Омилени стихови од македонски поети

Член од
26 јануари 2007
Мислења
2.202
Поени од реакции
1.943
Небиднина

1.

Патував долго, патував цела вечност
од мене до твојата небиднина.
Низ пожари патував, низ урнатини,
низ пепелишта.

По жега, по суша, по невиделина.
Се хранев со лебот на твојата убавина,
пиев од грлото на твојата песна.

Не гледај ги овие црни суводолици
што го параат моето лице-
ми ги подари лицето на земјата.
Не гледај ги овие нерамнини врз плеќите-
ми ги донесе умората на ридјето.

Погледај во овие раце-
два огна,
две реки
темно чекање.
Погледај во овие дланки-
две полиња,
две суши
глуво лелекање.

Патував долго, патував цела вечност
од тебе до мојата небиднина

2.

А се' се случи една ноќ,
ноќ стебла,
ноќ лисје,
ноќ, студен ров.
Паднав, потонав во високи треви,
во треви и густа мов.

Се случи тоа една ноќ
вистинито и невистинито
налик на старинска приказна
закопана длабоко во свеста.
Ти дојде и ме однесе како глува поплава,
како матица од подземни места.

И сега сам,
пред овој рид од болка и човештина,
на патишта што не ги знам
завивам раскинат од глад и пцости.
Ти дојде како црна вода на болештина
со која се болува довек
од сите проклетства и злости.

3.

Водо непроѕирна, водо црна,
ти што откинуваш секој ден
по еден никнат цвет
од каменот на моето чело
и го фрлаш во мрачните бездни
под леката лушпа на своето тело,
водо непроѕирна, водо црна,
кој ти го даде тој облик
на таа мисла и прекрасна и страшна
што го обвива моето срце
како стебло млада срна,
кој ти го даде тоа име,
водо непроѕирна, водо црна.
Кој тоа невидлив во мене седи
и пали таен оган,
кој и го руши на крвта ѕидот,
кој ми го краде слухот,
кој одзема видот,
кој пласт врз плсје неуморен реди,
кој тоа невидлив во мене седи.

4.

Стебло што самееш на ридот,
мако во ровка земја,
кој ти ги даде моите очи
што зреат во сонот на твоите лисја.
Погледу зелен, зелено вишнеење,
кој не осуди на исто бдеење.
Стебло што самееш на ридот,
мако во ровка земја,
од каде твоите длабини во мене,
од каде ти во мојата крв.
Кој ти ги избриша со рака лесна
сите далечини,
сите близини,
кој ни ја досуди таа небиднина
да бидам стебло, да бидеш песна.


Оздравување на болниот

Над градот се вијат облаци темни,
облаци темни над градот сноват,
леле господи од господ да прокопсаш
со какви злини на мене киниса,
со какви нови нечовештини сврати
и какви патила ми прати
што кружат над мене ко стрвни мршојади
и по морето на мојата душа ко црни галии пловат.

Ме најавна тешка болест, од тешка болест телото ми е закоравено
и на врв планина само да чамее оставено.
Телото ми гори од оган, врели думани се креваат од него
,
ги замаглуваат сите планини и котлини,
од таа замагленост очите не ми гледаат ништо,
само долу во низините бесни далги вијат и се мачат
да го заплиснат закоравеното тело
и да го одвлечат низ далечната шир.
Но се' е попусто-вијот на далгите кај телото се стопува во скаменет мир.
Врелите думани ветриштата ги расцепуваат,
попуштаат дувлата на горештината
и гласот на поетот одекнува од врвот на планината:
„Јас сум ви тешко болен, и ќе ме снема,
ме дави и гуши подземна стија.
Млад сум а душата ми е остарена
од љубовта моја неостварена, љубовта Македонија“
Од овој глас поетот се стресе
и сам на себе гласно си довикна:
Зар лежиш уште, станувај поету,
здравјето ти е растурено по патиштата на светот,
Македонија е во светот, а светот во Македонија.
Твоите очи греат ко сонце
низ твојата песна уште недопеана.
Од своите зборови поетот се сепна
срипа и на далечен пат тргна,
по долгите патишта на светот се отсликуваше ликот на Македонија,
а ликот на светот во Македонија.
Низ Македонија шуркаа струи на здравје и свежина
а болештините се топеа како снегова грутка-тежина.


