Пред првото коло пишав дека овој тим е за некаде 81 бод.
Сезоната ја завршивме со 75 бодови, но завршницата се играше без натпреварувачки мотив, а после Рома и Интер, атмосферата и во тимот и околу клубот отиде во негатива, па останатите натпревари беа само одработени. Што значи дека реалниот домет, доколку не се случеше ова во финишот, ќе беше преку 80 бодови. Нешто и претходно сме освоиле што не сме заслужиле, нешто сега сме изгубиле, но 80 беше реално без распадот.
Конкуренцијата во првенството беше послаба од очекувањата, освен доминантниот Интер. Па така, мислам дека 85-88 бодови (можеби горнава граница е преоптимистичка) беше реалност за овој тим во ваква лига.
Интер ако не направи некои драстични промени, а нема најави да оди во тој правец, со овој тренер и овој тим би требало повторно да стигнат до 90 бодови.
Е сега, конкуренцијата за очекување е да биде посилна. Наполи со Конте, Јувентус со Мота, подобри Рома и Лацио, Аталанта сега постабилна после две сезони на повторно градење.
Ако биде вака, тогаш за нас ќе биде уште потешко. Односно, доколку сега сме биле, по мојава логика што ја објаснував погоре, во позитивно сценарио на 85 бодови, следната во потешка конкуренција, овој тим би бил на 77-80.
Значи, Милан летово треба да сработи за минимум 10 бодови доколку сака да е конкурентен за титула. Од правење добри трансфери, до правилен избор на тренер.
Но, ова е доколку фатиме позитивен тренд. Со ваква атмосфера околу клубот, климав почеток со нов тренер, може да не доведе до Наполи сценарио од оваа сезона. Не доволно добар резултатски почеток, притисок, влегоа во процес на нови промени, што беше погрешен и сега ќе завршат на средина на табела. Плус, ние што овие две сезони го критикуваме Пиоли, го земаме ова каде се наоѓаме, здраво за готово, и обрнуваме внимание само на слабостите, на лошите работи. Ќе видиме од следната сезона дали е така.
Како ќе ја средат и водат ситуацијата, не знам. Како и да е, за тренерот и фудбалерите мора да одлучуваат луѓето што ја водат спортската политика. Монкада, Ибра, Отавио и други колку ги има испод нив, сигурно се поспособни од трибина, новинари, навивачи по социјални мрежи. Не биле идеални, но и претходно кога на чело беше Малдини и потоа, докажаа дека тој тим е способен. Претерано потклекнување под мислењето на јавноста или препуштање на одлуки на луѓе што се надвор од спортскиот дел (Фурлани, Кардинале), нема ништо добро да донесат. А ниту ќе има кој да сноси одговорност, поточно пак тоа ќе се префрли на спортскиот сектор.
Но, без симбиоза со навивачи (од Курва Суд, до оној што цело време пишува по социјални мрежи, купува дрес, сонува да отиде на Сан Сиро), исто така ништо не бидува. Како ќе го најдат тој баланс, тие нека му мислат.