Клетва, себенаметната, проклетство од боговите, незнаење, недостиг на желба за упорито постигнување на целите, комплаценција или замор како народ и нација?
Или сите три заедно.
Од одредени причини нема да одам во сферата на метафизичкото и да претпоставувам улога на дивинитет во нашата состојба, туку ќе се задржам на нашата ментална матрица, која носи шеми на однесување, кои пак, како последица се презентираат себе ко само-исполнувачко пророштво (self-fulfilling prophecy).
Доволно е да се освренеме на народното творештво и да имаме основни историски познавања, за да забележиме дека во колективниот, национален, ментален склоп (да, убедена сум дека такво нешто де факто постои) има шаблон кој носи трагедија иницирана од пасивност, пасивна-агресивност, амбивалентност, ситнодушност и завист.
И баш тие психолошки одредници можат да се пресликаат во секоја македонска трагедија, било како нејзин иницијатор, или последица, или пак двете.
А, дали самите тие се божји "подарок"/кармичка лекција или едноставно наши девијации потхранувани од самите нас...не би можела,поточно сакала, да тврдам.
За среќа, секогаш кога се наоѓаме пред екстремни ситуации, умееме ,барем на кратко, да искочиме од тој зачаран круг, и да манифестираме активност, храброст, креативност, широчина на цели и идеали...
Денес, сме исправени пак пред таква екстремна ситуација. Денес пак се спремаме да пополниме уште една страница од нашата трагедија.
Па, се надевам дека не сме отупеле од сите претходни премрежија, и дека нема да се однесуваме ко војаери и да се дистанцираме, додека трагедијата се пишува во наше име, туку ќе одлучиме, уште еднаш, сами да се погрижиме за себе и нашата приказна.