ВНУКОТ НА ПОРАНЕШНИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СФРЈ ПОРАЧУВА
Да беше геј, Тито ќе беше омилен Да сакаше мажи, мојот дедо Јосип Броз Тито денес ќе беше популарен, истакна Јошка Броз, внук на поранешниот претседател на СФР Југославија, на завчерашната церемонија по повод роденденот на Тито во Белград, пренесоа српските медиуми. Југоносталгичари од разни краеви на поранешната СФРЈ завчера го одбележаа роденденот на маршалот со врачување на штафетата на младоста на неговиот внук Јошка. Внукот на Тито, пред платото на Музејот „25 Мај“ на Дедиње во Белград, со звуците на некогашната химна „Хеј Словени“, партизанската песна „По шумама и горама“ и „Рачунајте на нас“ на Ѓорѓе Балашевиќ, прими осум штафети од сите републики на поранешна СФРЈ, освен од БиХ. Сеќавањето на Ден на младоста, внукот на Тито го искористил за рекламирање на својата нерегистрирана комунистичка партија, предупредувајќи дека услов за влез во Европската унија е сите да се декларираат како хомосексуалци. - Митот за Тито се повеќе расте. Се обидуваат да го прикажат како лош човек и како женкар. Но, тоа е нормално. Да сакал мажи, веројатно денес би бил популарен. Не принудуваат да влеземе во Европа, а услов за тоа е да бидеме хомосексуална популација. Немам ништо против геј-популацијата, но да не дозволиме тоа да ни го прават на улица. За мене е геј ако маж сака маж, жена - жена, жена - девојче - објасни Јошка Броз пред околу илјада собрани граѓани, кои ова излагање го поздравиле со скандирање и со аплауз.