Писмо до скитникот
Драг, Чарли! Светлата на велеградот наречен планета Земја, се згаснаа. Големиот диктатор на материјализмот сее оружје за да жнее пари. Ова се модерни времиња сега, златната грозница не е завршена, веселиот скитник е на колена, го убија детето во него.
Драг Чарли, се замислувам себе како шетам низ денешната Америка, размислувам што да ти кажам. Се чувствувам како нем филм заробен среде галамата на запчаниците на оваа глобална машинерија. Не можам да излезам од моите обични мисли, од моите пцости, реченици, стравови и страсти. Џорџ Буш помладиот ја бомбардираше месечината, храна за месечарите, нафта за месечева прашина. Каде почна тој, неговиот наследник продолжи. Америка е земја иста како Македонија, илјадапати поголема од неа, досадата овде е иста како онаа дома, илјадапати поголема само. Ја шетам во мисливе земјата каде што ти цупкаше со бастунот и не сум носталгичен. Не тажам за дома, се дебелеам како сите други. Мек Доналдс е Бог, водата смрди, порно индустријата ми дава надеж, а и пцостите наши лесно ги преведов на англиски. Не зборувам ич! Молчам исто како што молчеше твојот скитник, слободата на молкот ми го гарантираат со устав. И тука контејнерите се полни како дома, од нив чади ужасот на Африка, сиромаштијата и лагата на светот. Метроата се полни со потта на проклетите, потта на медиумски оглупавените. Луѓето се згужвани, луѓето се депресивни, луѓето се луди, нервозни и гневни, живеат за да им отплаќаат камата на банките, ин гад ви траст, видаут кредит ви даинг фаст. Џери Спрингер е милионскиот психијатар, сестрите Хилтон се во мојата постела, рекламните паноа се полни голи девојки, продаваат надеж, три долари за во рајот. Глупите фрази ќе ти го купат умот, душата ти ја земаат на царина, Холивуд те чека, улиците се крвави, борделите полни и никој не ти подметнува дрога во пијалакот.
Драг, Чарли! Еве ме дома, Македонија станува иста како Америка, илјадапати помалечка само. Политиката е неуспешна стендап комедија, политиката е лажна црвенобуржоаска револуција, ќе ти ја пресече главата ако носиш нешто во неа. Медиумите се полни неписмена просечност, среќа што технологијата е напредна, смислила копче „исклуч“ на далечинските управувачи. Старците мечтаат за младоста, возрасните се убедени дека мечтаењето е привилегија само на младите, младите стареат, фантазијата им се фати и загуби на социјалните мрежи. А таму, на мрежите, љубовта веќе не е ин, еротиката ја замени фотоалбум на кој тинејџерки позираат во своите соби, си прават си ви на идни спонзороши и курвичиња. Таму, во мрежите, момчињата веќе не сонуваат за првиот бакнеж, смислуваат начини како да си ги испокршат едни на други главите. Кога не можам да ја напалам својата сосетка или соученичка, затоа што тие сонуваат за газди и менаџери, тогаш подобро да палам знамиња и автобуси.
Драг Чарли, тука запирам, на светот му фали скитникот со насмевката, за да го спаси детето во секој од нас.
Автор: Александар Русјаков