Германската „Костал“ ќе инвестира во охридско-струшкиот регион
Нови можности за вработување на охриѓани и стружани. Германската „Костал“ е новата инвестиција во технолошко-индустриската развојна зона во Струга. Ќе се вработат 1000 лица.
Нови можности за вработување на охриѓани и стружани. Германската „Костал“ е новата инвестиција во технолошко-индустриската развојна зона во Струга. Ќе се вработат 1000 лица, кои најпрво ќе произведуваат мехатронички производи. Ова на својот facebook профил го најави премиерот Груевски.
Инвестицијата ќе започне во 2015 како браунфилд проект, а за околу 2 до 3 години ќе се развие во гринфилд инвестиција.
-„Со задоволство ги објавуваме нашите планови за зголемување на производтсвените капацитети во Европа преку инвестиција во Македонија. И двете страни се посветени на финализација на договорот, кој се очекува да се комплетира во јануари идната година, изјави потпретседателот на „Костал“, Кристофер Сандерс во писмото до Владата.
Компанијата „Костал“ е поделена на 4 главни производствени делови – автомобилски електронски систем, индустриска електроника, конектори, тест технологија и соларна електрика. Производството главно е наменето за поголеми индустриски организации. Со над 38 капацитети во 17 земји, оваа фирма вработува над 15.000 лица.
Во период од само една недела, ова е трета инвестицијата која ја најави Владата. Претходно одлука за вложување во Скопје објави автомобилската компанија „Капкон“ од САД, која планира да вработи 400 лица за производство на инфлатори за воздушни перничиња. Американската „Гентерм“ пак ќе отвори капацитет за прозиводство на грејачи за седишта и грејачи и системи за ладење за волани во Прилеп и има во план во првите три години да отвори 1000 работни места, а подоцна уште 1000.
На отворената седница одржана викендов, министрите задолжени за привлекување странски инвестиции, најавија нови 2.500 работни места за период од 5 години кои треба да се отворат со инвестиција на американско - германска компанија. Се чека нивната конечна одлука. Пред влез во земјава се и две белгиски и една швајцарска компанија заинтересирани за вложување во Полошко, како и една германска за во прилепско.