- Член од
- 28 октомври 2005
- Мислења
- 8.293
- Поени од реакции
- 1.646
Тоше (Тодор) Проески е роден во Прилеп на 25 јануари 1981 година. Неговата музичка приказна почнува со двете победи на фестивалот посветен на младите надежи "Мелфест", во 1996 и 1997 година. Следуваа настапите на двата најреномирани домашни фестивали "Макфест" 1997 со композицијата "Пушти ме" и "Скопје" 1998 со "Остани до крај". Лавината никој не можеше да ја сопре. Бројни награди, фестивали... Албумите "Некаде во ноќта" и "Синот Божји" го постигнуваат невозможното. Во 2001 година според гласовите на читателите на "Вечер" е прогласен за ТВ лице на годината. По извонредно успешната серија концерти во Универалната сала, во октомври 2001 го полни и престижниот "Сава Центар" во Белград.
Во тоа време Тоше Проески соработува со дел од најдобрите македонски композитори Григор Копров, Кире Костов, Кристијан Габроски, Хари Котларовски, Горан Милошевски и текстописците Огнен Неделковски, Миодраг Врчаковски... На третиот албум "Ако ме погледнеш во очи" соработува со познатиот грчки композитор Фибос, текстописецот Марина Туцаковиќ, диџеј Каан, турската група "Харем", кои гостуваа на две песни. Продуцент на албумот беше Манолис Влахос.
Соработката со менаџерката Љиљана Петровиќ, со која ја замени екипата на Авалон, две години по "Ако ме погледнеш во очи" во 2004 му го носи двојниот албум "Ден за нас", на кој е сместена евровизиската "Ангел си". Следуваат одличните "По тебе", "Божилак" и последниот "Игри без граници". Денот на вљубените оваа година беше резервиран за одличниот концерт во белградска Арена, следува концерт на Градски стадион и пак, на 5. октомври, концерт каков што Македонија ниту доживеала ниту ќе и се повтори.
И недостижното го правеше возможно. Лесно дофатливо. Сосема извесно со потпишувањето на договорот со англиската продуцентска куќа Пипл ин моушн беше на прагот на светска кариера, затоа што Тоше е човекот кој со само една песна - "Чија си" успеа да се вивне на недостижни позиции и во соседството: Србија, Босна, Хрватска, Словенија...
Сите се поклонуваа пред легендата. Бројни настапи, награди, гранд при-ја, Хрватски Радиски фестивал, Србија, Босна... Молскавично ги освојуваше топ-листите, со леснотија ги полнеше концертните сали и најважно од се, царуваше во срцата на илјадници обожаватели. Кариера недостижна за многумина! Замина кај ангелите, но не и во заборавот!
едитирано од модератор
Разочарување. Немам други зборови освен овој, за да ја искажам мојата импресија од долгоочекуваниот концерт на Тоше Проески во Љубљана, кој се одржа на 1 јуни во љубљански Крижанки. Не од пеењето и настапот на балканската ѕвезда. Ние, македонските иселеници во Словенија, сме разочарани од односот на Тоше кон својата земја, јазик, култура. Не ми е јасно зошто Проески сите композиции ги испеа на српски јазик, а и со публиката комуницираше на овој јазик?
Словенечките медиуми пред концертот му посветија големо внимание на неговиот настап, потенцирајќи ги неговите вредности, нарекувајќи го „македонскиот Павароти“ и најавувајќи го како македонска музичка ѕвезда, а Тоше како да не сакаше да биде Македонец. Тој дури го исмејуваше македонскиот јазик, кога ја најавуваше својата песна „Соба за тага“. Ја најави на српски, а на Словенците им рече дека тие тоа би го превеле како „Собата за тагата“, алудирајќи на членувањето во македонскиот јазик.
И насловот на неговиот најнов албум, наместо со убавиот македонски збор Виножито, го промовираше како „Божилак“.
За споредба, една недела пред неговиот концерт, во Крижанки гостуваше португалската кралица на фадо-музиката Марица, која сите песни ги отпеа на португалски јазик. На почетокот праша колку Португалци има во публиката и само двајца кренаа рака. И покрај тоа, Марица не' натера да пееме делови од нејзините песни на португалски јазик и постигна прекрасен контакт со публиката. Така најдобро си ја промовираше државата и јазикот, кој многу мал број луѓе го разбираат.
За време на концертот на Тоше ги набљудував и другите Македонци во публиката кои ги познавам. Наместо гордост - срам. Со наведнати глави го пречекаа прашањето на Тоше има ли Македонци во публиката. Не се ни обидоа да кренат рака.
Тоше Проески, кој е и амбасадор на Стопанската комора на Македонија, не би смеел така да ја промовира Македонија и македонскиот јазик. Дали неговата менаџерка од него сака да направи српски идол? Според сето она што го видовме - веројатно да. А плативме скапи влезници - поскапи дури од концерти на светски музички ѕвезди, стоевме три часа. За разочарувањето да биде комплетно се погрижи и озвучувањето на концертот. Како професионален музичар, Тоше би требало да ја знае границата на вкусот и да не дозволи непрофесионалното озвучување да го претвори концертот во едно врескање и грмење. И наместо доживување од убавите звуци на неговите интерпретации, доживеавме звучен шок. Како уметнички уникум, Тоше Проески треба да знае од своите настапи да прави гала-концерт, а не панаѓур.
Јелица Ѓорѓиева Порента, дипл. музиколог од Љубљана и научно-технички и судски преведувач за македонски јазик
Потполно се сложувам со јелица и ставрно не ми е јасно како можат нашиве пејачи да не си го сакаат јазикот и нацијата и да пејат на туѓи јазици а толку крв има дадено Македонија за долгоочекуванат независност а они така да се однесуваат.