонија и шири верска и национална омраза. Судот бара здружението да промени дел од статутот за да може да биде регистрирано како здружение. Минатата година Судот за човекови права во Стразбур донесе одлука во корист на „Радко“. Според таа одлука, Македонија е должна да го регистрира здружението и да исплати отштета од пет илјади евра.
сега треба како тие на гробот на Сандански да им вратиме