Клошарска песна на поетот

Струполен паднав и лежам под ѕидините на градот
и не можам ни чекор напред нити пак назад да сторам.
Ѕидините дишат со здивот на мојот разурнат дом,
а мојата небиднина извалкана од врвиците на рајот и на адот
одненадеж му удира и заслепува како некој штотуку пробуден гром.
Како да станам и да се борам? Треба да станам и да се борам...

Станав ли, не ли?-Не знам.Но знам како се разденив во градот на проколнатите поети.
Беше тоа час и време на еден долго смируван и скротуван ѕвер.
Клошарски што лунѕа низ пространите чекални и сали
и ги бара и собира последните отпушоци како реликвии стари
за кои може единствено и искрено да се жали
овде или во кој и да е Салпетриер на светот.

Љубов моја, мое од најчиста роса исковано име,
ти секој ден доаѓаш да ја смируваш твојата неодминлива болка
додека сета утроба и целото тело ко пожар на океанот ти гори,
земи ме, мила, изведи ме,
изведи ме под својата широка и смирувачка стреа,
изведи ја оваа птица низ леглата на пожарите,
низ леглата на пожарите од кои зеленило пука
и едно чудесно дрво разлистува и расне и живот од небиднината смука,
Изведи ме низ леглата на пожарите
да ми испопукаат дамарите,
а јас во твојот преграб да се распрснувам како црн балон смеа,
и живото во овој град полека да ми се гаси
за животот на ова дрво небиднината што ќе го спаси.


Во тишината

Ако носиш нешто неизречено,
нешто што те притиска и пече,
закопај го во длабока тишина-
тишината сама ќе го рече.

Ацо Шопов
 
Член од
10 февруари 2008
Мислења
3.947
Поени од реакции
2.060
ТЕШКОТО-БЛАЖЕ КОНЕСКИ

О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,
Штом тапан ќе грмне со подземен екот —
Во градиве зошто навирува река
И зошто ми иде да плачам ко дете,
Да превијам раце, да прекријам лик —
Та гризам јас усни, стегам срце клето,
Да не пушти вик.

О тешкото! Старци излегуват еве,
На чело им мисла, во очи им влага
И првиот чекор по меката трева
Е мирен и бавен, со здржана тага.
Но ’рзнува тапан и писок се крева
И молнија светнува во секој глед,
И напред се пушта, се стрелка, се слева
Стегнатиот ред.

До старците момци се фаќаат скокум,
Не издржа срце — сив сокол во клетка,
Не издржа пламен жив потулен в око,
Не издржа младост што сака да летне!
Се залула оро! Се заврте земја,
И чигиш — се корне стресениот век,
И околу трпнат ридиштата темни
И враќаат ек.

И божем се врасло кипнатово оро
Со исконска сила за земјава наша
И во него шуми на реките зборот,
И во него рика див ветер и страшен
И во него шепнат узреани житја
И вечерен мирис се разлева тих,
И земјата дише во пролетна ситост
Со запален здив.

И душата, чиниш, на родот мој мачен
Во тешково оро се уткала сета —
Век по век штто трупал си попуст и мрачен
Од крвава болка, од робија клета,
Век по век што нижел од корава мисла
За радосна челад, за слободен свет,
Од песна — за љубов што гине со пискот
Ко жерав во лет.
 
Член од
20 декември 2005
Мислења
179
Поени од реакции
1
Aj pust da e pust da bi ostanal zivotot kuceski.....
 
Член од
26 јануари 2007
Мислења
2.202
Поени од реакции
1.943
ТАА

Никојпат не е таа сама.
Таа се две: онаа која бесконечно молчи
и онаа која го слуша моето молчење.

Никојпат не е таа сама.
Таа се две: онаа која бесконечно чека
и онаа која влегува во своето чекање.

