B
Beck's
Гостин
На последните шест натпревари на домашен терен прими само еден гол - Марко Јовановски
Победничката серија од три натпревари и дозволи на Шкендија полесно да „дише“ во борбата за опстанок. Иако сѐ уште не е сигурна во елитата, екипата прикажува фантастични игри, кои дефинитивно може да и гарантираат опстанок. Според голманот Марко Јовановски, серијата може да продолжи и против Брегалница, но тимот мора да биде и внимателен.
„Нормално дека очекувам победа над Брегалница, но секако не се залетуваме. Имаме три од три на последните натпревари, меѓутоа на овој натпревар треба да влеземе со ладни глави. Секако очекуваме победа и продолжување на добрата серија. Ќе го дадеме максимумот па ќе видиме како ќе одат работите“, вели чуварот на мрежата на тетовци.
Јовановски смета дека тимскиот дух и сите играчи се заслужни за пресвртот во резултатите и играта оваа пролет. Тоа што на секој натпревар различни играчи се истакнуваат е само плус за екипата.
„Колективот дефинитивно е нашето најсилно оружје. Нема делење на поединци и јас не можам да истакнам некого, затоа што ние функционираме како тим. Се гледа дека секој натпревар некој друг фудбалер се истакнува и тоа е нашата сила. За нашите победи имаат заслуги сите, а не поединци“, истакнува 25-годишниот голман.
Шкендија на последните шест натпревари на домашен терен има примено само еден гол, но чуварот на мрежата смета дека оваа добра форма може да продолжи до крајот на првенството.
„Секако очекувам оваа добра серија да продолжи и не само утре, туку и што е можно подолго и следните натпревари. Но со господ напред да мислиме од натпревар за натпревар и се надеваме дека ќе продолжиме во овој ритам“, завршува Јовановски.