подолг текст ама вреди да се прочита
Средна класа
Драган Тевдовски 28 септември 2015
Дали вие припаѓате во средната класа во Македонија? Или ако сакате уште попрецизно: колку пари месечно едно домаќинство треба да има во земјава за да влезе во средната класа? Според дефиницијата на Дајана Фарел, која беше заменик претседател на Националниот економски совет на САД, средната класа започува од точката во која на домаќинството му останува една третина од доходот за дискреционо трошење откога ќе ги покрие основните трошоци за храна и домување.
Колку пари се потребни да се покријат основните трошоци за храна и домување во земјава? Според Синдикалната минимална кошница, во декември 2014 година, за исхрана и пијалaци на едно четирчлено домаќинство му биле потребни 13.540 денари, а за домување 10.335 денари. Или вкупно за храна и домување 23.875 денари. За да му остане уште една третина од расположливиот доход на домаќинството, тоа треба да има месечни примања од 35.812 денари. Оваа сума ја претставува долната граница за влез во средната класа на едно семејство во Македонија.
Мислите дека оваа сума е прениска? Имате право. Синдикалната кошница се вика минимална бидејќи ги претставува најнеопходните трошоци за живот на едно домаќинство. Тоа не се просечни просечни трошоци, туку минимални – најнеопходни за егзистенција. Основатa е четворочленото семејство кое купува најнеопходни производи за храна, живее во стан од 50 квадрати и не поседува автомобил. Но, ајде како долна граница за средна класа да ги земеме најнеопходните 35.812 денари месечно. Колку домаќинства живеат во Македонија со повеќе од 35.812 денари месечно? Можеби 50% од домаќинствата? Или повеќе, сепак власта секојдневно рекламира нови мерки за подобрување на економскиот амбиент во земјава?Не е така.
Во табелата е претставен распоредот на домаќинствата во земјава во десет групи, според расположливиот доход.Тој опфаќа повеќе категории: од приходи во редовен и вон редовен работен однос, преку приходи од пензии и примања од социјално осигурување, па сѐ до позајмици и намалување на штедењето. Првата група ги претставува 10% од домаќинствата во земјава со најнизок расположлив доход. Нивниот просечен месечен доход во 2014 година изнесувал 5.489 денари. Втората група ги претставува вторите 10% од домаќинствата во земјава според расположливиот доход. Нивниот просечен месечен доход во 2014 година изнесувал 9.990 денари. И така, движејќи се нагоре низ групите се стигнува до 10% од домаќинствата во земјава кои имаат највисок расположлив доход. Нивниот просечен месечен доход во 2014 година изнесувал 71.143 денари. Извор на овие податоците е публикацијата за Потрошувачка на домаќинствата во Република Македонија на Државниот завод за статистика.
Табелата јасно покажува дека 70% од домаќинствата во Македонија не влегуваат во средна класа, дури и ако за долна граница се сметаат оние најнеопходни 35.812 денари. А, да не ви должам. Во литературата се смета дека од средната класа се излегува доколку домаќинството се наоѓа во 5% од домаќинствата со највисок доход. Главна причина е што во оваа група се влегува пред се заради наследено богатство, или врз основа на претходни или тековни економски ренти што се поврзани со монопол или други привилегии, односно се многу помалку поврзани со продуктивни и пред сѐ активности на труд. Ова значи дека средната класа во Македонија е скоро целосно збришана и во моментов во неа влегуваат само 25% од домаќинствата во земјава (домаќинствата кои се наоѓаат во осмата, деветата и половина од десетата група).
Двете најважни цели на борбата за враќање на средната класа се: (1) домаќинствата во групите под осмата да започнат да се враќаат во средната класа и (2) реалниот медијален доход да расте. Медијалниот доход е подобра мерка од просечниот доход, бидејќи просекотдава искривена слика кога значајно расте доходот на домаќинства со највисок доход, бидејќи ги вклучува и нив. Медијалниот доход го претставува доходот на домаќинството кое што се наоѓа точно на средина на подредените домаќинства во земјава според доходот. Медијалниот доход во 2014 година изнесувал 23.099 денари (збир на 20.893 и 25.305 денари, поделен со два). Тој означува дека 50% од домаќинствата во Македонија имале понизок доход од 23.099 денари, а 50% од домаќинствата повисок доход од 23.099 денари.Знаете ли колкав бил медијалниот доход пред четири години (во 2010 година)? Тој изнесувал 22.730 денари. А, ако се земе во предвид дека кумулативната инфлација во последните четири години изнесува околу 10%. Тоа значи дека реалниот медијален доход во 2014
година е значајно понизок од тој во 2010 година.
Ова беше колумна за целта. Ако ја знаеме целта ќе знаеме каде одиме.Ниедна реформа досега во Македонија немаше за цел враќање на средната класа. Има одлична мисла за ова во една убава детска книга. Алиса: „Може ли да кажете по кој пат да тргнам од тука?”M: „Тоа зависи од тоа каде сакаш да стигнеш.” Алиса: „Не ми е важно каде.”M: „Тогаш не е ни важно по кој пат ќе одиш.