Никојпат не е таа сама.
Таа се две: онаа што е распната
и онаа која ги кове клинците врз себе.

Оваа песна до бесконечности продожува
зашто никојпат не е таа сама:
сама се чита - сама се пишува

Сама себеси врата - сама себеси клуч


Анте Поповски
 

еци^^^

Walking the line of nature's palm
Член од
9 декември 2005
Мислења
2.945
Поени од реакции
58
Македонија – Анте Поповски

Еве ја таа проста земја
од дволичен камен
и сонце

Децата уште незаодени каде откопуваат
лобањи по градините

Еве ја таа проста земја
од пајажина
и од води

Мудро слободата кај што ги запишува
селските имиња
Место икони по црквите

И каде летото како судбина
Трае до последниот востанат

Еве ја таа проста земја
од заморено дишење
и од молк

Низ која времето одминува
и пак се враќа
Со неа да го сподели лажното траење.

О, еве ја таа проста земја
од грч
и од чекање

Што ги научи и ѕвездите да шепотат на македонски
А никој не ја знае.


Песнава е прекрасна. Не можев да ја најдам цела, зашто ја вратив збирката во Библиотека, но деновиве ќе ви ја напишам цела. Најубавата песна за Македонија.
 

Medea

Облинеса
Член од
25 април 2007
Мислења
2.973
Поени од реакции
3.269
од Лилјана Дирјан-оваа ноќ
Се ме напуштило оваа ноќ
си отишло некаде
си се спасило
Само Тој останал
на перницата ме
чека буден
ноќта со него се зголемува
не го објаснувам,
не го давам никому
ако во љубовна прегратка
го дочекаме утрото
ќе заминеме заедно
јас, Тагата, тој, Очајот
 

ada

Модератор! ок?
Член од
21 август 2006
Мислења
5.706
Поени од реакции
566
The hymens of words are bursting
spattering blood - an lyrical saliva
penetration lubricated in sagacity.
Fragrant lances sink inside
but right inside
the tongue's anagram is
an insatiable game
from my gullet to yours
The more archaic
the more festive
the dialect of love
the hymn of the lips
the red forecourt of the throat

give it
honey-baked
peasant bread, tongue-bread
tongue on the spit, earth rust-red
take it from me!

We think up lingual digressions
excursions to pure regions of the world
reciprocal situation plays:
The god of our tongue is dead
(therefore he's God)
now we have every right
to reshape him
to change him
between us, so that magnanimously
we're consumed by fire
both in dream
and in reality.
 

CafeDelMar

Luminance
Член од
29 октомври 2007
Мислења
6.502
Поени од реакции
14.677
Богомил Ѓузел-Твоите пет минути


Постојат пет минути во некој час
што не можеш да ги издржиш,а мораш-
би излегол надвор,би врескал,би се смеел
но не смееш поради другите или поради себе


место тоа седиш в училница грицкајќи нокти
чекаш на ред,маршираш во строј спиејќи
се возиш во автобус како во вселенска кабина
палиш уште една цигара на некој состанок


а тој се одолжува зад таа цигара и другата
и петте минути стануваат цел час
часот ден,денот месец,година итн.
дур не ти се убие желбата да врескаш и плачеш


а кога конечно ти успева да излезеш незабележано
во тебе сепак сите одеднаш се вртат
како да си излегол од нивните животи
а не само од својот.
 

Тањушка

pretty mama
Член од
17 јануари 2006
Мислења
365
Поени од реакции
29
ГАНЕ ТОДОРОВСКИ

ФУСНОТА БЕЗ ПОВОД

Ги оставивме мускулите на село,
ги оставивме легендите, ливадите, лошините,
зареците, клетвите, благословиите,
дотековме како пролетен порој-одненадеж,
за да му станеме квасец на градот,
за да му станеме озон на градот,
за да го помакедончиме Скопје-
Ој, МакедонијО, малодушна и кибарна,
кај ти е без нас алот!

Дотековме во град по весници, по струја,
по телевизори, по стадиони, по кина,
по бањи домашни, по чисти клозети, по тротоари,
дојдовме за да дрнчиме секој први
пред благајните,
дотековме, дотрчавме, доклинкавме,
Ој, Македононијо, кај ти е без нас алот!

