Стадионот „Филип Втори“ не ги задоволува критериумите на УЕФА
Арената „Филип Втори" реално нема никакви шанси да биде домаќин на натпревари од Европското фудбалско првенство во 2020 година, ниту на кое било друго големо натпреварување, бидејќи не исполнува речиси ниту еден од стандардите на УЕФА.
Ова е болната вистина со која вчера нѐ соочи европската куќа на фудбалот во извештајот за евалуацијата на сите стадиони кандидати за организација на Евро 2020, во кој покрај стадионот, се оценети и сместувачките капацитети, патните мрежи, легалните и политички аспекти на еден таков грандиозен настан. Но, иако од УЕФА не се задоволни ниту од капацитетот на аеродромот „Александар Велики“, укажуваат и дека хотелите немаат доволен број на соби, а понудените тренинг-комплекси не ги исполнуваат основните критериуми, најмногу забелешки има арената „Филип Втори“,
јавува порталот „Спортмедиа“.
УЕФА оценува дека капацитетот на стадионот (32.483) не е доволен поради тоа што една третина од седиштата не се покриени во случај на дожд. Што се однесува до пристапноста до стадионот, нема обележани и точно дефинирани паркинг-места. До УЕФА не биле пратени никакви релевантни сертификати за стадионот, ниту план за евакуација. Не е обележана локацијата на контролната соба, ако таа воопшто постои.
Што се однесува до удобноста на гледачите, стадионот нуди само ограничен број на тоалети и влезови, а не постои соба за прва помош, ниту специјализирани делови за лица со инвалидитет. Димензиите на теренот (105м х 68м) ги задоволуваат стандардите на УЕФА, а соблекувалните за играчите и просториите за официјалните лица се на самата граница според својата големина и локација.
Не се исполнети барањата за големина на ВИП трибина, ниту за големината на подтрибинскиот простор за ВИП-гостите. На стадионот нема скајбоксес (модерни ложи), а деловите за корпоративни гости се премногу мали. Поради сето ова, УЕФА оценува дека вакви објекти ќе мора да бидат изградени надвор од стадионот. Недоволна е информацијата и за техничките и телеком стандарди, како напојување, рефлектори, мегамонитори, соби за звучна контрола и за контрола на температурата.
Стадионот не ги исполнува стандардите ниту за медиумите бидејќи просторот за преноси е премногу мал, како и прес-центарот, па овие објекти според УЕФА повторно ќе мора да бидат изградени надвор од стадионот. Собата за прес-конференции, микс-зоната и просторот за фотографирање исто така се премногу мали. Внатрешното ТВ-студио и она покрај теренот не можеле да бидат оценети, бидејќи вооптшо не биле вклучени во описот на проектот.
Конечната одлука на УЕФА околу 13-те града организатори на Евро 2020 ќе биде објавена за точно седум дена (19 сптември), но со сите овие замерки, навистина е тешко за верување дека некогаш воопшто „Филип Втори“ ќе биде домаќин на нешто повеќе од квалификациски натпревари и концерти на Жељко Јоксимовиќ и на слични естрадни ѕвезди, за кои стандардите се далеку пониски, пишува Спортмедиа.