За мене не е лесно, за нив веројатно е полесно, тука станува збор и за талент, но со тој талент, можеш да живееш само ако државата зема од другите за да им даде на нив. И тоа не само кај нас, туку веројатно и во другите држави е така.
Восхит е зезнат аргумент, тоа е веќе играње на емоции. Јас се восхитувам и на гоблените на баба ми, па не барам таа да биде државен уметник.
Се восхитувам и на балерини... И тоа не е (само) оној тип на одушевување што го имаа партизаните (подоцнежни удбаши и други партиски функционери) кои по симнување од планина се испооженија со балерини, глумици и сл. Јас навистина го ценам балетот, дури и повеќе сакам да отидам на концерт на филхармонија, но прашањето е на чија сметка сето тоа, драги дами и господа почитувачи на уметноста!?
Аргументот ’ако има за други глупости, зошто не и за нив’ држи вода, но половично само. Навистина, ако веќе треба некаде да се крати, тогаш првин треба да бидат избркани еден куп административци, кои пак ептен не прават ништо, општество од нив нема никаква корист, ниту онаа духовна што можеби ја има од уметноста. Исто важи и за политичарите.
Но, едно погрешно трошење на пари, не оправдува друго. Кое трошење на пари е погрешно? Секогаш кога на сила ќе се земе од едни да се даде на други е погрешно трошење на пари.
Ако Трајко сака да гледа балет тој ќе плати карта, исто и за филм, претстава, концерт и сл. Ако сака да иде да лепи стотки на некоја пејачка во кафана треба да му се дозволи така да си ги троши парите.
Тој аргумент е несоборлив. Секој знае најдобро како да ги потроши парите, ако веќе сам знаел/бил способен да ги заработи, зошто некој друг (најчесто) не доволно способен да зароботи, би одлучувал што Трајко да прави со неговите пари?
Е сега доаѓа оној аргумент за ’општо добро’, ’општествена одговорност’ и сл. Нашите соседи даваат за култура и наука, а тие сакаат да не уништат, па затоа треба и ние, така некако би звучел аргументот. Не сум сигурен колку е издржан, но тоа е единствена причина зошто би постојале вакви институции... А да, и духовно воздигнување на граѓаните и граѓанките.
Ако твојот непријател купува оружје, нормално е и ти да почнеш да го правиш истото. Така јас гледам и на разните институции за проучување на минатото, па дури и на овие што се бават со ’жива култура’. Иако јас сум секогаш работите што повеќе да се развиваат од доле, а не од врвот да биде натурано, што и како... Гледате не сум толку радикален...
А изгледа дека Музејот на македонската борба е и единствена таква институција која би можела и самостално да се издржува...
Па, затоа и сум спремен да прифатам нешто да оди и за тие дејности, но не прифаќам плачање и држење лекции за морал од нив, тоа најчесто преминува во презир кон другите нас ’обичните смртници’.
Прашање е и колку и ваков начин, кога државата стои позади се, придонесува да имаме подобри книги и претстави. Еве што вели австрискиот писател Томас Бернхард:
Ау, состојба на ум, демек није прости не знаеме што е уметност, што значи култура, па трескаме глупости. Ограничени на певајки, непросветена сељачана, па ни треба просветен апсолутизам да не научи што и како.
Знаеш што е најголем проблем? Тоа е нивен избор!!! Според мене, секој треба да си ги сноси последиците од својот избор. Никој не ги терал да ја изберат таа професија. Ако не можеш да играш после 40 години, подготвувај се на време за друга професија. Постојано луѓе на таа возраст остануваат без работа, па менуваат професија...
Но, нели
темата беше околу платите... Гуглав малку, но без многу успех. Најдов една табела со коефицинети, според кои се исплаќаат платите (од 2011). Така ’балетски играч трета група’ (вкупно има четири групи) има поголем коефициент од кустос советник, да не збориме за балетски играч од втора или прва група.
А ’кусто советник’ е врвот, не може повеќе. За таа позиција потребно е да има докторат. Значи, тој ако ништо друго барем инвестирал околу 7 илјади евра во себе (магистерска плус докторат). А и не оди млад во пензија.
Така да, има малку неправда и во самата систематизација меѓу овие што земаат пари од култура.
А и глумци, членови на филхармонија, па и балерини, може и да тезгарат, да снимаат филмови, да формираат школи за танци (модерни, класични, народни).