Ој, Македонијо, градска и социјалистичка,
натема ти го селото обескозено,
обезлуѓено, како по чума поморија,
Ој, Македонијо, со пет епископи
и илјада икони испокрадени,
Ој, Македонијо, со сојузни министри
и судбини на периферија,
Ој, Македонијо, со јоги душеци, со терени за скијање,
со пленуми, со црква автокефална,
со тела самоуправни, со штедни книшки,
со приватни земјоделци, со коли половни,
со сметки девизни, со дефицитарно осигурување,
со први домати во републиката,
со четиринаесет академици, со безброј политичари,
со евтин зеленчук, со таан-алва,
со голем број дипломати и со ниски плати,
со две затворени граници, со трета хипокритска
и четврта замислена,
Ој, Македонијо, на конкурси и конгреси,
на два Илиндена и филмови нетитлувани на македонски,
Ој, Македонијо пленумска, синдикална
од лани уште синодална, автокефална,
колку ќе биде платен тутунот годинава?
Колку кредит ќе ветат банките?
Колку ли уште приватни крчми ќе отвориме?
Колку девизи надвор ќе депонираме?

Ој, Македонијо со голем број неписмени,
со Академија на науките и уметностите,
со беспрекорна грижа за народностите,
со мал тираж на весници, со многу пензии,
колку навистина ќе биде платен тутунот?

Ој, Македонијо, кај ти се селата Мијачки?
Кај се Помаците? Кај се ветросаа?
Кај се Егејците? Кај се витосаа?
Ој, Македонијо, распослана од Узбекистан
до Анадолија, Канада и Австралија,
од Балтик до Карпатите,
до немај-каде, до глувчина дупка
до канцелариите на бирократите.

Ој, Македонијо, не пати за Патакос,
многушто уште ќе доживееме!
Ој, Македонијо, пушти го родот нека се растура
небаре семето Хамово, небаре проколнатици.
Живите треба да живеат, мртвите ќе починуваат
а безработните ќе трагаат по работа.
Ој, Македонијо, науми почит кон мртвите,
збери ги коските на своите заљубеници,
коските Мисирковите, коските Цепенковите,
коските Ѓорче Петровите,
прибери ги во Скопје,
покрај Гоцевите, покрај најсветите,
и крени крај нив паметник
на неродениот Македонец.

Ој, Македонијо,
колку ли уште ни треба
за да те домакедончиме!
 
Член од
19 септември 2005
Мислења
5.616
Поени од реакции
180
Затемнение
од Богомил Ѓузел
И некој рече:
Нека биде мрак
Па така и бидна

ко да ти ги издупиле очите со игла
ко да ти истекло виделото во дланка
ко да си Едип тргнат кон Колон

со стапот (меѓу нозе?) како шесто сетило
сега си пророк и вид и светло не ти требаат
те води издресираниот пес на судбата

ти си видовит во сопствената куќа
дур другите пипаат во мрак и се акаат
им светат крвави светулки на болката

и не дај боже да се врати светлото па да прогледаш
ќе си го загубиш имунитетот на пророк
на последната дупка од шупелката

на која и онака нема кој да свири
зашто му недостига шестиот прст
а во мракот му е тешко да ја најде правата дупка



Македонија
од Анте Поповски

Еве ја таа проста земја
од дволичен камен
и сонце
Децата уште незаодени каде откопуваат
лобањи по градините
Еве ја таа проста земја
од пајажина
и од води
Мудро слободата кај што ги запишува
селските имиња
Место икони по црквите
И каде летото како судбина
Трае до последниот востанат
Еве ја таа проста земја
од заморено дишење
и од молк
Низ која времето одминува
и пак се враќа
Со неа да го сподели лажното траење.
О, еве ја таа проста земја
од грч
и од чекање
Што ги научи и ѕвездите да шепотат на македонски
А никој не ја знае.


Голапче
Константин Миладинов

Голапче, мало хубаво, голапче златокрилесто,
кога ти дојде при мене? И кога в часот побегна?
Уште ја глас ти не слушнаф, уште те арно не видоф.
Дан' ми се, мило налјути? Дан' ми се добро насрди
заш не ти хубост пофалиф? заш не ти крилја помазниф?

Ела ми, мило, ела ми, ела ми сега при мене.
Ја ке ти хубос пофалам, и ке ти крилја помазнам,
ја ке те тебе назобам се со дробнаго бисера,
ја ке те чува секога, мое ми мило, в пазува!
 
Член од
6 септември 2007
Мислења
2.255
Поени од реакции
116
Радован Павловски

Ме мачат прокоби,
Крвави играрии на векот.
Ни потопи, ни суши не ќе ме слезат од височини.
Не` смрт без слобода, не` без Македонија!

Та кој ми ја краде земјата и во очи ми ја фрла,
кој ми го погани морето,
звезди крвави ќе му потопам!

Овдека, и тревка се бори за сонце и за слообда
oвде, и семето јачка во земјина утроба.
Крени се море, градобран биди!
Пред налет на стрели сараценски,
смрт или слобода и за бога одлука стравотна е,
a камоли за овој народ унесреќен.

И ако умрам, а не стигнам да ве опоменам
во природата и надвор од неа.
се`, што допрев и помилував, ќе загрми!
А ако сиве вас, не ве збрав на покрив на слободата,
и ако во себе не ја допрочитав вашата душа
се плашам да не ве измамат
оти има лажно сонце,
и рана пролет среде зима тешка
та така да ги измами на видело вљубениците во слободата,
а потем на нишан да ги земе,
ете, од тоа ни страдаат поколенијата
Македонијо, кога ќе те помакедончиме?!
 

ada

Модератор! ок?
Член од
21 август 2006
Мислења
5.706
Поени од реакции
566
Прогонет јазик

Заседи му поставуваа
На јазикот мајчин
Во утра и самраци
Зад грмушки и зад авлии
Под дрвја бујнозелени
И прозорци натажени

Ѕун на погромно ехо
Ведрини затемнуваше
И песните приспивни
И песните свадбени
Ги заглушуваше
Со тетор чудовишен
Над живиот збор

Беспредел горчина зацари
Во крајот егејски тогаш
Кога ритери мрачни
Со закон го забранија
Јазикот мајчин

~Васко Караџа~
 

MorrisonKA

You need a fucking hobby, bitch!
Член од
23 март 2007
Мислења
815
Поени од реакции
27
Предели на несигурност

Планини што страдаат од вртоглавица.
Езера што панично се плашат од облици.
Камења што од долго стоење стануваат меки.
Птици што лазат низ подземни ходници.
Пејзажи во кои грмушките се доближуваат едни до други.
Пејзажи во кои куќите се оддалечуваат едни од други.
Рамнини во кои џиновски лилјаци ги гонат осамените дрвја.
Реки што долго се премислуваат пред своето устие.
Мочуришта во кои тонат сенките на минувачите.
Шуми што долетуваат ноќе со меки кадифени крилја.
Соѕвездија што постепено се селат во туѓи краишта.

Влада Урошевиќ
 

ada

Модератор! ок?
Член од
21 август 2006
Мислења
5.706
Поени од реакции
566
Во брановите на носталгијата

О, бранови бурни, нескротливи
Бранови на нашата носталгија
Неутешна и незгаслива,
За родните ни огништа
Што ги ограбија безмилосно
На носталгијата за изгубените татковини
За нашите со цвеќа засеани ридишта
За планините, за шумите и имотите,
За бистрите извори и полјаните
За нашите светилишта
За нашите свети обичаи
За нашите празници, за ората

О, бранови вечни нескротливи
До кога ли безжалосно ќе ни бие
Вашата горчлива пена изморени и истоштени
Во нашите потонати надежи..
Сожалете ни на крајот од краиштата
И однесете ни во родните места
Да си поплачиме барем за малку
Во една тишина скаменета
Врз раните на неостварените соништа

~Васко Караџа~
 

Kajgana Shop

На врв Bottom